Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ член 92 став 1, член 134 став 2 и 3, член 162 став 2 и 4, член 183 став 1 и 3, член 185 во делот “Социјалистичка”, член 244 став 2 во делот “со општествените средства”, член 277 став 1 во делот “на општествено – политичка заедница” и ставот 2 на овој член во делот “на здружен труд” од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1979).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.110/2005 од 5 април 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за вонпроцесната постапка означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за вонпроцесната постапка, со овој закон се утврдуваат правила на постапката според кои постапуваат редовните судови за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи одредени со овој или со друг закон.
Судот на седницата, исто така, утврди дека овој закон е донесен во време на важењето на Уставот од 1974 година, односно кога Република Македонија беше во состав на поранешната СФРЈ и истиот досега не претрпел никакви изменувања и дополнувања во смисла на негово усогласување со Уставот од 1991 година.
Уставниот суд со Решение У.бр.18/1999 од 5 мај 1999 година, одлучувајќи по тогаш поднесена иницијатива, повел постапка за оценување на уставноста на членовите 35, 75 и 133 став 1 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка”, на членовите 79 став 1 и 2 и 283 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “Службен лист на СФРЈ”, на член 133 став 3 во делот “Социјалистичка” како и на членовите 127 став 2, 133 став 2 и 178 став 2 од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.19/1979), додека со истото решение не повел постапка за оценување на уставноста на останатите делови на членовите 35, 75 и 133 од Законот.
Со оглед на тоа што во меѓувреме, а и до денес се уште не е извршено усогласување на означениот закон со Уставот на Република Македонија од 1991 година, Судот со Одлука У.бр.18/1999 од 18 мај 2005 година ги укина членовите и делови од членовите за кои претходно беше поведена постапка за оценување на нивната уставност. Оваа одлука е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.42/2005.
Постапувајќи по оваа иницијатива, со која се оспорува уставноста на Законот во целина, Судот утврди дека по укинувањето на наведените одредби со означената одлука на Судот терминот “Социјалистичка” покрај во членовите што се наведени во иницијативата се употребува и во членовите 92 став 1 и 134 став 2 и 3, додека во член 277 став 1 се употребува терминот “општествено – политичка заедница”, а во ставот 2 на овој член, терминот “организација на здружен труд”. Освен тоа, Судот утврди дека во членот 244 од Законот, чиј дел посебно се оспорува во иницијативата е предвидено дека во постапката за определување на надоместокот за експроприрана недвижност учесниците можат да се спогодат за видот и обемот, односно за висината на надоместокот во пари за експроприраната недвижност (став 1).
Спогодбата од ставот 1 на овој член судот ја внесува во својата одлука, ако таа не е во спротивност со задолжителните прописи за располагање со општествените средства (посебно оспорен дел) и со другите задолжителни прописи.
5. Во член 1 од Уставот, Република Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава и се утврдува дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Согласно член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 6 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во овој член од Уставот.
Во членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, како едно од основните економски права утврдени со Уставот.
Во членот 50 став 1 од Уставот, кој е поместен во делот за гаранциите на основните слободи и права, утврдено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Разгледувајќи го оспорениот закон за вонпроцесна постапка во однос на наведените уставни одредби, во однос на кои и се оспорува неговата уставност, произлегува дека употребениот термин “Социјалистичка” во членовите 92 став 2, 134 став 2 и 3, 162 став 2 и 4, 183 став 1 и 3 и член 185 пред името на Републиката не е во согласност со карактерот и името на нашата држава утврдени во Уставот, со што директно се повредува член 1, а и другите членови од Уставот.
Термините “општествено-политичка заедница” и “организација на здружен труд” употребени во член 277 став 1 и 2 од Законот, исто така не се во согласност со основите на општествено-политичкиот и економски систем на Република Македонија воспоставен со Уставот од 1991 година.
Од тие причини, Судот оцени дека член 92 став 1, член 134 став 2 и 3, член 162 став 2 и 4, член 183 став 1 и 3 и член 185 во делот “Социјалистичка”, како и член 277 став 1 во делот “на општествено-политичка заедница” и ставот 2 на овој член во делот “на здружен труд” од Законот не се во согласност со Уставот.
Со оглед на тоа што Уставот на Република Македонија од 1991 година воопшто не ја познава општествената сопственост која беше иманентна на претходниот систем на социјалистичкото општествено уредување на Републиката, поради што и со Уставниот закон за спроведување на Уставот е предвидена нејзина трансформација, Судот, исто така, оцени дека и членот 244 став 2 од Законот во делот “со општествените средства”, а не во целиот оспорен дел, не е во согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.110/2005
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова