Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 34 став 2 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000-исправка, 50/2000, 11/2002, 31/2003 и 84/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на:
а) уставноста на член 32 став 3 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000-исправка, 50/2000, 11/2002, 31/2003 и 84/2005), и
б) уставноста и законитоста на Одлуката за висината на учеството на осигуренителица во цените на здравствените услуги, донесена од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/2001).
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точка 1 и точка 2 под а) од ова решение, како и постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 2 под б) од ова решение.
Според подносителот на иниција-тивата законското овластување со подзаконски пропис да се уреди висината на учеството на осигурените лица во цените на здравст-ве-ните услуги, ги надминувало уставните гаранции за такво овласту-ва-ње, поради што и оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 34, член 51 и член 96 од Уставот.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека бидејќи здравствената заштита на граѓаните, согласно Уставот на Република Македонија, се обезбедувала преку систем на здравствено осигуру-ва-ње, како дел од социјалното осигурување во поширока смисла, пра-вата што од тоа произлегуваат можеле да се уредуваат само со закон и со колективен договор, а не и со подзаконски прописи.
Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека оспорената одлука не била во согласност со членовите 32 став 3 и член 34 став 2 од Законот за здравствено осигурување, како и со чле-нот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
При одлучувањето по иницијативата, подносителот укажу-ва Уставниот суд на Република Македонија да ги има во вид и одлу-ките на Судот У.бр.207/1999 од 7 јуни 2000 година и У.бр.173/2000 од 4 април 2001 година.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 32 од Законот за здравственото осигурување е предвидено дека осигурените лица учествуваат со лични средства при користењето на здравствените услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите.
За здравствените услуги за одобрено лекување во стран-ство, осигуреното лице учествува со 20% од вкупните трошоци.
Висината на учеството од став 1 на овој член во фик-сен износ, обратно-пропорционално од цените на услугите ја утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.
Според член 34 од Законот од учеството утврдено во член 32 на овој закон се ослободуваат:
– осигурените лица за лекарски преглед кај избраниот лекар и итна медицинска помош на повик;
– децата со посебни потреби, според прописите за соци-јална заштита;
– корисници на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во друго семејство, според пропи-сите за социјална заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекува-њето во странство;
– душевно болни лица сместени во психијатриски болници и ментално ретардирани лица без родителска грижа и
– осигурените лица кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и бол-ничката здравствена заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за леку-ва-њето во странство, во износ повисок од 70% од просечната остварена месечна нето плата во Републиката во претходната година.
За осигурените лица кои остваруваат месечен нето приход во семејството помал од просечната нето плата во Репуб-ликата во претходната година, како и за одредени возрасни гру-пи, Фондот со општ акт, на кој министерот за здравство дава сог-ласност, ќе определи понизок износ за ослободување од плаќа-ње на партиципација од износот утврден во став 1 алинеја 5 на овој член.
Оспорената одлука за висината на учеството на осигуре-ните лица во цените на здравствените услуги, донесена од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување бр.01/5-2 од 25 декем-ври 2000 година, објавена во “Службен весник на Република Македо-нија” бр.1/2001, содржи вкупно 8 (осум) члена. Во членот 1 се предви-дува дека со оваа одлука се утврдува висината на учеството на осигу-рените лица со лични средства при користењето на здравст-вените услуги и лековите. Членот 2 од Одлуката го уредува учеството при користењето на здравствените услуги и лековите, а членот 3 се одне-сува на учеството на цената на здравствените услуги.
5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македо-нија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 8 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Во членот 39 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Согласно наведените уставни одредби, здравственото осигурување, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како едно од основните права на човекот и граѓанинот е уре-дено со Законот за здравствено осигурување, чии одредби се оспору-ваат со оваа иницијатива.
Според членот 2 од овој Закон, здравственото осигуру-ва-ње се востановува како задолжително и доброволно. Задолжителното здравствено осигурување се востановува за сите граѓани заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци. Со здравствените услуги кои се обезбедуваат согласно овој закон, исто-времено се обезбедува и здравствената заштита, односно заштита на здравјето на граѓаните, како право што е посебно гарантирано со Уставот.
Согласно член 8 од Законот, со задолжителното здрав-ст-вено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги, кои осигуреното лице може да ги оства-рува на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување доколку истите ги користи под услови утврдени во Законот.
Видот и обемот на основните здравствени услуги што произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување се утвр-дени во членот 9 од Законот, со позитивно набројување на здравст-ве-ните услуги на сите нивоа на здравствена заштита.
Во Главата В од Законот со наслов “Учество на осигуре-ни-те лица” е содржан оспорениот член 34 кој е поместен во поднаслвоот “Ослободување од учество”. Имено, според членот 34 од овој закон, чиј став 2 со иницијативата е оспорен, законодавецот дава можност за ослободување од партиципација во зависност од социјалната положба на осигурениците. Со ова законско решение, всушност се предвидува ослободување од партиципација на сите осигурени лица во примарната здравствена заштита, кај избраниот лекар за да се овозможи непречен контакт на осигуреникот со својот избран лекар и итна медицинска помош. во оспорената законска одредба, исто така, се содржани правата за ослободување од партиципација и на оние осигуреници кои ќе го достигнат лимитот на партиципација, односно кои во текот на една година вкупно ќе платат партиципација за специјалистичка и болничка здравствена заштита до износот од 70% од просечната месечна плата во стопанството на Република Македонија, како и определувањето на понизок износ за ослободу-ва-ње од плаќање на партиципација од износот од 70% од просечната месечна плата за чие определување е задолжен Фондот тоа да го стори со општ акт, а со согласност на министерот за здравство. Имено, од наведената законска одредба произлегува дека правото на ослободување од учество при користењето на здравствените услуги и лекови е право утврдено со Законот за здравствено осигурување, а определувањето на понизок износ за ослободување од плаќање на партиципација од страна на Фондот е само операционализација, односно во функција на извршување на законот, и е во делокругот на работа на Фондот кои се децидно определени во член 54 од Законот за здравствено осигурување.
Имено, во спроведувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, Фондот кој се основа како правно лице, врши определени работи и задачи утврдени во членот 54 од Законот, меѓу кои со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со закон.
Општите акти кои ги донесува Фондот секако треба да содржат одредби за спроведување односно операционализација на обврските утврдени со Законот, а не и предвидување на нови права и обврски, кои можат да се утврдат само со закон.
Овој систем претставува операционализација на законски-те права и обврски уреден со општите акти на Фондот. Значи, извршувањето на правата и обврските утврдени со Законот за здравствено осигурување е во непосредна врска со одредбите на општите акти на Фондот.
Од изнесената анализа, произлегува овласту-вањето на Фондот поблиску да ги разработи правата утврдени со Законот, а не да ги пропишува. Оттука, не може да се прифати тврде-њето во иницијативата дека законското овластување со подзаконски пропис да се уреди висината на учеството на осигурените лица во цените на здравствените услуги ги надминува уставните гаранции.
6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати-вата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 37/2001 од 25 април 2001 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 32 став 3 од Законот за здравствено осигуру-вање, од што произлегува дека оваа оспорена одредба од Законот била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот. Притоа, Судот оценил дека “… овластувањата за Фондот поблиску да ги разработи правата утврдени со Законот и тоа да го направи во рамките определени со Законот, со што всушност Фондот е во функција на остварувањето на законските права, а не произле-гу-ва овластување на Фондот да пропишува права кои не се предвидени во Законот”. Оттука, законската одредба не е во несогласност со член 34 од Уставот …, поради што и не поведе постапка.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 74/2001 од 21 ноември 2001 година, ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за висината на учеството на осигурените лица во цените на здравствените услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/2001), од причина што истата не била повеќе во правниот поре-док, бидејќи со донесување на друга Одлука, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.48/2001 истата престанала да важи.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.14/2001 од 26 декември 2001 година, одлучувајќи по иниција-ти-ви-те на истиот и други подносители по однос на истата одредба од Законот и Одлу-ката, ги отфрлил, наоѓајќи дека нема основи за поинакво одлучување.
По повод сега поднесената иницијатива, Судот оцени дека не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесу-ва-ње на цитираните решенија, поради што и одлучи во овој дел иницијативата да ја отфрли, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.178/2005
23 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова