61/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

2/2
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005 и 101/2005).

2. Младен Веселинов, Љубомир Јанев, Михаил Прекотеров, Филип Јованов и Александар Гарвански, сите од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот ознацена во тоцката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата сметаат дека начинот на усогласување на старосните пензии според оспорениот член, пензионерите во Република Македонија ги ставал во нееднаква положба, и истиот бил во директна спротивност со член 9 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Усогласувањето на пензиите според овој член било во зависност од индексот на трошоците на животот, кој изнесувал 80%, а само 20% го следеле порастот на платите, што значело дека стандардот на пензионерите немало да се подобри.

Според подносителите на иницијативата примената на одредбите од членот 37 од Законот бил во дирекна спротивност со член 8 став 1 точка 1 од Уставот на Република Македонија.

Од наведените причини, предлагаат Уставниот суд на Република Македонија да го укине членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) членот 37 се менува и гласи:

“Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 80% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 20%.

Пензијата од став 1 на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

Заради примена на став 1 од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата од истата година”.

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниов случај, Судот утврди дека се работи за иницијатива со која се оспорува ист член од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оцена на Судот кој со Решение У.бр.65/2000 од 5 јули 2000 година не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член. Со Решение У.бр.22/2002 од 23 октомври 2002 година, Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на оспорениот член од законот, поради рес иудицата.

Оттука, со оглед на тоа што Судот веќе во неколку наврати одлучувал за истата работа и утврдил отсуство на елементи за неуставност на предметната одредба, а во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.61/2006
19 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова