Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците бр.0701-2057/2 од 28 октомври 2005 година, донесени од Советот на општина Штип на седницата одржана на 28 октомври 2005 година (“Службен гласник на општина Штип” бр.12/2005).
2. Панде Сарев, градоначалник на општина Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците означени во точката 1 на ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, Советот на општината Штип при донесување на оспорениот акт ги пречекорил своите овластувања и навлегол во надлежноста на градоначалникот.
Имено, според член 50 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот избирал директор на јавните служби што ги основала општината, врз основа на јавен конкурс. Меѓутоа, Советот на општината Штип, повикувајќи се на одредби од Законот за јавните претпријатија го разрешил директорот на ЈП “Исар”-Штип и покрај укажувањата дека на овој начин се навлегувало во надлежноста на градоначалникот.
Постапувајќи според член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот донел решение за запирање на објавувањето на оспорениот акт. Во образложението на истото му појаснил на Советот дека според содржината на членот 96 од Законот за локалната самоуправа, одредбите од постојните закони со кои се уредуваат прашањата што согласно со наведениот закон се надлежност на општините можеле да се применуваат се до нивното усогласување со одредбите од Законот за локалната самоуправа, но најдоцна до 31 декември 2003 година. Ова го направил од причина што сметал дека членот 40 точка 1 од Законот за јавните претпри-јатија не бил усогласен со членот 50 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа.
Меѓутоа, Советот на општината Штип не ги прифатил укажувањата и повторно ги донел оспорените заклучоци, по што градоначалникот го објавил оспорениот акт и поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 21 точка 35 и член 46 од Статутот на општината Штип (“Службен гласник на општина Штип” бр.1/2003), Советот на општина Штип на седницата одржана на 28 октомври 2005 година, ги донел оспорените заклучоци.
Според точка И од Заклучоците, поради нарушување на работењето на ЈП “Исар”, а врз основа на член 39 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996), ЈП “Исар” со начинот на работењето не обезбеди трајно и непречено вршење на дејноста и пружање на услуги на корисниците, не го остварува планот за развој и нанесува штета на граѓаните корисници и со располагањето со средствата, се менуваат и основните услови за работата на ЈП утврдени согласно Законот, и поради неостварувањето на јавниот интерес во ЈП со што суштествено се отежнува вршењето на неговата дејност.
Поради наведеното, врз основа на член 40 точка 1 се разрешува директорот Лазо Богатинов; врз основа на член 40 точка 2 се распушта Управниот одбор; врз основа на член 40 точка 3 се распушта Одборот за контрола; врз основа на член 41 став 1 за вршител на должноста директор во времетраење од 6 месеци се назначува (именува) Марија Чанева; врз основа на член 41 точка 2 за член на Управниот одбор на ЈП “Исар” се назначува (именува) дипл.економист Стојче Самарџиев; се задолжува комисијата за прашањата на изборите и именувањето на Советот на општината Штип за наредната седница да предложи претставници на Советот кои покрај Стојче Самарџиев ќе влезат во Управниот одбор на ЈП “Исар” и да предложи преставници во Одборот за контрола со мандат од 6 месеци, и се задолжува в.д. директорот и Управниот одбор од најмногу 30 дена, да го информираат Советот за материјално фина-нсиската состојба на ЈП, состојбата и функционалноста на основните средства, обврските и побарувањата и сите показатели за состојбата во ЈП “Исар” за да се обезбедат услови за непречено работење на ЈП и предлог мерки за остварување на истите.
Според точката ИИ од Заклучоците, тие влегуваат во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општината Штип”.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Во случајов оспорените заклучоци немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не може да биде предмет на уставносудска оцена.
Имено, од содржината на оспорените заклучоци произлегува дека станува збор за конкретен, поединечен акт со кој се уредуваат статусни прашања на конкретно претпријатие и поименично се врши именување и разрешување на одговорни лица во претпријатието, поради што истиот не е пропис и не е подобен за уставносудска оцена.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.207/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова