У.бр.134/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 март 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Петре Илиевски од Скопје, со Решение У.бр.134/2005 од 8 февруари 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 22 став 1 од Законот за работните односи, работодавачот потребата од работници ја обезбедува преку:

1) огласување на јавен оглас во дневниот печат на товар на работодавачот;
2) објавување во службата надлежна за посредување при вработување, без наплата, во согласност со закон;
3) посредување на службата надлежна за посредување при вработување преку упатување на лица за вработување од евиденцијата на невработените лица;
4) обезбедување работник од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување со него (оспорена точка) и
5) агенција за посредување при вработување со наплата од работодавачот, во согласност со закон.

5. Уставниот суд на Република Македонија се произнел по однос на предметното прашање и со Одлука У.бр.73/2004 од 18 мај 2005 година го укинал членот 9 во делот “обезбедување од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003) меѓутоа, истата содржина од укинатата одредба е пренесена и во новиот Закон за работните односи во членот 22 став 1 точка 4 според кој “обезбедување работник од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување со него”, а кој се оспорува со предметната иницијатива.

Новиот Закон за работните односи е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 22 јули 2005 година и е објавен во “Службен весник на Република Македонија” на 28 јули 2005 година.

Законот влегол во сила на 4 август 2005 година.

Со оглед на тоа што станува збор за нов закон, а имајќи го предвид фактот дека укинатата одредба од Законот за работните односи кој престанал да важи со донесувањето на новиот Закон за работните односи (4 август 2005 година), е вградена и во новиот закон кој е во важност, Судот оцени дека и во случајов се исполнети условите за укинување на член 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 22 од Законот за работните односи ги утврдува начините на кои работодавачот може да ја задоволи потребата од работници. Меѓу другите начини, овој член од Законот допушта обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување.

Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Определбата содржана во членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи за обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување, според Судот граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.

Вработувањето, односно пополнувањето на слободни работни места без огласување со директно склучување на договор за вработување претставува нерамноправност на граѓаните и ограничување на правото на достапност на секое работно место под еднакви услови за оние граѓани кои воопшто не се запознати дека има слободни работни места поради што Судот оцени дека членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи не е во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.134/2005
29 март 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова