Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Апликацијата на Република Македонија за членство во Европската Унија, потпишана од Претседателот на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија на 26 февруари 2004 година.
2. Македонската народна партија, преку претседателот Владимир Стефановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Апликацијата поднесена од Претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со Апликацијата на Владата на Република Македонија за членство во Европската Унија, Република Македонија требало да пренесе дел од суверенитетот на унијата.
Според член 1 став 2 од Уставот на Република Македонија суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив. Овие одредби од Уставот го ограничувале правото на Република Македонија да пристапи кон каков било сојуз на држави, било тоа да е и па и кон Европската Унија поради тоа што суверенитетот на Република Македонија не можел да се пренесе на ниеден сојуз на држави.
Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека сите активности на Владата кои се во правец на пристапување на Република Македонија кон Европската Унија, биле спротивни на одредбите од Уставот на Република Македонија и требало да бидат поништени од страна на Уставниот суд.
Според подносителот на иницијативата со новиот Устав на Европската Унија (кој биле во фаза на усвојување), одлуките ќе се донесуваат со двотретинско мнозинство на земјите членки на Европската Унија. Оттука, според него во случај Република Македонија да биде примена за членка на Европската Унија, таа и кога би имала поинаков став за определено прашање, ќе мора да ја почитува одлуката на мнозинството членки и таа одлука ќе има правна сила на територијата на Република Македонија.
Во меѓувреме според подносителот на иницијативата спротивно на Уставот, во Република Македонија се донесуваат закони, според кои како да е извесен нашиот прием во Европската Унија. Таков бил случајот со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот (“Службен весник на Република Македонија” бр.88/2005), каде во преодните одредби, во членовите 73 и 74 се говори за тоа, кои делови од Законот ќе важат до нашиот пристап во Европската Унија, а кои делови од Законот ќе важат од денот на нашето пристапување во Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага да бидат поништени сите акти и договори кои ги потпишала Владата на Република Македонија со органите и телата на ЕУ, а кои водат кон приклучување на Република Македонија кон Сојуз на држави, а со тоа и пренос на дел од суверенитетот на Република Македонија на тој сојуз.
Подносителот на иницијативата, исто така, бара Судот да донесе времена мерка со која ќе и забрани на Владата да поднесува апликации за членство во кој било сојуз на држави, или пак да потпишува договори за пристап кон сојуз на држави.
3. Судот на седницата утврди дека Апликацијата на Република Македонија за членство во Европската Унија е заснована на Декларацијата за поднесување на барање за членство на Република Македонија во Европската Унија, донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 13 февруари 2004 година и објавена во „Службен весник на Република Македонија” бр.7/2004, која во името на Република Македонија ја потпишале Претседателот на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија на 26 февруари 2004 година.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува меѓу другото и за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.
Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно член 120 од Уставот кој е сместен во Глава VI “Меѓународни односи” предлог за стапување во сојуз или заедници со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.
Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.
Од содржината на овие уставни одредби произлегува дека со Уставот точно е дефинирана постапката за стапување или истапување од сојуз или заедници со други држави и одлуката зависи од резултатите на референдумот.
Меѓутоа, во конкретниот случај не станува збор за одлука, туку за определба на Република Македонија за интегрирање во Европската Унија, изразена преку Декларацијата за поднесување на барање за членство на Република Македонија во Европската Унија донесена од Собранието на Република Македонија.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според Судот, наведената Апликација, која е потпишана од Претседателот на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија, со која се бара членство на Република Македонија во Европската Унија, всушност претставува документ кој ги одразува погледите и ставовите што имаат за цел да се обезбеди оптимален начин за приближување, членување и интегрирање на нашата земја во Европската Унија.
Барањето (Апликацијата) е дејствие на Претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија и е израз на политичка волја, во рамките на нивните уставни овластувања со што отпочнува постапката за пристапување на Република Македонија кон Европската Унија и не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата се отфрла.
5. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.213/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова