У.бр.132/2005

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на согласноста на член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.96/2004) со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2001).

2. Костадин Богданов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизи затоа што со него се воведувала нова давачка за патничките автомобили кои доаѓаат од Европската Заедницата во зависност од зафатнината на цилиндарот на моторот што било во спротивност со членовите 18, 19 и 32 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација каде изрично било забрането да се воведуваат нови царински давачки и мерки со ист ефект врз производите кои се увезуваат од Европската заедница.

На тој начин според подносителот, оспорениот член не бил во согласност ниту со член 118 од Уставот, бидејќи Спогодбата за стабилизација и асоцијација како меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот не може да се менува со закон и претставува дел од внатрешното право.

3. Судот на седницата утврди дека акцизата како данок на потрошувачката била предвидена со Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/1993, 70/1994, 14/1995, 42/1995, 71/1996, 5/1997, 36/1997, 7/1998, 63/1998, 39/1999, 43/1999, 9/2000 и 11/2001).

Со донесување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001, 50/2001, 45/2002, 52/2002, 98/2002 и 24/2003) престанал да важи Законот за акцизи од 1993 година, освен одредбите во делот што се однесуваат за патничките автомобили кои продолжуваат да важат до 31 декември 2003 година.

Од наведеното произлегува дека во правниот поредок на Република Македонија до 31 декември 2003 година егзистирале два закони за акцизи и тоа Законот од 1993 кој останал во сила во делот на одредбите кои ја регулирале материјата за утврдување и плаќање на акциза на патнички автомобили и Законот за акцизи од 2001 година кој го уредувал прашањето на утврдување и плаќање на акзици за другите стоки или поточно речено акцизата за патнички автомобили била предвидена и се плаќала до 31 декември 2003 година.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.96/2004) повторно се воведува акциза за патничките автомобили.

Имено, во оспорениот член 9 од наведениот закон се утврдени видовите на патничките автомобили кои се предмет на оданочување како и висината на акцизата која е утврдена во апсолутен износ за секој одделен вид на автомобили во зависност од зафатнината на цилиндарот на моторот.

4. Понатаму, Судот утврди дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји – членки е ратификувана со Законот за ратификација (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2001) и таа стана дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија.

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 11 темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, а според член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

6. Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот, Судот утврди дека нема надлежност да ја оценува согласноста на законите со меѓународните акти и преку таквата оценка да утврди дали одреден закон е во согласност со член 118 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.132/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова