32/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 145, 146 и 147 од Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005).

2. Тања Василева, Моника Цветковска, Александра Цветковска и Светлана Деспотовска, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите на законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата, која по барање на Судот дополни­телно е прецизирана, ги спорат членовите 145, 146 и 147 од Законот за радиодифузна дејност од причина што сметаат дека не се во согласност со членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, односно дека со оспорените членови не се предвидувале еднакви права за сите субјекти на пазарот. Имено, Републиката требала да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, но со решенијата дадени во оспорените законски одредби субјектите на пазарот не биле во иста правна положба, со што на одредени субјекти им се овозможувало да имаат монополска полож­ба и монополско однесување, односно во оспорените членови не биле предвидени мерки против монополската положба.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорените членови од Законот, не биле во согласност со членовите 7 и 12 од Законот за облигационите односи, како и со член 12 од Законот за извршување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 145 од Законот за радиодифузна дејност средствата за покривање на тро­шоците за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа, за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија, се обезбедуваат од радиодифузна такса.

Радиодифузна такса е јавна давачка.

Од средствата на радиодифузната такса се финансираат следниве корисници:

– ЈП Македонска радио-телевизија;
– ЈП Македонска радио дифузија и
– Совет за радио дифузија.

Според член 146 од истиот закон радиодифузна такса плаќа:

– секое семејно домаќинство во Република Македонија;
– хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби;
– правни лица и сопственици на деловен простор на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса и
– сопственици на угостителски и други јавни објекти опре­мени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.

Владата на Република Македонија на предлог на Советот за радиодифузија ќе определи кои обврзници од ставот 1 на овој член во населени места што не се покриени со радиодифузни сигнали нема да плаќаат радиодифузна такса.

Семејно домаќинство кое има слепо лице со оштетувања на видот од над 90% и глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели утврдено согласно со прописите за инвалидското осигуру­ва-ње е ослобоедено од плаќање на радиодифузна такса за станот во кој живее неговото семејно домаќинство.

Според член 147 од Законот работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврз-ници за плаќање на радиодифузна такса, ги врши МРТ.

МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиоди­фузна такса донесува решение кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15 во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.

4. Во членот 110 од Уставот на Репуб­лика Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Маке­донија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати­ва­та ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на оспорените одредби, како и од причините за оспорување истакнати во иницијативата, подносителите на иницијативата, според Судот не ја спорат содржината на оспорените законски одредби, туку наведуваат што треба уште да сод­ржат истите. Имено, подносителите на иницијативата наведуваат дека Република Македонија треба да преземе мерки против монополската положба и однесување на пазарот, а такви мерки не се содржани во оспорените членови од Законот за радиодифузна дејност. Оттука, произлегува дека подносителите укажуваат што треба да содржат оспо­ре­ните одредби, односно по својата содржина какви според нив би требало тие законски одредби да бидат, а за што Уставниот суд на Република Маке­до­нија согласно цитираната уставна одредба не е надлежен.

Имено, причините за оспорување наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на самите одредби од чија содржина не произлегуваат основите на оспорување на кои се повикува подносителот на иницијативата. Оттука, според Судот не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оцена на оспорените одредби, односно постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспо­рените одредби од Законот не биле во согласност со член 7 и 12 од Законот за облигационите односи и член 12 од Законот за извршување, Судот оцени дека станува збор за прописи од ист правен ранг, за чија меѓусебна согласност Уставниот суд согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2006
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова