29/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта и законитоста на Одлуката за измена и дополна на Урбанистичката документација за населено место Другово – во делот Градба – селски гробишта, донесена од Советот на општина Другово, бр. 07-57/5 од 15 април1999 година (“Службен гласник на општина Другово” бр. 9 од 21 април 1999 година).

2. Душко Стефаноски, Драге Сарџоски, Иво Аврамоски, Стојанче Павлески, Зоран Штерјоски и др., сите од с. Другово, општина Другово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата оспорената урбанистичка документација на општина Другово не е донесена во законски предвидена постапка и од страна на законски определени органи и не се почитувани сите фази на постапката за изменување и дополнување на урбанистичката документација.

Имено, без да се имало валидно донесена програма од советот, пристапено е кон измена на урбанистичката документација. Потоа, противно на законот, изработката на урбанистичката документација била дадена на организација без јавен тендер, за која постоело сомневање дали има овластување да врши изработка на урбанистички планови.

Понатаму, при донесувањето на урбанистичката документација не бил почитуван Правилникот за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови и не била вршена стручна ревизија и стручно мислење од Министерството за транспорт и врски. Ова од причина што сакајќи по секоја цена да се прошири локацијата за гробиштата, не биле почитувани ниту стандардите за планирање и уредување на просторот. На овој дел имало обиди од порано да се прошират гробиштата, но имајќи предвид дека истите се наоѓаат во непосредна близина на објекти за живеење (дури и до 10 метри) на овој дел не можело да се планира проширување на гробиштата, бидејќи истите како објекти од четврта класа согласно член 48 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, мора да имаат зона на санитарна заштита од 201 до 500 метри, што било уредено со член 47 од истиот правилник. Потоа, не било извршено испитување за состојбата со подземни води, како и за заштитата на животната средина. Сето ова било пропуштено како резултат на непочитување на постапката за донесување на планот-урбанистичката документација. Овој проблем бил присутен од порано, поради што надлежниот орган за урбанистичко планирање не дозволил проширување на гробиштата, за што како доказ се приложува Решение на Одделението за урбанизам, градежни и станбени и комунални работи – Кичево, бр. 11-1502/2 од 15 ноември 1989 година.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека при донесувањето на планот, стручната расправа и јавната анкета не биле соодветно организирани. Иако имало неколку поднесени барања против новопредвидената локација за проширување на селските гробишта, доносителот на планот воопшто не ја организирал јавната анкета, ниту повикал овластени претставници од органот на државната управа, ниту им одговорил на подносителите на анкетните листови, ниту сочинил извештај од стручната расправа и јавната анкета. Подносителите на иницијативата поднеле анкетни листови, но по нив никогаш не добиле можност да учествуваат во организирана јавна анкета. Се работело за грубо игнорирање на забелешките и укажувањата на заинтересираните лица. Со таквата урбанистичка документација, се повредувале одредбите на Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/1999 и 102/2000) кој бил во важност при донесувањето на урбанистичката документација.

При донесувањето на урбанистичката документација, според подносителите на иницијативата, воопшто не се имале предвид одредбите на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, член 17, 18 и 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 53/2001 и 45/2002), Правилникот за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр. 2/2002) и Правилникот за стандардите и нормативите за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 2/2002), поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека со оспорената урбанистичка документација за делот на проширување на гробиштата официјално не се согласувал и актуелниот градоначалник на општина Другово, кој со допис до Министерството за животна средина и просторно планирање веќе побарал услови за планирање на просторот со цел започнување на законска процедура за нова локација на православните гробишта во с. Другово.

На крајот се предлага врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесни, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Другово донел Одлука за измена и дополна на урбанистичката документација за населено место Другово, општина Другово, бр. 07-57/5 од 15 април1999 година (“Службен гласник на општина Другово” бр. 9 од 21 април 1999 година).

Според член 1 на оваа одлука, со оваа одлука се врши измена и дополна на урбанистичката документација за населено место Другово, општина Другово.

Согласно член 2 на истата одлука, со измените и дополните на урбанистичката документација за населеното место Другово се опфатени: зоната за домување, производната зона и сервиси, зоната за рекреација, зоната на објекти од јавна намена, зоната на трговски деловни и други содржини од заеднички карактер, црковно обредните објекти, гробиштата и стопанската зона (фарми).

Овие зони се однесуваат на следните катастарски парцели – КП: 769, 766/1, 766/2, 767, 756, 1205/1, 558/2, 558/3, 418, 412, 413, 415, 416, 366, 115, 553, 75/1, 75/2, 436/1, 436/3, делови од 404/2, 435/5, 393, фарми: 739, 709, 708, 707, 710, 711, 712 и 705, сите за КО Другово, а согласно приложената техничка документација.

Согласно член 3 на Одлуката, составен дел на оваа одлука е техничката документација која се состои од текстуален и графички прилог, а под број 40/99 од март 1999 година, изработена од ПП “Перкан Проект”-Прилеп.

Според член 4 од оваа одлуката, Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Другово”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, доделувањето на градежното земјиште, утврдувањето на услови за градба и надзор над спроведување на законот, во времето на донесувањето на оспорената одлука, се уредувани со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999). Подоцнежните изменувања и дополнувања на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2001 и 45/2002) не се од значење за оценувањето на законитоста на оспорената одлука, поради што не се земени предвид во анализата на правната и фактичката состојба по овој предмет.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, при што се утврдува дека за населено место во општината се донесува урбанистичка документација.

Со член 12 од истиот закон се утврдува дека урбанистичката документација за населено место во општината се донесува за населено место од селски карактер, како и се утврдува дека содржината на урбанистичката документација особено содржи: намена на површините со граница на опфатот, основна сообраќајна мрежа и друга инфраструктура, услови и режим за градба и соодветни графички прикази.

Со член 16 став 1 од Законот се утврдува дека изработување на урбанистички план, освен генерален урбанистички план, може да врши и организација, односно институција овластена од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Согласно ставот 2 на истиот член, овластување за изработка на урбанистички план може да добие организација, односно институција која во редовен работен однос има најмалку три овластени лица – со лиценца за изработка на урбанистички планови.

Во член 17 став 1 од Законот се утврдува дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според став 3 на истиот член, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Согласно став 5 на истиот член, јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје.

Според член 18 став 1 на овој закон, јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Согласно став 4 на истиот член, извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно градот.

Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија која ја врши стручно научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Согласно член 20 став 1 од Законот, измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Според членот 21-а од Законот, при изработување на урбанистички план задолжително се применуваат урбанистички нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни области вклучени во интегралното планирање на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот, по претходно добиено мислење од министерствата надлежни за соодветните области.

Во оваа смисла, министерот за урбанизам и градежништво донел Правилник за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/1999 и 102/2000).

Согласно член 22 став 3 од Законот, општината донесува урбанистички план – урбанистичка документација за населено место во општината, а согласно став 6 на истиот член, овие урбанистички планови можат да се спроведат по издавањето на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот. Со оваа согласност, согласно член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 27 од Законот, министерот надлежен за работите на урбанизмот е надлежен да пропише начин и постапка за донесување на плановите (членовите 17 и 18). Во оваа смисла, министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина има донесено Правилник за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/1997 година).

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од увидот и анализата на доставената документација за донесување на Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичката документација за населено место Другово, општина Другово, Судот оцени дека Советот на општина Другово, како надлежен орган за донесување на наведената одлука, ги презел сите законски определени дејствија во постапката за донесување на истата.

Имено, на донесувањето на Одлуката и претходи донесување на Програма со која се планираат неопходните активности за изработка и ревизија на постојните планови, како и за нивно изменување и дополнување; нацрт-урбанистичката документација е изработена од претпријатие регистрирано за просторно и урбанистичко планирање и проектирање; согласно член 19 од Законот извршена е стручна ревизија на нацртот од страна на надлежен орган – Јавно претпријатие за просторни и урбанистички планови – подружница Битола; даден е одговор на стручната ревизија на нацрт планот од страна на изработувачот ПП “Перкан Проект” Прилеп; организирана е јавна анкета во согласност со член 17 и 18 од Законот; изработен е извештај од јавната анкета согласно член 18 став 4 од Законот; изработен е извештај дека забелешките од јавната анкета се вградени во конечната верзија на Предлог-планот; согласно член 22 став 3 од Законот донесена е Одлука за измена и дополна на Урбанистичката документација за населено место Другово и согласно член 22 став 6 од Законот, од страна на Министерството за урбанизам и градежништво, дадена е потребната согласност за спроведување на Одлуката, со која се потврдува дека урбанистичката документација е донесена согласно со одредбите на Законот и прописите донесени врз основа на овој закон.

Со оглед на вака утврдената фактичка состојба, според Судот при донесувањето на Одлуката не е сторена повреда на законски предвидената постапка за донесување на урбанистичка документација за населено место, поради што Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека при донесување на урбанистичката документација за населено место Другово се повредени одредбите на членот 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова особено од причина што за утврдување на правната валидност на постапката за донесување на оспорената одлука, според Судот, од значење е фактот дали општината организирала јавна анкета по нацрт-урбанистичката документација во смисла на член 17 и 18 од Законот, што во случајов неспорно е сторено, а прашањето дали подносителите на иницијативата поднеле анкетни листови на јавната анкета во врска со проширувањето на гробиштата и дали истите се земени предвид при утврдувањето на конечниот предлог на урбанистичката документација, е фактичко прашање кое не е во надлежност на Судот.

Во однос на наводите во иницијативата за оспорување на одлуката во однос на членот 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност ниту со овој член од Законот. Ова од причини што стандардите и нормативите за планирање на просторот, пропишани со правилник на министерот надлежен за работите на урбанизмот, а на кои се упатува во овој член од Законот, се задолжителни за изработувачите на урбанистичката документација, па оттука не е во надлежност на Судот да оценува дали тие во конкретниот случај се почитувани или не. Освен тоа, стандардите и нормативите за планирање на просторот се пропишуваат со акт на министерот надлежен за работите на урбанизмот, а не со закон, што им дава карактер на пропис со иста правна сила како и оспорената одлука (подзаконски акт), поради што Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност.

Наведеното на соодветен начин се однесува и во однос на наводите во иницијативата за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови, кој министерот надлежен за работите на урбанизмот е надлежен да го донесе согласно член 27 од Законот.

Врз основа на наведеното, а имајќи предвид дека според Судот, не е сторена повреда на законски пропишаната постапка за донесување на урбанистичката документација за населено место Другово, Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со оспорената одлука е повреден членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, според која уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се издигнати на ниво на темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Наводите во иницијативата дека со оспорената урбанистичка документација за делот на проширување на гробиштата официјално не се согласувал и актуелниот градоначалник на општина Другово, кој веќе започнал постапка за добивање на нова локација за гробиштата во согласност со закон, не се од значење за оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не постојат услови за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, во делот кој се однесува на проширување на гробиштата во населено место Другово.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2006
12 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова