Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јануари 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
а) член 6 став 3 од Законот за правата на носителите на “Партизанска споменица 1941”, на лицата одликувани со Орден на народен херој и на борците од Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.75/1993) и
б) Правилникот за начинот на остварување на правата, начинот на исплатата на примањата на носителите на “Партизанска споменица 1941”, на лицата одликувани со Орден на народен херој и на борците од Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година и евиденција на извршените исплати (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/1994).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 3 од Законот и на Правилникот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оспорениот член 6 став 3 од Законот со свој акт да го пропишува начинот на остварувањето на правата и исплатата на истите, немало уставна основа затоа што оваа материја се пропишувала со закон. Со ваквото законско овластување на министерот се отстапувало од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Оспореното овластување на министерот за труд и социјална политика немало основа ниту во членот 36 став 2 од Уставот, затоа што и од овој член не произлегувала можноста со општ акт на министерот да се уредуваат или доуредуваат посебните социјални права на носителите на “Партизанска споменица 1941 година”, на лицата одликувани со орден на народен херој и на борците на Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 6 став 3 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 36 став 2, член 51, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот.
Со оглед на тоа што врз основа на оспорената законска одредба е донесен оспорениот правилник, подносителот на иницијативата смета дека автоматски и овој правилник не може да опстане во правниот поредок од истите причини како и законската одредба.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 6 став 1 од Законот е определено дека правата пропишани со овој закон се остваруваат преку подрачните организациони единици на Министерството за труд и социјална политика во општината во чие подрачје корисникот има живеалиште. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека средствата за обезбедување на правата пропишани со овој закон се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија.
Според оспорениот став 3 на член 6 од Законот, начинот на остварувањето на правата и исплатата на истите ги пропишува министерот за труд и социјална политика.
Судот на седницата, исто така, утврди дека правилникот кој што во целина се оспорува со оваа иницијатива има седум члена. Во членот 1 од овој правилник се определуваат прашањата кои се уредуваат со него. Во членот 2 се утврдува дека годишното парично примање за закрепнување се исплаќа со уплатница на име и презиме на корисникот.
Во членот 3 од оспорениот правилник се утврдува дека надоместокот на трошоците за погреб во висина утврдена со Законот се остварува врз основа на поднесено барање поткрепено со соодветни докази за смртта и извршениот погреб. Исплатата на овој надоместок исто така се врши со уплатница на име на лицето кое го извршило погребот.
Во членовите 4, 5 и 6 од оспорениот правилник се уредуваат прашања во врска со евиденцијата за извршените исплати, а во членот 7 се уредува неговото влегување во сила.
4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 36 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите народноослободители војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон.
Врз основа на овластувањето од наведениот член на Уставот, во Законот за правата на носителите на “Партизанска споменица 1941”, на лицата одликувани со орден на народен херој и на борците од Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.75/1993) на овие лица им се утврдени неколку права и тоа: право од здравствена заштита, право на годишно парично примање за закрепнување и право на бесплатен и повластен превоз (член 1 од Законот).
Од анализата на членовите 2, 3, 4 и 5 од наведениот закон произлегува дека со него не само што се утврдени правата на оваа категорија граѓани, туку истите се и целосно уредени, односно определени со самиот закон, со тоа што само во членот 2 од Законот во однос на правата од здравствена заштита се упатува дека тие се остваруваат согласно прописите за воените инвалиди. Тоа, од друга страна, укажува дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оспорениот член 6 став 3 од Законот не се однесува за уредување или доуредување на правата пропишани со овој закон (во смисла на разработување или специфицирање на некои од елементите што ја определуваат нивната содржина и суштина), како што смета подносителот на иницијативата.
Според оспорената законска одредба министерот за труд и социјална политика е овластен да го пропише само начинот на остварувањето и исплатата на правата утврдени со овој закон, а овие прашања, што произлегува и од самата содржин на оспорениот правилник, по својот карактер се од оперативно-техничка природа и се во функција на извршување на Законот.
Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека органите на државната управа, кои се дел од извршната власт, согласно член 96 од Уставот работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во рамките на Уставот и законите, Судот оцени дека со овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оспорената законска одредба не се повредува ниту принципот на владеењето на правото ни принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како што се наведува во иницијативата. Оттаму, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 6 став 3 од Законот со ни една одредба од Уставот, во однос на кои се оспорува неговата уставност.
Со оглед на тоа што единствена причина за оспорување на уставноста на оспорениот правилник е што тој е донесен врз основа на оспорената законска одредба за која подносителот на иницијативата смета дека е неуставна, а според Судот таа е во согласнсот со Уставот, од истите причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста и на оспорениот правилник со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.103/2005
11 јануари 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова