9/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 56 став 3 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У. бр. 9/2006 од 15 март 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од член 56 став 3 и член 58 став 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 56 став 3 од Законот за извршување на санкциите, работен однос во установата може да се заснова со лице кое не е осудувано за кривични дела против државата, против вооружените сили на Република Македонија, против животот и телото, против слободите и правата на човекот и граѓанинот, против јавните финансии, платниот промет и стопанството, против имотот или кривично дело извршено од користољубие, против службената должност и против човечноста и меѓународното право; против кое не се води кривична постапка; на кое не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност додека трае забраната и кое е здравствено и психофизички способно за работа во установа.

Според член 58 од Законот, за приправник во одделението за обезбедување, работен однос може да се заснова со лице кое има завршено најмалку средно образование ИВ-1 степен, кое не е постаро од 25 години, кое е физички и психички способно за вршење на работи на надзорник во установата и кое го има отслужено воениот рок. Според став 2 од истиот член, за работни места командир и заповедник во службата за обезбедување, работен однос може да се заснова со лице кое има високо образование ВИИ-1 степен, кое е физички и психички способно за вршење на овие работи во службата за обезбедување и кое го има отслужено воениот рок.

5. Во врска со оспорената одредба од член 56 став 3 од Законот, Уставниот суд на Република Македонија се произнел по однос на предметното прашање и со Одлука У.бр. 161/2001 од 11 декември 2002 година го укинал член 52 став 2 од тогаш важечкиот Закон за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/1997 и 23/1999) во делот “кое не е осудувано за кривични дела: против државата; против вооружените сили на Република Македонија; против животот и телото; против слободите и правата на човекот и граѓанинот; против јавните финансии, платниот промет и стопанството; против имотот или кривично дело извршено од користољубие и нечесни побуди и против службената должност, против кое не се води кривична постапка”.

Меѓутоа, истата содржина (дополнета со кривични дела против човечноста и меѓународното право) од укинатата одредба е пренесена и во новиот Закон за извршување на санкциите во член 56 став 3 од Законот.

Новиот Закон за извршување на санкциите е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 29 декември 2005 година и тој е објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 2/2006 на 9 јануари 2006.

Законот влегол во сила на 17 јануари 2006 година.

Со оглед на тоа што станува збор за нов закон, а имајќи го предвид фактот дека укинатата одредба од Законот за извршување на санкциите кој престанал да важи со денот на влегувањето во сила на новиот Закон за извршување на санкциите, повторно е вградена во новиот закон, Судот оцени дека членот 56 став 3 во оспорените делови од Законот за извршување на санкциите не е во согласност со Уставот.

Имено, според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно, член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно став 3 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба.

Согласно член 101 став 2 од Кривичниот законик, правните последици од осудата можат да се предвидат само со закон.

Според член 1 од Законот за извршување на санкциите, со овој закон се уредува извршувањето на санкциите изречени за кривични дела и прекршоци (во натамошниот текст: казниви дела). Законот во Глава ИИ ги утврдува надлежните органи за извршување на санкциите, а во Глава В го уредува прашањето за работните односи во казнено-поправните и воспитно-поправните установи.

Согласно член 54 од Законот, за засновање и престанок на работен однос и на работните односи во казнено-поправните и воспитно- поправните установи се применуваат општите прописи за работните односи и општите и посебните прописи од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување, доколку со овој закон поинаку не е определено. Понатаму, во член 56 став 2 од Законот е определено дека за вршење на работите во установа може да се заснова работен однос со лице кое ги исполнува општите услови утврдени со закон и посебните услови определени со овој закон и со општиот акт за систематизација.

Согласно наведените одредби, Законот за извршување на санкциите во оспорените делови на членовите 56 став 3 и 58 став 1 и 2 предвидел посебни услови за засновање на работен однос во казнено-поправните и воспитно-поправните установи.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за извршување на санкциите и разгледувајќи ги оспорените членови 56 став 3 и 58 став 1 и 2 во оспорените делови, од аспект на причините наведени во иницијативата, Судот утврди дека тие не се во согласност со уставното начело на владеење на правото, како и со начелата на презумпција на невиност и законитост во пропишувањето и изрекувањето на кривичните санкции утврдени со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, начелото на еднаквост на граѓаните од член 9 од Уставот, како и правото на работа и достапност на работните места секому под еднакви услови од член 32 став 1 и 2 од Уставот.

Имено, во оспорената одредба од член 56 став 3 од Законот, како посебен услов за вработување во овие установи е пропишана неосудуваноста за кривични дела од точно утврдени области, како и посебен услов против лицето да не се води кривична постапка.

Во врска со првиот посебен услов – неосудуваност за определени кривични дела, неспорно е дека станува збор за правна последица од осуда која се состои во забрана на стекнување определено право, во конкретниот случај правото на вработување во казнено-поправна, односно воспитно-поправна установа. Меѓутоа, во оспорената одредба од член 56 став 3, иако се наведени кривичните дела за кои осудуваноста претставува пречка за вработување во казнено-поправна, односно воспитно-поправна установа, не е наведена санкцијата, така што од формулацијата на одредбата произлегува дека осудата за некое од наведените кривични дела, е причина лицето да не може да заснова работен однос во установите за извршување на санкциите, независно од изречената казна. Тоа значи дека едно лице нема да може да заснова работен однос во казнено-поправна, односно воспитно-поправна установа и во случаи кога за извршеното кривично дело од наведените области му е изречена некоја друга казна освен казната затвор. Од овие причини, според Судот, формулацијата на оспорената законска одредба на член 56 став 3 од Законот не е доволно прецизна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото, поради што Судот утврди дека таа не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, оваа оспорена одредба поради нејзината непрецизност, не е во согласност и со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот. Имено, недостатокот на квалификацијата “правосилно” осудувано, претставува директна повреда на уставното начело на презумпција на невиност, бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука. Покрај тоа, според Судот, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со правосилна судска одлука.

Судот, исто така, утврди дека предвидувањето на неосудуваноста како услов едно лице да заснова работен однос во казнено-поправна, односно воспитно-поправна установа, не е во несогласност со Уставот. Меѓутоа, тоа мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96; 80/99; 4/2002; 43/2003; 19/2004 и 81/2005). Така, според член 101 од Кривичниот законик правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1). Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2). Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата (став 3 од овој член).

Според тоа, неосудуваноста како посебен услов за засновање на работен однос може да егзистира само за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот му е изречена казна затвор и таа може да трае точно определен период, а не како трајна забрана за стекнување на определено право.

Трајната забрана за засновање на работен однос поради осуда за определено кривично дело, но на неопределена кривична санкција, според мислењето на Судот е непропорционална и предизвикува прекумерно и неоправдано ограничување на правата на граѓаните. Таквото ограничување на правата на граѓаните според Судот не е во согласност со принципот на владеење на правото содржан во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Што се однесува до условот против лицето да не се води кривична постапка содржан во оваа одредба, поради тоа што посебниот услов според кој во казнено-поправна, односно воспитно-поправна установа може да заснова работен однос лице против кое не се води кривична постапка, доведува до состојба лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, според Судот и во овој дел оспорената одредба не е во согласност со начелото на презумпцијата на невиност од член 13 став 1 од Уставот.
6. Во оспорената одредба од член 58 став 1 и 2 од Законот, покрај другите посебни услови за засновање на работен однос за работно место приправник во одделението за обезбедување, односно работно место командир и заповедник во службата за обезбедување, е предвидено лицето да го има отслужено воениот рок.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествена положба, а според став 2 на овој член граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот меѓу другите основни социјално-економски права го утврдил и правото на работа, при што определувањето на содржината на ова право е оставено на уредување со закон и колективен договор. Според тоа, законодавецот има широк простор за уредување на бројни релевантни прашања и односи кои се од значење за остварување на наведеното право, при што автономијата на уредување на сите прашања единствено е ограничена со обврската за почитување на уставните принципи и начела, а пред се на начелото на еднаквост.

Врз основа на уставното овластување за поблиско уредување и остварување на правата на вработените и нивната положба во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, законодавецот со Законот за извршување на санкциите, покрај другите посебни услови, за засновање на работен однос на работно место приправник, односно командир и заповедник во службата за обезбедување го утврдил и условот лицето да го има отслужено воениот рок. Притоа, Судот оцени дека со предвидениот услов кандидатот при засновање на работен однос да ја има регулирано воената обврска се доведува во прашање остварувањето на уставното право на работа и начелото на еднаквост. Имено, според Судот, остварувањето на едно уставно загарантирано право, а тоа е правото на работа не може да биде условено со правото и должноста на граѓанинот да ја има регулирано воената обврска, односно исполнувањето на обврската на едно лице кое се наоѓа во определен статус не може да биде услов за остварување на право од друг статус.

Тргнувајќи од наведените причини, Судот утврди дека оспорената одредба од член 58 став 1 и 2 во делот: “и кое го има отслужено воениот рок”, од Законот за извршување на санкциите, не е во согласност со начелото на еднаквост и начелото на достапност на секое работно место под еднакви услови, утврдени во членовите 9 и 32 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 9/2006
10 мај 2006 година
Скопје

тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова