Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
а) член 8 став 1 во деловите “Република”, “став 1 точка 2 и 10” и став 2 и член 11 став 2 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/1992 и 8/2004) и
б) член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Тодор Петров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите на законите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот закон бил несогласен со член 49 од Уставот, затоа што уставниот термин “иселеник од Македонија” во законот бил променет во “иселеник од Република Македонија” што ги спречувало Македонците по род да се стекнат со државјанство под посебни услови.
Подносителот на иницијативата смета дека законодавецот го редуцирал и менувал значењето на уставната категорија “иселеник од Македонија” како “етнички Македонец” од целата територија на етноисториските граници на Македонија во “иселеник од Република Македонија” како “граѓанин на Република Македонија” кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, со што се потврдувала дилемата во примената на членот 8 од Законот за државјанството на Република Македонија.
Со други зборови, подносителот на иницијативата го оспорува Законот за државјанството на Република Македонија затоа што наместо формулацијата “за сите Македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија”, ја употребува формулацијата “за сите граѓани на Република Македонија кои живеат надвор од границите на Република Македонија” што подразбирало само државјани на Република Македонија независно од нивното етничко потекло кои се родиле во Македонија и сега живеат некаде надвор од границите на Република Македонија, изедначувајќи ги “Македонците по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија” со останатите странци кои по условите од членот 7 или по исклучок, под условите од член 11 од Законот за државјанството на Република Македонија, можат да бидат примени во македонско државјанство.
Всушност, Законот се оспорува затоа што не содржел формулација каква што подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана, а тоа значи формулацијата “сите граѓани на Република Македонија” да биде заменета со формулацијата “за сите Македонци по потекло”.
Член 11 став 2 се оспорува од аспект на член 4 од Уставот во смисла дека државјанството се уредува со закон, а не со акт на Владата како што е сторено во случајов.
Член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството се оспорува од аспект на член 9 во врска со член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, затоа што, прво, лицата од СФРЈ што можат да стекнат македонско државјство се определени (само тие што живеат во Република Македонија на 17 ноември 1991 година) и второ, затоа што законот на кој што упатува член 9 од Уставниот закон го исцрпил своето дејство (Законот од 1992 година), па смета дека дополнителното продолжување на роковите за поднесување барање за стекнување државјанство е спротивно на Уставниот закон и Законот за државјанството од 1992 година земени како целина.
4. Судот на седницата утврди дека согласно ставот 1 на член 8 од Законот, иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10 на овој закон, (односно до поднесување на барањето законски и постојано да живее на територијата на Република Македонија најмалку 8 години и да има отпуст од досегашното државјанство или да докаже дека ќе го добие ако биде примен во државјанство на Република Македонија).
Согласно ставот 2 на овој член иселеник во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Согласно член 11 став 1 од Законот странец кој ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 1 и 8 (да наполнил 18 години и неговиот прием во државјанство на Република Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија) на овој закон може со природување да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека Владата на Република Македонија со уредба ќе ги утврди критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство во смисла на став 1 од овој член.
Според ставот 3 на овој член покрај странецот од став 1 на овој член со природување може да стекне државјанство на Република Македонија и неговиот брачен другар под услови од член 9 на овој закон (ако е во брак со државјанин на Република Македонија и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонија).
Во членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство е предвидено дека државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ и државјаните на поранешната СФРЈ кои на 8 септември 1991 година имале пријавено живеалиште, до поднесување на барањето постојано живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од две години по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и ги исполнуваат условите од член 7 став 1 точки 1 и 6 на овој закон (да наполнил 18 години живот и да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината).
5. Согласно член 4 став 3 од Уставот, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.
Од оваа одредба произлегува дека уставотворецот со овластувачка норма предвидува прашањето за државјанството на Република Македонија да се уреди со закон, при што му препуштил на законодавецот да го уреди ова прашање.
Врз основа на ова овластување, законодавецот во членот 8 од Законот за државјанство предвидел иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено да може да стекне државјанство иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10, односно иако до поднесувањето на барањето законски не престојувал на територијата на Република Македонија најмалку 8 години и нема отпуст од досегашното државјанство или не може да докаже дека ќе добие ако биде примен во државјанство на Република Македонија.
Како што се гледа од изнесеното, законодавецот, во рамките на уставното овластување, ги предвидел условите кога иселеникот од Република Македонија, како и неговиот потомок можат со природување да стекнат државјанство на Република Македонија.
Согласно член 49 од Уставот на Република Македонија, Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.
Според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.
Прашање, според тоа, е дали член 49 од Уставот, кој несомнено оперира со “иселеници од Македонија” може да биде основ и обврска за законодавецот оваа категорија лица задолжително да ги третира како лица со апсолутно право на државјанство, или пак, членот 49 и употребата на поимите во него, треба да се ограничи на функцијата на тој член, која воопшто не се занимава со прашањето на стекнување државјанство на Република Македонија од кого било.
Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека контекстот на член 49 од Уставот е културолошки, а не статусен, и не воспоставува субјективни права, туку јавни, државни обврски кои Република Македонија би требало да ги остварува во рамките на меѓународните односи. Оттука, и ако се прифати терминот од член 49 “иселеници од Македонија” како иселеници по род, тоа воопшто не создава обврска за законот предвиден во член 4 од Уставот да доделува државјанство на овие лица на автоматски начин, односно, со други зборови, член 49 од Уставот не содржи право на државјанство.
Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 од Законот со член 49 од Уставот.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорените законски одредби се несогласни со членот 9 од Европската конвенција за државјанство која предвидува право, а не обврска на државата да ги утврди случаите и условите за повторно стекнување на државјанство, Судот оцени дека тој не е надлежен да одлучува за согласноста на законите со меѓународните договори.
Независно од тоа, Судот утврди дека согласно член 9 од оваа конвенција секоја држава потписничка ќе овозможи, во случаите и според условите предвидени во внатрешното право, повторно стекнување на државјанство од страна на поранешни државјани со законски и постојан престој на нејзината територија.
Според тоа секоја држава може (не мора) да ги предвиди случаите и условите за повторно стекнување на државјанство и доколку државата се определи да ја користи таа можност, должна е при предвидувањето на случаите и условите да се придржува и да го почитува внатрешното право.
Оваа одредба, според Судот, би можела да се толкува и како овластување на државата со закон да ги определи случаите и условите за повторно стекнување на државјанство од страна на поранешни државјани со законски и постојан престој на нејзината територија, а едновремено и обврска при утврдувањето на случаите и условите да го почитува внатрешното право.
Што се однесува до прашањето за надлежноста на Владата од член 11 став 2 од Законот, со уредба да ги утврдува критериумите за особен научен, економски, културен, спортски и друг национален интерес како основ за стекнување државјанство, Судот оцени дека Владата има такво овластување.
Ова од причина што Владата оригинерно не предвидува дека државјанство на Република Македонија може да се стекне со природување ако тоа претставува особен научен, економски и друг национален интерес, затоа што тоа право е веќе предвидено во Законот, туку таа, во функција на негова операционализација со уредба ги утврдува само критериумите според кои ќе се утврдува овој вид интерес.
Од тие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на ставот 2 од член 11 од Законот за државјанство.
Член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство се оспорува во однос на член 7 став 1 алинеја 6 и член 9 од Уставниот закон за спроведување на Уставот според кој најдоцна во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот ќе се донесе Закон за државјанство на Република Македонија.
Уставот е прогласен на 17 ноември 1991 година, а Законот за државјанство влегол во сила на 13 ноември 1992 година.
Понатаму, согласно членот 9 од Уставниот закон за спроведување на Уставот државјаните на другите републики на СФРЈ кои на денот на влегување во сила на овој уставен закон имале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, а немаат државјанство на Република Македонија ќе можат да стекнат државјанство на Република Македонија во согласност со Законот за државјанство на Република Македонија.
Од оваа одредба се гледа дека Уставниот закон упатува овие државјани да можат да стекнат државјанство на Република Македонија согласно со Законот за државјанство. Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и на овој член од Законот, затоа што со него не се утврдува подоцнежен датум на пријавување на живеалиште за државјаните на поранешна СФРЈ од датумот утврден во член 9 од Уставниот закон, а определувањето на рокот за поднесување на барање за државјанство е прашање што законодавецот е слободен да го уредува во согласност со оцената на состојбите во дадената област.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
Решението во однос на член 8 став 2 Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.88/2004
23 ноември 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова