143/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 83 став 1 алинеја 5 и 6, член 94 став 2 алинеја 4 и член 142 од Статутот на Воената Академија “Генерал Михаило Апостолски” – Скопје, донесен на 21 март 1996 година од Наставно-научниот совет на Воената Академија на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одред-би од членот 83 став 1 алинеја 5 и 6 од Статутот на Воената Академија било предвидено дека имаат право на учество на конкурсот за прием на додипломски студии оние кандидати кои покрај другите услови, го исполнувале условот да не се во брак и да не се водела кривична постапка за кривично дело како што е наведено во одредбата.

Ограничувањето, односно забраната предвидена со одредбата во која е определено кандидатот да не е во брак била во спротивност со повеќе одредби од Уставот и тоа со член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11 и став 2, член 40, член 41, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така се наведува дека пред-видениот услов во одредбата од Статутот дека против кандидатот не требало да се води кривична постапка бил во спротивност со членот 13 став 1 од Уставот, бидејќи правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, односно по сила на подзаконски акт како во случајов, туку тие можеле да се утврдат со правосилна судска пресуда. Од овие причини и одредбата од членот 94 став 2 алинеја 4 од Статутот била во спротивност со Уставот.

Во однос на оспорениот член 142 од Статутот, спорно било што Статутот предвидувал да влезе во сила со објавување на огласна табла на Академијата, а не во “Службен весник на Република Македонија”, па оттука одредбата била во спротивност со членот 52 став 1 и 2 од Уставот.

3. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот статут престанал да важи со влегувањето во сила на Статутот на Воената Академија “Генерал Махаило Апостолски” – Скопје, донесен на 25 септември 2003 година од Наставно-научниот совет на Воената Академија во Република Македонија согласно членот 147 од овој Статут, Судот врз основа на наведената деловничка одредба утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.143/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова