Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 април 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 94-а став 3 од Законот за персоналниот данок на доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005 и 52/2006).
2. Зоран Алексовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од Законот било обезбедено повратно дејство на членовите 94-а, 94-б, 94-в, 94-г и 94-д за пет години наназад, бидејќи правото на утврдување на данокот од доход застарувал за пет години од истекот на годината во која требало да биде утврден.
Од овие причини, според подносителот на иницијативата, овие членови од Законот, при обнова на постапка не биле поповолни за граѓаните и истите можеле да се применуваат само во случаи што ќе настанат со денот на влегувањето во сила на Законот во иднина, а не и на случаи настанати пред влегувањето во сила на Законот.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека при обнова на постапката органот за јавни приходи бил должен да ги применува одредбите од законското решение што важело во времето на настанување на даночната обврска.
Поради наведеното, предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 94-а став 3 од Законот за персонален данок на доход поради тоа што истиот не бил во согласност со членот 52 став 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, а со цел да се спречело ретроактивното важење на законите.
3. Судот на седницата утврди дека во член 94-а од Законот за персоналниот данок на доход е предвидено дека кога лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, односно имотот кој го поседува и средствата со кои располага потекнуваат од приходи на кои не е утврден данок или не е доволно утврден, органот за јавни приходи може да поведе посебна постапка за задолжување со данок на тој имот или приход.
Во постапката од ставот 1 на овој член лицето е должно на органот за јавни приходи да му ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е набавен имотот и средствата со кои располага лицето.
Постапката од ставот 1 на овој член може да се поведе доколку со одредбите на овој закон не настанала застареност на правото за утврдување на данок.
4. Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 52 став 3 од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Според ставот 4 од истата уставна одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според членот 1 од Законот за персоналниот данок на доход, со овој закон се воведува персонален данок од доход и се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните.
Според членот 2 од истиот закон, персоналниот данок од доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданичување со овој закон.
Со Законот за персоналниот данок на доход, е регулирано дека органот за јавни приходи врши утврдување и наплата на данокот на доход, а обврзникот на данокот од доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за доходот што го остварил. Ова со оглед на тоа што предмет на оданочување е доходот кој бил остварен од страна на даночниот обврзник.
Во членот 7 став 1 од истиот закон е предвидено дека обврзник на данокот од доход е секое физичко лице резидент на Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.
Според членот 69 став 1 од Законот, обврзникот на данокот од доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за остварениот доход по истекот на годината за која се утврдува данокот најдоцна до 15 март наредната година.
Основот за утврдување на данокот е всушност остварениот доход во годината за која се однесува данокот, при што е разработен систем на пресметување на аконтацијата на данокот на доход во текот на годината. За предвидените два вида аконтации и тоа аконтација на данокот по одбивка и аконтација на данокот по решение, Законот го пропишал начинот на утврдување и наплата на данокот.
Од анализата на оспорениот став 3 од членот 94-а од Законот, произлегува дека органот за јавни приходи може да поведе посебна постапка за задолжување со данок на имот или средства поголеми од оданочените на даночниот обврзник, само доколку не настапила застареност на правото за утврдување на данок.
Роковите за застареност се предвидени во членовите 142 и 143 од Законот за персонален данок на доход.
Според член 142 став 1 од овој Закон, правото на утврдување на данокот од доход застарува за пет години по истекот на годината во која требало да биде утврден.
Според ставот 2 на овој член, правото на наплата на данокот и правото на наплата на трошоците за присилна наплата застарува за пет години по истекот на годината во која требало да се изврши наплатата, а во ставот 3 на членот 142, пак, се предвидува дека правото на обврзникот на враќање на неправилно или на повеќе уплатени износи на име на данок, камата и трошоци за присилна наплата застарува за пет години по истекот на годината во која е извршена уплатата.
Според член 143 од Законот, по секој прекин на текот на застареноста настапува нов тек на застареност. Правото на утврдување, наплата и враќање во секој случај застарува по истекот на десет години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден, наплатен, односно во која износите биле платени.
Тргнувајќи од содржините на цитираните законски одредби, според Судот оспорената одредба од член 94-а став 3, со која може да се поведе посебна постапка за задолжување со данок само во случај кога не настапила застареност на правото на утврдување на данок, не е во несогласност со Уставот на Република Македонија и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во конкретниов случај станува збор за повратно (ретроактивно) дејство на законот. Ова од причина што во периодот пред настанувањето на застареноста, органот за јавни приходи може да поведе постапка за задолжување со данок доколку констатира дека некое лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените или имотот и средствата потекнуваат од приходи на кои не е утврден данок или пак не е доволно утврден.
Имено, според Судот со оспорениот дел од одредбата не настапува повратно дејство на законот, ниту пак се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните, а со оглед на фактот што тие имаат обврска да ги пријават во целост своите приходи за оданочување. Во тој контекст органот за јавни приходи има право да ги преземе сите неопходни мерки, пред настапувањето на застареност на правото за утврдување на данок, за наплата на даночната обврска која со Устав е предвидена.
Тргнувајќи од наведеното, а со оглед на тоа што со оспорената одредба на член 94-а став 3 од Законот за персоналниот данок на доход не се востановува повратно дејство, Судот утврди дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 3 и 4 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.17/2006
26 април 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова