У.бр.218/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 2 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/ 2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004 и 81/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација на општина Ресен бр.08-222/1 донесен од градоначалникот на општина Ресен на 31 мај 2004 година.

3. Јован Каралиевски од Ресен на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение и на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 2 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со принципот на владеење на правото утврден во Уставот на Република Македонија, како и со член 5 од Законот за државните службеници, затоа што групирањето и вреднувањето на работните места предвидени во Правилникот не се засновале врз начелото на законитост, еднаквост, транспарентност, предвидливост и правичност.

Ова меѓу другото и поради фактот што определувањето на звањето соработник за правни работи на правните референти во правната служба за помош на граѓаните во општината Ресен не било во согласност со вреднувањето и сложеноста на службените работи и задачи од стручен аспект.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека при донесување на оспорениот правилник воопшто не било водено сметка за начелото на транспарентност и компетентност, па така од раководно место началник на одделние во управно правни работи, јавен правобранител во два мандати и заменик јавен правобранител, тој бил распореден на работно место референт во правната служба, каде веќе имало распоредено постоен референт, а на секретарот на советот, градскиот архитект и некои раководители на одделенија им било овозможено и натаму да ги користат истите привилегии.

Во однос на оспорениот член 36 став 2 од Законот за државните службеници, подносителот смета дека групирањето на работните места и нивно рангирање во самиот закон значело огра­ни­чување на економските и социјалните права на секој поединец, а со тоа и повреда на член 32 став 1 и 2 од Уставот.

4. Судот понатаму утврди дека според член 33 од Законот за државните службеници, државниот службеник има право на плата и надометоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон.

Платите и надоместоците на плати на државните службеници се усогласуваат со средствата обезбедени од Буџетот на Република Македонија во буџетот на општината и во Буџетот на град Скопје.

Според член 34 и 35 од Законот, платата на државниот службеник се состои од основна и исклучителна компонента. Основ­ната компонента ја сочинуваат: основна плата, додаток на плата за звање и додаток на плата за кариера. Основната плата, пак, зависи од степенот на образованието и работното искуство.

Во членот 36 од Законот е предвидено дека со додатокот на плата за звање се обезбедува вреднување на секое звање во зави­сност од видот и обемот на работата, сложеноста, одговорноста и извршување на работа.

Во оспорениот став 2 на член 36 се утврдени групите и звањето што можат да бидат предвидени во органите на државната управа, а на кои се применува Законот за државните службеници, како и бројот на бодовите што за соодветното звање може да ги добие државниот службеник и тие се движат од 660 бода за генерален секретар, до 100 бода за помлад референт.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, секој има право на работа, слободен избор на врабо­ту­вање, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според став 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Според член 1 од Законот за државните службеници со овој закон се уредува статусот, правата, должностите и одговорностите на државниот службеник, како и системот на плати и надоместоци на плати на државните службеници.

Членот 5 од наведениот закон предвидува дека системот на плати и надоместоци на плати е уреден со овој закон и се заснова врз начелото на законитост, еднаквост, транспаретност, предвидливост и правичност.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека со оспорениот став 2 на член 36 од Законот, додатокот на плата за звање се вреднува согласно утврдената група и звање како и бодовите утврдени за секоја група и звање на државниот службеник.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Законот за државните службеници предвидел посебни правила од јавно пра-вен карактер кои се разликуваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применува Законот за работните односи и колективните договори. Ова, оттаму што исплатата на плати и надо­местоци на плати на државните службеници се врши од Буџетот на Република Македонија во кој се определени буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности што се врши од други извори на средства.

Според тоа, Судот оцени дека решението содржано во оспорениот член 36 став 2 од Законот за државните службеници, во кој се утврдени групите и звањата на државните службеници и бројот на бодовите кој произлегува од видот и карактерот на работите што ги врши државниот службеник во државниот орган, не може да биде под­ведено под сомнение во однос на уставните одредби на кои се пови­кува подносителот на иницијативата.

5. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 50 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Ресен, градоначалникот на општина Ресен на 31 мај 2004 година донел Правилник за систематизација на работни места на општинс­ката администрација во општина Ресен.

Со овој правилник се утврдува бројот на вработените потребни за вршење на работите од надлежност на општинската администрација во општина Ресен, називот, распоредот и описот на работните места, како и условите потребни за вршење на работите и задачите.

Правилникот содржи 15 одредби распоредени во следни­ве тематски целини: основни одредби; систематизација на работни места со табеларен преглед на називот на работното место; вид на образование и работното искуство; опис на работните места во сектор за правни финансиски, општествени, развојни и општи работи и пре­одни и завршни одредби.

Воедно, Судот утврди дека оспорениот правилник престанал да важи, односно дека на 25 октомври 2005 година бил донесен Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација бр.08-1265/1.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на одне­сување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорениот акт произлегува дека истиот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку интерен акт со кој се овозможува остварување на работата во единиците на локалната самоуправа, поради што иницијативата се отфрла.

Воедно, Судот оцени дека иницијативата се отфрла и од причини што оспорениот правилник престанал да важи и не е во примена, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.218/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова