209/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 1 во делот

2. Ванчо Спасески, Драгица Спасеска, Миодраг Кузмановски, Снежана Кузмановска и Радмила Васева, сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од одредбата од Законот за здравствено осигурување, бил во несогласност со Уставот на Република Македонија, затоа што остварувањето на правото на граѓаните од задолжителното здравствено осигурување се условувало со задолжително плаќање на придонес, без оглед дали плаќањето било објективно можно. Имено, со општата одредба на членот 2 став 2 од Законот, се прокламирало дека задолжително здравствено осигурување се востановува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност и еднаквост.

Во таков случај со оспорената законска одредба не можело да се условува остварувањето на правата од задолжителното здравствено осигурување со плаќање на придонес за тоа, особено што реалната состојба на вработените била тешка и нивните работодавачи често не го плаќале придонесот за здравственото осигурување, без вина на работниците.

Од овие причини, според иницијативата, оспорената одредба од Законот била во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 1 став 1, членот 8 став 1 алинеја 3 и 8, член 9 став 2, член 34, член 35, член 39, член 51 и член 54 став 1.

Со иницијативата се предлага до донесувањето на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 27 став 1 од Законот за здравственото осигурување се предвидува дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон, осигурените лица ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација или картичка за здравствено осигурување и доказ дека придонесот за задолжителното здравствено осигурување е платен.

Според ставот 2 на овој член од Законот, формата и содржината на здравствената легитимација, односно на картичката за здравствено осигурување, начинот на издавање и користење, како и доказот од став 1 на овој член ги утврдува Фондот со општ акт.

4. Во членот 1 став 1 од Уставот на Република Македонија определено дека Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според членот 8 алинеја 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, а според членот 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 1 од Законот за здравствено осигурување, предмет на уредување на овој закон е здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Здравственото осигурување на граѓаните со Законот е уредено преку востановување на задолжително и доброволно здравствено осигурување и во тие рамки се уредени правата и обврските на овие два диференцирани облици на здравствено осигурување.

Во членот 3 од овој закон е определно дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, дејноста која ја врши е од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Во делот на одредбите во Законот кои се однесуваат на задолжителното здравствено осигурување, со членот 4 е определено дека осигурени лица, во смисла на овој закон, се осигурениците и членовите на нивното семејство.

Според членот 5, со овој закон задолжително се осигуруваат лицата кои се подробно набројани во четиринаесет (14) алинеи во одредбата.

Со задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги под услови утврдени со овој закон во случај на болест и повреда надвор од работа и повреда на работа и професионално заболување.

Обезбедувањето на здравствените услуги на осигурените лица е фундаментална содржина на здравственото осигурување.

Здравственото осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување за своја темелна основа ја има определбата на Уставот во членот 35 став 1, според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Поаѓајќи од уставната определба со закон и колективен договор да се уредат правата на граѓаните од оваа сфера врз основа на наведените уставни начела, со Законот за здравственото осигурување е пропишан системот на здравственото осигурување како дел од социјалното осигурување, кој треба да обезбеди функционирање на примањата и давањата на здравствените услуги во рамки на здравствената заштита на осигурениците. Заради обезбедување на средства за функционирањето на овој систем, со членот 37 од Законот е предвидено дека средства за задолжителното здравствено осигурување се обезбедуваат од: 1) придонеси од бруто платите и надоместоците на платите на вработените, потоа од пензиите и надоместоците од пензиското и инвалидското осигурување, од приходите на лицата кои самостојно вршат дејност, од средствата за невработените лица и од средствата на другите обврзници на придонес; 2) дополнителен придонес за случај на повреда на работа и професионално заболување; 3) учество на осигурениците; 4) буџетот на Републиката; 5) камата и дивиденда; 6) подароци, легати и 7) други приходи.

Во членот 38 од Законот е предвидено дека осигурениците од член 5 на овој закон плаќаат придонес за задолжителното здравствено осигурување.

Според членот 46 од Законот, стапките на придонесите за задолжителното здравствено осигурување се утврдуваат како единствено стапки кои по предлог на Владата, ги утврдува Собранието на Република Македонија.

Судот утврди дека од изнесените уставни и законски норми произлегува дека грижата на Републиката за социјалната сигурност на граѓаните, покрај нормативната функција за начинот на остварување на правото, опфаќа и нормирање на системот на обезбедување на материјални и финансиски средства зошто без остварување на оваа компонента правата би биле како декларација без никаква вредност, што ја осмислува државата како социјална држава.

Со оглед на тоа, со Законот за здравственото осигурување во регулирањето на системот на функционирање на правата и обврските од здравственото осигурување е предвидена и одредбата од членот 27 став 1 која во дел се оспорува и е означена во Законот со поднаслов “докажување на својството осигуреник”, а со која е предвидено дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамки на обемот на правата утврдени со овој закон, осигурените лица ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација или картичка за здравствено осигурување и доказ дека придонесот за задолжителното здравствено осигурување е платен. Со оспорување на делот од одредбата “и доказ дека придонесот за задолжителното здравствено осигурување е платен”, со иницијативата всушност се сака да се елиминира доказот за платен придонес за задолжителното здравствено осигурување а со тоа и да се отстрани индивидуализацијата на оние кои имаат својство на осигурени лица што е определено со плаќање на придонес како финансиска обврска на осигурувањето, односно да се напушти системот на финансирање на задолжителното здравствено осигурување воспоставен со овој закон.

Од анализата на оспорената законска одредба, а во контекст на целината на Законот, Судот утврди дека таа е дел од одредбите со кои се уредуваат односите и правата и обврските на субјектите во системот на осигурувањето во сферата на здравството, што е право на законодавецот да го уреди со закон согласно со членот 34 од Уставот. Со оспорената законска одредба се детерминира остварувањето на правата од задолжителното здравствено осигурување со докажување дека лицето има својство на осигуреник, односно тоа треба да има доказ дека придонесот е платен, со што осигурувањето е условен однос на субјектите кои ги примаат и оние кои ги пружаат здравствените услуги. Преку задолжителното здравствено осигурување кое се заснова врз плаќање на придонес и финансиска дисциплина на осигурениците заради реализација на услугите, на што се однесува и оспорената законска одредба, се обезбедува еднаква здравствена заштита на сите осигуреници без оглед на основицата за учеството во придонесот. Со оглед на тоа според Судот ваквата законска регулатива во потполност ги изразува определбите на Уставот, во членот 1 дека Република Македонија е социјална држава; во членот 8 алинеја 8 според која темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; во членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; во членот 35 кој се однесува на тоа дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, и во членот 39 според кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека за оспорената одредба од Законот не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот. Со оглед на тоа нема услови согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2005
15 март 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова