У.бр.64/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71, а во врска со членот 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на

а) Борис Младеновски од Велес за заштита на слободите и правата повредени со Решението ССЖ.бр.122/2006 од 2 февруари 2006 година на Апелациониот суд Скопје и дејствијата кои претходеле на донесувањето на ова решение и

б) “Економски промет” ДООЕЛ експорт-импорт од Велес, застапувано од Тодор Жабев, кое нема правен субјективитет во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот.

2. Тодор Жабев, законски застапник на правното лице “Економски промет” од Велес и Борис Младеновски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободи и права утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Подносителите во барањето како акти и дејствија со кои им биле повредени слободите и правата конкретно го наведуваат Решението ССЖ.бр.122/2006 од 2 февруари 2006 година донесено од Апелациониот суд Скопје и дејствијата од 15 јули 2005 година кои претходеле на донесување на ова решение.

Според наводите содржани во барањето за заштита на слободите и правата причините за поднесување на ова барање се што на двајцата подносители не им било доставено Решението Ст.бр.71/ 96 од 15 јули 2005 година донесено од Основниот суд Велес, иако за тоа, во својство на доверители на стечајната маса на стечајни­от должник “Графичар” АД-Велес, повеќе пати се обраќале до Стечајниот совет. Исто така, не им биле доставени ниту останатите спорни и сомнителни одлуки во врска со стечајната постапка, “особено со криминалната продажба на целокупниот имот на стечајниот должник”, како што се наведува во барањето.

Понатаму, во барањето се наведува дека со овие акти и дејствија на службените лица во стечајната постапка подносителите на барањето биле грубо дискриминирани, односно им биле узурпирани и оштетени нивните права и слободи утврдени во членовите 8, 9, 15, 24 и 30 од Уставот. Со овие акти и дејствија, според наводите во барањето, сериозно се доведувале во прашање и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 од Уставот.

Како доказ за наведеното, кон барањето за заштита на сло­бодите и правата подносителите приложија соодветна документација и предлагаат увид во списите на стечајниот предмет Ст.бр.71/96.

3. Судот на седницата, врз основа на приложената документација утврди дека подносителите на барањето “Економски промет” – Велес чиј законски застапник е Тодор Жабев и Борис Младеновски, се дове­рители во постапката што се води против стечајниот должник “Графи­чар” – АД Велес. Во тоа својство, а во врска со стечајната постапка подносителите на барањето иницирале соодветни други судски постапки (граѓански и кривични) од кои некои се завршени, а други се уште се во тек.

Меѓу постапките што тие ги иницирале е и постапката што се водела по нивната жалба по која е донесено Решението ССЖ. бр.122/06 од 2 февруари 2006 година на Апелациониот суд Скопје, кое се посочува како акт со кој им биле повредени слободите и правата за кои подносителите на барањето бараат заштита од Уставниот суд на Република Македонија. Според изреката, со ова решение жалбата на доверителите “Економски промет” – Велес и Борис Младеновски од Велес, изјавена против решението на Основниот суд Велес Ст.бр.71/96 од 15 јули 2005 година, се отфрла како ненавремена. Со ова решение, се отфрла како недозволен и предлогот на истите доверители за дополнување на решението на Апелациониот суд Скопје, ССЖ.бр.2102/05 од 15 декември 2005 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Маке­донија ги штити слободите и пра­вата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доста­вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавање за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Од овие одредби, исто така, произлегува дека Судот е надлежен да ги штити слободите и правата само на човекот и граѓанинот, а не е и на правните лица што тие како посебни субјекти во прав­ниот промет можат да ги имаат.

Имајќи го предвид наведеното, а во тој контекст разгледувајќи го барањето за заштита на слободите и правата поднесено од Тодор Жабев, во својство на овластен застапник на “Економски промет” – ДООЕЛ експорт-импорт од Велес и од Борис Младеновски од Велес, Судот утврди дека барањето, иако е насловено како барање за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, подносителите во него воопшто не се повикуваат на ниедна од тие слободи и права, освен што само на едно место попатно наведуваат дека биле дискриминирани (без да наведат податоци и докази по кој основ биле дискриминирани).

Затоа, според наводите содржани во барањето произ­легува дека тоа во суштина се однесува на заштита на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8, на правото на еднаквост утврдено во член 9, потоа на пра­вото на жалба утврдено во Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, правото на поднесување претс­тавки и добивање на одговор утврдено во член 24, како и на правото на сопственост утврдено во членот 30 од Уставот, кои права, пак, не спаѓаат во корпусот на слободите и правата за чија заштита согласно член 110 алинеја 3 од Уставот е надлежен Уставниот суд на Република Македонија.
Разгледувајќи го барањето, Судот исто така, утврди дека во конкретниот случај со ова барање истовремено се бара заштита на сите наведени права и на правното лице “Економски промет” – ДООЕЛ експорт-импорт – Велес, застапувано од Тодор Жабев.

Оттука, со оглед на тоа што во овој случај барањето за заштита на слободите и правата поднесено од Борис Младеновски од Велес не се однесува за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, туку за други права чија заштита не е во надлежност на Уставниот суд, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот Судот одлучи истото да го отфрли.

Со оглед на тоа што согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија јасно произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата само на човекот и граѓанинот, а не и правата на правните лица, Судот одлучи да го отфрли и барањето за заштита на правата на “Економски промет” ДООЕЛ експорт-импорт – Велес, поднесено од Тодор Жабев, како негов овластен застапник без ограничување, поради ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2006
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова