Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 и член 55-а од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 2/2002, 44/2002, 96/2004 и 120/2005).
2. Друштвото за производство, промет и услуги “МЕТЕОРА БЦ” ДООЕЛ – Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Со иницијативата, која по барање на Судот дополнително е прецизирана се бара да се оцени уставноста на третманот на приходите на собирачите на шумски печурки кои се третирале од страна на Министерството за финансии на Република Македонија согласно одредбите од член 55-а од Законот за персоналниот данок од доход, како други приходи. Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, Министерството за финансии наметнувало незаконска даночна обврска од причина што собирањето на шумски печурки претставувало дејност која влегува во класата 02.01 поткласа 9 од Националната класификација на дејности односно спаѓа во земјоделство, лов и шумарство. Оттука, доходот што физичките лица го остварувале со собирање на шумски печурки, спаѓа во доход остварен од земјоделска дејност – шумарство – собирање на шумски печурки (класа 02.01).
Со подведувањето на приходите на собирачите на шумски печурки како други приходи, се наметнувала незаконска даночна обврска спрема исплатувачите правни лица кои вршеле откуп на печурки. Имено, согласно членот 68 од Уставот на Република Македонија, само Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки. Со тоа што Министерството за финансии – Управата за јавни приходи, спротивно на одредбите од Законот за персонален данок од доход, приходите кои ги остварувале собирачите на шумски печурки ги третирала како други приходи, подносителот на иницијативата смета дека се правела повреда на член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со тоа се наметнувала јавна давачка која не била пропишана со Законот за персонален данок од доход.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека дејностите кои физичките и правните лица ги вршат во Република Македонија биле класифицирани и утврдени со одредбите од Законот за национална класификација на дејностите и врз основа на кој закон и член 45 од Законот за Владата на Република Македонија била донесена Одлуката за утврдување на национална класификација на дејностите. “Сектор А” од Националната класификација на дејностите кој гласи “Земјоделство, лов и шумарство” во која според структурата утврдена од Заводот за статистика или 31 потсектор, 60 удели, 222 групи, 502 класи и 602 поткласи на дејности кои спаѓаат во земјоделство, лов и шумарство. Класа 02.01 – Одгледување, користење и заштита на шуми која спаѓала во група 02.01 т.е. во соодветни услужни активности во класата одгледување, користење и заштита на шуми, меѓу другите ја содржела и поткласата собирање на шумски печурки, тартуфи, која дејност, според подносителот на иницијативата спаѓала во доход остварен од земјоделска дејност – шумарство. Во тој случај, подносителот на иницијативата, смета дека обврзник на данокот на доход кој остварува приходи од земјоделство и шумарство е физичко лице кое како сопственик или корисник на земјиштето се води во катастарските книги, со состојба од 31 декември во годината што и претходи на годината за која се утврдува данокот (член 19 од Законот за персонален данок од доход).
Со одредбите од Законот за персонален данок од доход, според наводите во иницијативата, се оданочувале приходите од земјоделска дејност во кои влегувале и приходите од собирање на печурки. Според тоа, ако приходите биле подведени под оданочување со Законот за персонален данок од доход, врз истите не се применувале одредбите за оданочување како за други видови на приходи од член 55-а, кој ако биле оданочени според законот, ги исклучува од одредбата за оданочување според членот 55-а. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека собирањето на шумски печурки не може да се подведе под “други приходи” од аспект на оданочување на доходот. Ова дотолку повеќе што за истото биле предвидени одредби, според кои се оданочуваат за данок од доходот, остварен со вршење на земјоделска и шумарска дејност. Имено, од наведеното во членот 55-а, според иницијативата, било исклучено оданочување на сите видови на приходи, за кои било пропишано оданочување со други одредби од Законот за персонален данок на доход.
Со оглед на тоа што во случајов не станувало збор за доход, кој се оданочувал по одбивка, според подносителот на иницијативата, исплатувачот на приходите по основ извршен откуп на печурки воопшто не е обврзан да пресмета и уплати аконтација на данокот на доход кој се утврдува со решение. Околноста дека станувало збор за приход од вршење на земјоделска дејност кој не влегувал во групата на “други приходи” од членот 55-а, туку во земјоделски приходи, според иницијаторот, укажувал и царинскиот третман на откупените и извезени производи, кои согласно Законот за царинската тарифа (“Службен весник на Република Македонија” бр.86/2004) биле распределени во зеленчуци, корења и грутки за јадење под тарифен број 8709.59, под друг зеленчук.
Од наведените причини, подносителот смета дека оспорените членови 3 и 55- а од Законот за персоналниот данок на доход биле погрешно третирани, односно применувани од Управата за јавни приходи, во постапката на определување на доходот што подлежи на оданочување според видот на приходот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 3 од оспорениот закон доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следниве видови приходи остварени во земјата и во странство: 1) лични примања; 2) приходи од земјоделска дејност; 3) приходи од самостојна дејност; 4) приходи од имот и имотни права; 5) приходи од авторски права и права од индустриска сопственост; 6) приходи од капитал; 7) капитални добивки; 8) добивки од игри на среќа и други наградни игри, и 9) други приходи.
На оданочување подлежат сите приходи од став 1 на овој член што се остварени во пари, хартии од вредност, во натура или во некој друг вид.
Според членот 55-а од истиот закон други приходи во смисла на овој закон, се сметаат и приходите кои ги остваруваат физички лица, кои не се оданочени или не се изземени од оданочување со овој закон.
Основа за пресметување на данокот од ставот 1 на овој член е нето приходот кој се утврдува со одбивање на нормираните трошоци од бруто приходот во висина од 35%.
Како други приходи, во смисла на овој закон, се сметаат и приходите остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби, како и причините за оспорување во иницијативата, Судот утврди дека подносителот на иницијативата всушност ја оспорува практичната примена на оспорените одредби, односно нивно толкување од страна на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи при определувањето на видот на приходот, за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Имено, причините за оспорување наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на самите одредби од чија содржина не произлегуваат основите на оспорување на кои се повикува подносителот во иницијативата. Оттука, според Судот не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оцена на оспорените одредби, односно постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.221/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова