У.бр.215/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 6, 13, 18 став 2 точка 2, член 28 став 3 алинеи 5 и 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста на член 14 став 2 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Драган Атанасовски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, која по барање на Судот дополнително е прецизирана, терминот приватизација содржан во членот 1 од оспорениот закон бил нејасен, неправилен и спротивен на членот 8 од Уставот бидејќи со истиот се вршело приврилегирање на поранешните сопственици и нивните наследници в однос на останатите корисници на градежното земјиште. Подносителот на иниицијативата смета дека акој под терминот приватизација се подразбира продажба на имот кој државата гостекнала безприсилно одземање со свои средства, тогаш овој термин, според подносителот на иницијативата, бил неправилен и противуставен од причини што државата никогаш не го платила градежното земјиште и не можела да ги привилегира поранешните сопственици на градежно земјиште, како предвидувал членот 16 и нивните наследници, како било уредено во член 17 став 2 и да врши приватизација на нивното земјиште без да го платат надоместокот за земјиштето а од друга страна лицата кои купиле објект заедно со земјиштето под и околу него во време кога земјиштето било национализирано иако за таа купопродажба постолел данок за објектот така и за земјиштето, тие биле должни да платат надоместок за приватизација на градежното земјиште (член 18 став 2 точка 2).

Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 6 од Законот, се вршело ограничување на сопственоста и дека тоа било во спротивност со Уставот бидејќи сопственици на земјиштето кое го регулира членот 6, не биле физички или правни лица, туку истото било во државна сопственост.

Оспорената одредба од Законот содржана во членот 13, исто така, според подносителот на иницијативата, не само што создавала конфузија поради својата нејасност, туку вршела и ограничување на правото на сопственост. Имено, с примената на одредбата од членот 13, кога делумното приватизирање на земјиштето сразмерно на сокорисничкиот дел ќе се поврзел со фактичкото владение, тогаш на сосопствениците кои не го користеле земјиштето нема да им се признае правото на приватизација.

Со иницијативата се спори и членот 14 став 2 од Законот, наведувајќи дека со истата с еограничувала сопственоста по обем при што дел да биде во приватна сопственост, а друг дел од градежното земјиште заради навлегување во друга урбанистичка парцела не може да биде во приватна сопственост.

Оспорениот член 18 став 2 точка 2 од Законот, според подносителот на иницијативата, исто така, не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, од причина што на сопствениците на објектите неосновано им се ставало обврска да го платат градежното земјиште затоа што тие го платиле градежното земјиште заедно со купувањето на објектот. Ова од причина што со оглед на тоа што при стекнувањето на сопственоста на објектот можело да се пренесе само користењето на градежното земјиште а не и да врз истото се стекне право на сопственост.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 28 став 3 алинеја 6 од Законот, кој предвидувал доставување на писмена изјава за непосредно и фактичко владение “криел” и друго ограничување на правото на сопственост. Имено, подносителот на иницијативата смета дека често пати сосопствениците односно заедничките сопственици дозволувале или меѓусебно се спогодувале еден да ја користи недвижнината, а притоа тие не го губеле своето право на сопственост. Во случајот со примената на одредбата од член 13 делумно приватизирање на земјиштето сразмерно на сокорисничкиот дел со обврзување на фактичко владение и непосредно владение на земјиштето, тогаш на сосопствениците кои не го користеле земјиштето нема да се признаело правото на приватизација.

Врз основа на изнесените аргументи, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 6, 13, 14 став 2 и 5, член 18 став 2, 28 став 3 алинеја 5 и 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Според член 6 од Законот градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сооббрќајници, паркови и јавно сооббраќајни површини) и градежното земјиште што со просторните и урбанистичките планови и актите што ги заменуваат тие планови е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација. Правните дела спротивни на ставот (1) од овој член се ништовни и не произведуваат правно дејство.

Според член 13 од истиот закон градежното изградено земјиште на кое постојат сокориснички права може да се приватизира сразмерно на големината на сопственичкиот дел од објектот односно објектите, ако сокорисниците на градежното земјиште поинаку не се договорат.
Градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права може да се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право, ако сокорисниците поинаку не се договорат.

Според член 14, пак, од истиот закон градежното земјиште може да се приватизира во целостили во дел.
Градежното земјиште, може да се приватизира во површина на стекнатото право на користење, а во рамките на градежната парцела чија површина е дефинирана со урбанистичкиите планови, односно акттите што ги заменуваат тие планови, ако за тоа нема пречки од правна или фактичка природа,односно во делот за кој такви пречки не постојат (оспорен дел).
Градежното земјиште може да се приватизира во рамките на градежната парцела чија површина е дефинирана со урбанистичките планови, односно со актите што ги заменуваат тие планови, ако со актот врз основа на кој е стекнато правото на користење поввршината не е определена.
Градежното земјиште може да се пирватизира во површина на земј8иштето под објектот стекнат со правна основа, ако со урбанистичките планови или актите што ги заменуваат тие планови, градежната парцела не е дефинирана.
Градежното земјиште на кое постои право на користење, а не може да се приватизира заради тоа што влегува во друга градежна парцела, може да се даде во долготраен закуп до реализација на урбанистичкио тплан, односно актите што го заменуваат планот (оспорен дел).

Во член 18 од Законот, е регулирано дека градежното земјиште на кое постои право на корисење на физички лица стекнато без надомест, може да се приватизира од државна сопственост во сопственост на корисниците на градежното земјиште со плаќање надомест.
Се смета дека правото на користење на земјиштето од ставот (1) на овој член е стекнато без надомест, ако е стекнато со:
1) доделување на гградежно земјиште на користење без надомест кога во актот за доделување на гградежното земјиште не е определен надомест, односно обврска за плаќање надомест;
2) стекнување на право на сопственост н аобјект со правна основа при што со пренесување на правото на сопственост на објектот е пренесено и правото на користење на градежното земјиште во општествена односно државна сопственост, (оспорен дел), и
3) предимствено право на користење на градежното земјиште за поврѓина на градежното земјиште која не е поранешна сопственост на корисникот на предимственото право, а е стекната без надомест како дооформување на градежна парцела.

Во член 28 од истиот закон, се предвидува дека барањето за приватизација се поднесува до органот на државната управа надлежен за имотно правните работи на подрачјето каде што се наоѓа градежното земјиште што е предмет на приватизација.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член треба да ги содржи:
а) основата на правото што се бара (приватизација без обврска за плаќање надомест, односно приватизација со обврска за плаќање надомест) и
б) начин на плаќање на надоместот.
(3) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложуваат:
– доказ за идентификација на барателот, односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување (фотокопија од лична карта или патна исправа за физички лица), односно извод од соодветниот регистар за правни лица;
– правната основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на градежното земјиште на кое се однесува барањето за приватизација (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен државен орган и друго),
– податоци за градежното земјиште од соодветната јавна книга и тоа: имотен лист од катастарот на недвижностите или поседовен лист од катстарот на земјиштето;
– извод од урбанистички план и
– писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.
(4) Барањето за приватизација и прилозите се доставуваат во два примерка.

5. Правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од наведеното произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што не допушта да бидат одземени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Членот 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, утврдува дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички лица.

Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни изрази употребени во законот. Имено, градежно земјите е градежното изградено земјиште, определено како такво со Законот за градежното земјиште.

Градежно земјиште во државна сопственост е земјиште на кое право на сопственост има Република Македонија (точка 2 од член 2). Во точката 3 на членот 2 од овој закон се наведува дека “приватизацијата на градежно земјиште во државна сопственост” е стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека терминот “приватизација” како термин е нејасен и противречен и спротивен на Уставот на Република Македонија и со истиот се вршело привилегирање на поранешните сопственици и нивните наследници во однос на останатите корисници на градежното земјиште.

Корисници на градежно земјиште се: физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа.

Долготраен закуп е стварно право кое се установува меѓу Република Македонија како закуподавец и корисникот на градежното земјиште како закупец, на начин определен со овој закон. Времен закуп е закупен однос кој се установува меѓу Република Македонија како закуподавец и корисникот во чие фактичкко владение е градежното земјиште, како закупец, на начин определен со овој закон.

Во членот 3 од овој закон, кој влегува во Глава I (Основни одредби) се предвидува дека корисниците на градежното земјиште во државна сопственост, за стекнување на право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп се должни да поднесат барање под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон. Ако корисниците на градежното земјиште во државна сопственост за стекнување на правата од ставот (1) на овој член во роковите определени со овој закон не поднесат барање, правото се установува под услови и на начин утврдени со овој закон.

Во Глава II од овој закон со наслов “Приватизација на градежно земјиште во државна сопственост” се содржани четири потточки и тоа: 1) Начин на приватизација; 2) Услови за приватизација; 3) Надомест за приватизација на градежно земјиште и 4) Постапка за приватизација на градежното земјиште.

Од анализата на наведените одредби од Законот, според Судот, логично произлегува дека Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, јасно и децидно го одредува значењето на терминот приватизација, што всушност истото значи и истовремено ги определува, односно утврдува начинот, условите и постапката за приватизација, како и надоместокот за приватизација на градежното земјиште. Оттука, следува констатацијата дека неосновано е тврдењето во иницијативата дека терминот приватизација е нејасен, противречен и спротивен на Уставот на Република Македонија.

Имено, Република Македонија е првиот и правиот титулар на сопственоста на градежното земјиште затоа што до таа сопственост државата дошла на три начини: а) како сопственост на државата до 6 април 1941 година, б) со одземање на ова земјиште од неговите сопственици со присилните прописи и со присилни акти и в) со правни дела и со наследување. Оттука, Република Македонија може земјиштето што го има во своја сопственост, градежното и останатото, да го приватизира и при процесот на приватизација на градежното земјиште, државата не ги привилегира поранешните сопственици, од причина што тие никогаш немале обврска да го плаќаат градежното земјиште, ниту пак ги привилегира физичките лица наследници на лицата од членот 17 став 1, бидејќи тие градежното земјиште го стекнале со надомест поради што и приватизацијата на земјиштето се врши без обврска за плаќање надомест.

Оспорениот член 6 од Законот, исто така е содржан во Главата I (Основни одредби) и од содржината на оваа законска одредба произлегува дека законодавецот децидно укажува, односно определува дека градежното земјиште што е во општа употреба, како и градежното земјиште што со просторните и урбанистичките планови е наменето за добра во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизацијата.

Од анализата на оваа законска одредба јасно произлегува дека државата – Република Македонија како сопственик на градежното земјиште определува што е предмет на приватизација и во кои случаи се врши изземање. Определувањето на градежното земјиште во општа употреба, со оспорената законска одредба, според Судот не значи и ограничување на сопственоста на што се укажува во иницијативата, ниту истата е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причини што, предметното градежно земјиште е во сопственост на државата, а не на физички и правни лица.

Анализирајќи ја одредбата од член 13 од Законот во корелација со наводите содржани во иницијативата, според Судот истата не може да се проблематизира. Ова од причина што, со одредбата од членот 13 од Законот која е содржана во Глава II со наслов “Приватизација на градежно земјиште во државна сопственост поднаслов “Начин на приватизација”, се регулира правото на приватизација на градежно изградено и неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права. Според Судот, со оваа законска одредба се регулира можноста во процесот на приватизацијата на градежното земјиште, секој од корисниците да бара приватизација на градежното земјиште, сразмерно на големината на сопственичкиот дел на објектот, односно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право, доколку помеѓу сокорисниците не е постигант поинаков договор.

Ваквото законско решение е во корелација со членот 14 став 1 од истиот Закон, каде се предвидува дека градежното земјиште може да се приватизира во целост или во дел. Оттука, произлегува логичен заклучок дека секој од сокорисниците одлучува дали ќе пристапи кон приватизација на својот сокориснички дел.

Анализирајќи ја оспорената одредба на член 18 став 2 точка 2 од Законот во однос на другите членови од Глава II на Законот, според Судот јасно произлегува дека моделот на приватизација на градежното земјиште што се уредува со овој закон е сосема поинаков и суштински различен од моделот на трансформација на правото на користење на градежно земјиште во право на сопственост што беше уреден со Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2001), чии одредби во најголем дел беа укинати со Одлука У.бр.172/2001 од 10 јули 2002 година на овој Суд, поради одредени непрецизности и други недостатоци.

Имено, според овој закон градежното земјиште на кое постои право на користење, а кое е стекнато на еден од начините утврдени во членовите 16, 17 и 19 од Законот се приватизира од државна сопственост во сопственост на корисниците на градежното земјиште без обврска да платат надоместок или да докажуваат дали надоместокот за користење на градежното земјиште кое им е додоелено своевремено го платиле или не, што не беше случај со моделот на трансформацијата уреден со означениот Закон за градежно земјиште.

Исто така, за разлика од претходниот модел на трансформација, законодавецот во овој закон на доста јасен и прецизен начин во членовите 18 и 20 ги утврдил сите случаи во кои правото на користење на градежното земјиште во општествена односно државна сопственост е стекнато без надомест, а во кои случаи приватизацијата според овие членови се врши со плаќање на надомест (надомест за приватизација на кој е посветена Глава III од Законот).

Утврдувајќи ги децидно случаите во членовите 18 и 20 од Законот во кои се смета дека правото на користење на градежното земјиште е стекнато без надомест очигледно е дека законодавецот се раководел од законската регулатива што своевремено важела за доделување на градежното земјиште во општествена односно државна сопственост за изградба на згради и други објекти и за промет на згради и други објекти. Ова пред се од причина што во сите овие случаи се работи за категорија на корисници на градежно земјиште кои правото на користење го стекнале без надоместок, а во оваа категорија спаѓаат и корисниците од оспорената одредба – член 18 став 2 точка 2 од Законот.

Имено, неспорно е дека корисниците на градежното земјиште кои правото на користење го стекнале по основ на стекнување на сопственост со купување на објектот што е изграден на тоа земјиште, освен данокот на промет, никогаш немале обврска на државата да и платат посебен надоместок за земјиштето, затоа што тоа тогаш не било во промет и со стекнувањето на правото на сопственост на објектот не се стекнувало право на сопственост на градежното земјиште, туку само се пренесувало правото на користење на тоа земјиште, што не е спорно ниту за подносителот на иницијативата.

Оттука, со оглед на тоа што членот 18 став 2 точка 2 од Законот се однесува на случај во кој правото на користење на градежното земјиште во општествена, односно државна сопственост е стекнато без надомест, наводите во иницијативата дека оваа одредба од законот била спротивна со Уставот од причини што „на сопствениците на објектите неосновано им се ставала обврска да го платат земјиштето затоа што тие го платиле со купувањето на објектот“ се неосновани и не може да се изрази сомневање во уставноста на оваа одредба од законот.

Исто така, неосновани се наводите во иницијативата според кои корисниците од членовите 16 и 17 од Законот биле привилегирани во однос на корисниците од оспорената одредба од член 18 став 2 точка 2 од Законот затоа што во сите овие одредби не станува збор за иста категорија, туку напротив за различни категории корисници кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале по различни основи и под различни услови. Од тие причини споредбата што ја прави подносителот на иницијативата меѓу овие категории на корисници е неоснована и ирелевантна од аспект на уставното начело на еднаквост.

Поради наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 18 став 2 точка 2 од Законот со Уставот.

Оспорениот член 28 став 3 алинеи 5 и 6 е содржан во точката 4 од Глава II со која се регулира постапката за приватизација на градежното земјиште.

Во членот 26 од Законот се предвидува дека постапката за приватизација на градежното земјиште се покренува по барање на корисникот на градежното земјиште. Согласно членот 27 од истиот закон, барањето за приватизација од членот 26 на овој закон може да се поднесе во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 28 став 1 од овој закон барањето за приватизација се поднесува до органот на државната управа надлежен за имотно-правни работи на подрачјето каде што се наоѓа градежното земјиште што е предмет на приватизација.

Ставот 3 на оспорениот член 28 од Законот определува што, односно кои докази корисникот на градежното земјиште во постапката за приватизација на градежното земјиште што е предмет на приватизација, кон барањето треба да ги приложи, а меѓу кои се и извод од урбанистички план и писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.

Имено, обврската корисникот на градежното земјиште кон барањето за приватизација да приложи и писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште, според Судот е во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија, на што се укажува во иницијативата. Ова од причина што, интенцијата на законодавецот е процесот на приватизација да се врши врз основа на чиста правна и фактичка состојба и истата е во интерес на брзо и ефикасно завршување на процесот на приватизација на градежното земјиште. Доколку пак, како што се тврди во иницијативата, сокорисниците се договориле за фактичко користење на земјиштето поинаку од утврдените сокориснички права, тогаш постапката на приватизација би се спроведувала по распишување на настанатата спорна состојба.

Обврската за приложување на извод од урбанистички план кон барањето за приватизација од страна на корисникот на градежното земјиште, исто така, според Судот не е во несогласност со Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што на тој начин, органот на државната управа надлежен за имотно-правни работи има можност со сигурност да провери за каков вид на земјиште станува збор, односно дали истото може да биде предмет на приватизација или пак не, а при тоа имајќи го во вид членот 6 од Законот. Значи, титуларот на сопственоста има право да го определува обемот на земјиштето кое ќе го приватизира. Имено, тоа е со цел да се избегне можноста да се приватизираат градежни земјишта кои се испланирални со други акти за планирање на просторот со кои би можеле да бидат опфатени градежни земјишта наменети за добра во општа употреба што би било спротивно на член 6 од Законот.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја предвид наведената деловничка одредба, како и фактот дека Уставниот суд веќе еднаш ја оценувал уставноста на членот 14 став 2 и 5 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и со Решение У.бр.140/2005 од 5 април 2006 година одлучил да не поведе постапка за оценување на неговата уставност, а со сега поднесената иницијатива оваа законска одредба се оспорува во однос на истите одредби од Уставот и поради исти причини поради кои веќе била оспорувана и оценувана нејзината уставност, сметаме дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на член 18 став 2 точка 2 и член 28 став 3 алинеја 5 од Законот, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.215/2005
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова