Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 236 став 3 во делот “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Сојузот на Синдикатите на Македонија од Скопје со Решение У.бр.187/2005 од 15 март 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 236 став 3 во делот “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од член 236 став 3 од Законот за работните односи, штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Оваа оспорена одредба е содржана во Глава XX од Законот за работните односи под наслов “Штрајк”.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Според член 8 од Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права, меѓу другото, е предвидена обврска за државите членки да го обезбедат правото на штрајк, што се остварува според законите на секоја земја.
Според член 6 од Европската социјална повелба, со цел да обезбедат вистинска примена на правото на колективно преговарање, Страните-договорнички се обврзуваат, меѓу другото, да ги поттикнуваат воведувањето и примената на соодветни механизми за доброволно мирење и арбитража при решавањето на работните спорови, и им го признаваат правото на работниците и работодавачите на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото на штрајк, со резерва на обврските што би можеле да произлезат од важечките колективни договори.
Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот, Судот оцени дека во основа станува збор за одредба со која се воведува обврска за претходно исцрпување на постапката за помирување пред да се пристапи кон штрајк како средство за заштита на економските и социјалните права на работниците.
Мирното решавање на индивидуалните и колективните работни спорови е регулирано со одредбите од член 182 и 183 од Законот за работните односи.
Според член 182 од овој закон, во случај на индивидуален или колективен работен спор, работодавачот и работникот можат да се договорат решавањето на спорот да го доверат на посебен мировен совет составен од три члена, од кои по еден определуваат работодавачот и работникот и еден кој заеднички ќе го определат.
Мирното решавање на колективни работни спорови по пат на арбитража е уредено со член 183 од Законот. Според став 1 на овој член, со колективен договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни спорови. Со колективниот договор се одредува составот, постапката и други прашања значајни за работата на арбитражата (став 2).
Покрај овие два члена, одредба за мирно решавање на колективни работни спорови е содржана во член 235 од Законот, согласно која ако настане спор во постапката на склучување, изменување и дополнување на колективен договор, спорот се решава по мирен пат (став 1). Страните на спорот можат решавањето на колективниот работен спор спогодбено да го доверат на арбитража.
Од наведените законски одредби кои се однесуваат на мирното решавање на работните спорови, произлегува дека интенција на законодавецот била регулирањето на овој институт да не биде предмет на императивни законски норми, односно постапката за мирно решавање на спорови да се препушти на уредување со колективни договори, во зависност од волјата, односно спогодбата на работниците и работодавачите.
Од формулацијата на оспорената одредба на член 236 став 3 од Законот, не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот, односно дали со овој актот на министерот ќе се уредат прашања поврзани со штрајкот или пак актот на министерот се однесува на постапката за помирување со цел доуредување на одделни дополнителни прашања од процедурален карактер, специфични за трудовите спорови, како дел од регулативата поврзана со законската рамка на медијацијата.
Според оцената на Судот, овие два институти, имено штрајкот и медијацијата во трудовите спорови се тесно поврзани, од причина што мирното решавање на работните спорови во определени случаи може да има превентивен карактер во смисла на спречување на штрајкот, односно во случај на отпочнат штрајк да претставува средство за разрешување на настанатиот спор по вонсудски пат. Оттука, според Судот, за оцена на уставноста на оспорената одредба од решавачко значење е фактот што и двата институти се однесуваат на прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори, односно не можат да бидат предмет на уредување со подзаконски акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Според тоа, министерот нема уставна основа за донесување на таков акт.
Покрај тоа, Судот оцени дека поради нејасност и непрецизност на оспорената одредба, во која не е утврдено што ќе претставува предмет на регулирање на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот, таа не може да претставува валидна законска основа за овластување на министерот да донесе таков подзаконски акт.
Врз основа на наведеното, Судот утврди дека оспорената одредба на член 236 став 3 во делот: “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните односи не е во согласност со одредбите од членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 32 став 5 и 38 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.187/2005
10 мај 2006 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова