У.бр.168/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) Правилникот за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002) и

б) Барање за распределба на царински квоти (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2003).

2. Трговско друштво за трговија, производство и услуги “ГЕДЕКС” д.о.о. Ѓорѓи – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспоренита акти не биле во согласност со член 32 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европските заедници и нејзините земји членки (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2001) и со членовите 4 и 7 од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1997) и Изменување и дополнување на овој договор (“Службен весник на Република Македонија” бр.100/2002), како и со Договорните листи на производи со квоти согласно договорите за слободна трговија.

Подносителот на иницијативата смета дека иако во членот 2-а од оспорениот правилник се вели дека истиот е во согласност со договорите и спогодбите за слободна трговија, тоа не било така затоа што во договорите и спогодбата било децидно напишано дека не смеат да се воведуваат нови царински давачки на увозот, трошоци или мерки со ист ефект кој ќе влијаеле ограничувачки во трговијата со договорните земји. Според подносителот на иницијативата, исто така и во Барањето требало да се запишуваат онолку цифри од тарифниот број како што било предвидено во договорите и Спогодбата, наместо една тарифна ознака со десет цифри.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги во членот 1 предвидува дека во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001, 6/2002, 37/2002, 69/2002 и 78/2002) по членот 2 се додава нов член 2-а кој гласи:

“Член 2-а

За секое поднесено барање за распределба на царински квоти за преференцијален увоз согласно договорите и спогодбите за слободна трговија, се наплаќа надоместок за направените царински услуги во висина од 100 евра по поднесено барање.

Овој Правилник влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Барањето за распределување на царински квоти (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2003) претставува формулар во кој во одделни графи се пополнуваат податоци за: 1) увозник; 2) договор за слободна трговија (земја); 3) подносител на барањето; 4) единечна мерка; 5) количина; 6) тарифна ознака; 7) опис; 8) број на ЕЦД и датум; 9) царинска испостава на увозно царинење. Формуларот на барањето содржи и потврда за распределена царинска квота во која се наведуваат 1) број; 2) датум; 3) тарифна ознака; 4) единечна мера и 5) количина”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија:

– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решавата за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, а согласно член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставната норма предвидена во членот 110 од Уставот, како е погоре децидно наведено, не предвидува надлежност Уставниот суд да постапува, односно да оценува дали подзаконски акт, како што е во случајов Правилникот за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги и Барањето за распределба на царински квоти, е во согласност со меѓународен акт, односно Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европските заедници и нејзините земји членки, Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска, како и со договорените листи на производи со квоти согласно договорите за слободна трговија. Имено, од јасно дефинираните надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот, произлегува дека тој е надлежен да ја оценува согласноста на подзаконскиот акт само со Уставот на Република Македонија и законите. Впрочем, Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр.5/2005 од 16 ноември зазел став во оваа насока.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Уставниот суд да ја оценува согласноста на оспорените подзаконски акти со одредби од меѓународни правни акти, кои се ратификувани со закон, според Судот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува содржината на меѓународните договори, а со тоа ниту согласноста на подзаконските акти со меѓународните договори, од причина што оцената за согласноста на меѓународните договори со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификација на меѓународниот договор, кој по неговото ратификување станува дел од внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.156/2002 од 28 септември 2005 година ја оценувал уставноста и законитоста на сега оспорениот правилник и зазел став дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија и позитивната законска регулатива.

Бидејќи во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди и по овој основ иницијативата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.168/2004
30 ноември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова