173/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 47 став 1 во делот ”и пропис донесен врз основа на овој закон” и став 3, како и член 48 став 3 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/1996 и 21/1996-исправка).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените законски одредби претставувале овластувања за министерот за труд и социјална политика да донесува прописи за кои нема уставна основа.

Имено, овластувањето во членот 47 став 1 од Законот, што гласи: ” и пропис донесен врз основа на овој закон”, ставот 3 од истиот член и членот 48 став 3 од Законот, претставувале овластувања за кои нема уставна основа, особено поради тоа што Законот не содржел никакви крите-риуми во однос на тие прашања.

Според подносителот на иницијативата, тргнувајќи од темел-ни-те вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот како орган на државната управа не можел да има овластувања во законодавната власт. А согласно член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесувал министерот не можело за граѓаните и другите правни лица да се утвр-ду-ваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се повредувале членот 8 став 1 алинеите 3 и 4, членовите 51, 68 став 1 алинеја 2, членот 91 алинеја 1 и 5 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 47 став 1 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци, воените инвалиди имаат право на бањско и климатско лекување под условите пропишани со овој закон и пропис донесен врз основа на овој закон.

Согласно став 2 на истиот член, бањското и климатското лекување во смисла на овој закон е продолжен вид на лекување од болестите што се пропишани како инди-кации за тоа лекување што се врши во специјализирани здравствени организации во кои при лекувањето се применува и природен фактор, други здравствени организации во кои претежно при лекувањето се применува природниот фактор или други организации основани за одмор и рекреација и во кои во лекувањето се применува природниот фактор.

Согласно став 3 на истиот член, министерот за труд и социјална политика со прописот од став 1 на овој член ќе ги пропише индикациите и контраиндикациите за бањско и климатско лекување, траењето на лекувањето, условите, постапката и начинот на остварувањето на бањското и климатското лекување.

Според член 48 став 1 од Законот, воениот инвалид на кого својството на воен инвалид од И група му е признато трајно поради ампутација на долните екстремитети или тешки оштетувања на долните екстремитети, изедначени со ампутација на екстремитетите и воениот инвалид кому својството на воен инвалид од И група му е признато трајно врз основа на губење на видот на обете очи, има право на патничко моторно возило со зафатнина до 1000 см3.

Согласно ставот 2 на истиот член, воениот инвалид може повторно да го оствари правото на патничко моторно возило по истекот на десет години од денот на презе-ма-њето на порано применото-купено возило.

Согласно ставот 3 на истиот член, министерот за труд и социјална политика ќе донесе пропис за оштетувањата на организмот врз основа на кои воениот инвалид има право на моторно возило и за видот на моторното возило.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про-писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи-тува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според алинеја 5 донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во членот 36 од Уставот е предвидено дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 од овој член, посебните права се уредуваат со закон.

Правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци се уредени со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци.

Со членовите 4 до 7 од овој закон се утврдува кои лица имаат статус на воен инвалид од војните, а со членовите 9 до 14 се утврдува кои лица имаат статус на мирновременски воен инвалид. Со членовите 15 и 16 се утврдува што се подразбира под семејство на паднат борец, а со членот 17 се утврдуваат членовите на семејството на воен инвалид.

Во членот 18 од Законот се утврдени посебните права на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства, како и на членовите на семејствата на паднатите борци, и тоа: правото на лична инвалиднина, семејна и зголемена семејна инвалиднина, инвалидски додаток, додаток за помош и нега од страна на друго лице, ортопедски додаток, бањско и климатско лекување, право на патничко моторно возило, додаток на деца и професионална рехабилитација, здравствена заштита, помош во случај на смрт и бесплатен и повластен превоз, а според член 19 од овој закон, заради остварување на правата според овој закон воените инвалиди се распоредуваат во десет групи на воен инвалидитет, според степенот на оштетувањето на организмот изразен во процент.

Остварувањето на правото на бањско и климатско лекување на воените инвалиди, како едно од посебните права за овие лица, се уредува со оспорениот член 47 од Законот, а остварувањето на правото на бесплатно патничко моторно возило на воениот инавид се уредува со оспорениот член 48 на Законот.

Со членот 80 од Законот се утврдува дека воениот инвалидитет, правото на додаток за нега и помош, ортопедскиот додаток, бањското и климатското лекување, правото на бесплатно моторно возило, како и неспособноста за работа како услов за остварување на правата според овој закон, се утврдуваат врз основа на наодите и мислењата од надлежните лекарски комисии, формирани како првостепена и второстепена лекарска комисија.

Согласно член 83 став 1 од истиот закон, воениот инвалид се упатува на бањско климатско лекување врз основа на одобрение од лекарска комисија, односно комисија на лекари вештаци. Согласно став 2 на истиот член, лекарската комисија и комисијата на лекари вештаци, ги сочинуваат по три члена-лекари, а согласно став 3 на истиот член, членовите на овие лекарски комисии ги именува министерот за труд и социјална политика.

Согласно член 89 од Законот, во постапката за остварување на правата според овој закон се применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка, ако со овој закон не е определено поинаку.

Согласно член 94 од Законот, средствата за остварување и користење на правата пропишани со овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Републиката.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови на акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за грараните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропиЬува надлеЧност на други органи.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот гарантира посебни, социјални права за борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, воените инвалиди, прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција и дека овие права Републиката ги уредува со закон.

Од анализата на наведените и другите законски одредби несомнено произлегува дека, поаѓајќи од уставните гаранции за овие посебни права, Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци, децидно ги утврдил корисниците на посебните права, видовите на правата за овој вид заштита, висината, користењето и престанокот на правата, постапката за нивното остварување и изворите на средствата (од Буџетот на Републиката).

Во таа смисла Законот, со одредбите од членот 47, јасно определил дека под бањско и климатско лекување во смисла на овој закон, се подразбира лекување кое може да го остваруваат воените инвалиди како продолжен вид на лекување од болестите што се пропишани како индикации за лекување со примена на природен фактор во здравствените и други организации основани за одмор и рекреација каде тоа лекување може да се врши. Со одредбите од членот 80 и 83, законодавецот опреде-лил дека за потребата од бањско и климатско лекување решаваат стручни лекарски комисии формирани како првостепена и второстепена лекарска комисија, односно дека на бањско и климатско лекување воениот инвалид се упатува само врз основа на одобрение од стручна лекарска комисија, дадено во пропишана постапка.

Индикациите и контраиндикациите за бањско и климатско лекување, траењето на лекувањето, како и условите, постапката и начинот на остварувањето на бањското и климатското лекување, законодавецот не ги утврдил со Законот, туку за истите со член 47 став 3 од Законот, го овластил министерот за труд и социјална политика, да ги пропише со подзаконски акт.

На ист начин законодавецот постапил и во низа други одредби од Законот, кога определил дека со подзаконски акт донесен од министерот за труд и социјална политика, ќе се доразработи остварувањето на правата на воените инвалиди ( додаток за нега и помош од страна на друго лице-член 42 став 3, ортопедски додаток-член 45 став 3, патничко моторно возило-член 48 став 3, бесплатен и повластен превоз-член 57 став 5).
Според Судот, Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци со тоа што јасно ги утврдува корисниците на правото на бањско и климатско лекување, ја утврдува суштината на ова лекување (лекување со примена на природен фактор), како и ги утврдува органите и постапката за остварување на ова право, го утврдил законскиот основ и условите за остварување на ова право, односно ја определил законската рамка за неговото остварување.

Имено, согласно Законот, бањско и климатско лекување можат да остварат само воени инвалиди кои боледуваат од болести што се пропишани како индикации за лекување кое се врши во здравствени и други организации за одмор и рекреација во кои во лекувањето се применува природен фактор, а остварувањето на ова право се врши по одобрување од стручна лекарска комисија, во пропишана постапка.
Според Судот, пропишувањето на медицинските индикации и контраиндикации за бањско и климатско лекување, траењето на лекувањето, условите, постапката и начинот на остварувањето на ова право со подзаконски акт од страна на министерот за труд и социјална политика е во функција на разработување на одредбите од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци, заради нивно извршување во законски утврдените рамки, што е согласно на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и нема функција на акт со кој се утврдуваат права и обврски за граѓаните или правните лица што е забрането со член 61 став 1 од истиот закон. Според тоа, Судот оцени дека даденото овластување на министерот за труд и социјална политика за донесување на подзаконскиот акт не значи овластување кое навлегува во законодавната власт, поради што и не се повредува уставниот принцип на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Поради наведеното, Судот утврди дека оспорените одредби на членот 47 од Законот имаат своја уставна основа и дека со истите не се повредува уставниот принцип на владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 на Уставот. Според Судот, исто така, неосновани се и наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се повредувале член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот.

Од анализата на членот 48 од Законот ,според Судот, критериумите за определување на оштетувањата на организмот врз основа на кои воениот инвалид има право на моторно возило, како и за видот на моторното возило, всушност произлегуваат од ставот 1 на истиот член.

Имено, услов за остварување на правото на бесплатно моторно возило е лицето да има статус на воен инвалид од И група на кого својството му е признато трајно, поради ампутација на долните екстремитети или тешки оштетувања на долните екстремитети изедначени со ампутација на екстремитетите, односно врз основа на губење на видот на двете очи. Тоа значи дека при донесувањето на подзаконскиот акт, министерот е врзан за оштетувања на организмот кои имаат за последица ампутација на долните екстремитети или тешки оштетувања на долните екстремитети изедначени со ампутација на екстремитетите, односно губење на видот на двете очи. Само таквите оштетувања можат да предизвикаат инвалидност за која, во смисла на Законот, лицето има право на бесп-латно моторно возило.

Поради наведеното Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека Законот не содржи никакви критериуми по однос на прашањето за пропишување на оштетувањата на организмот од значење за остварување на правото на бесплатно патничко моторно возило, поради што министерот, иако припаѓа на извршната власт, со донесувањето на прописот неосновано навлегувал во законодавната власт.

Напротив, Судот оцени дека донесувањето на наведениот пропис е во функција на разработка на одредбите од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци, со кои се утврдува правото на бесплатно моторно возило за одредена категорија воени инвалиди заради нивно извршување, со што според Судот, не се повредува уставниот принцип на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 на Уставот, како и не се повредуваат член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2005
15 февруари 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова