Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 51 став 2 од Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1997, 79/1999, 13/2001, 26/2001 и 4/2002).
2. Комисијата за заштита на конкуренција, претставувана од директорот Панче Бардаров, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот се создавал заеднички монопол на претпри-јатијата кои делувале на овој пазар, на начин со кој се овозможувало склучување на договори меѓу конкурентите на пазарот со кои директно или индиректно се фиксирале куповните или продажните цени или некои други услови за тргување со што се спречувала или ограничувала ефективната конкуренција што претставувало едно од најсериозните и најтешките нарушувања на конкуренцијата на одреден пазар.
3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.6/2003 од 19 март 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на Дел Петти – “Задолжително осигурување” кој во себе ги опфаќа членовите од 50 до 79 од Законот.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 51 став 2 од Законот била предмет на оцена пред Судот кој оценил дека истата е согласна со Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи да ја отфрли иницијативата согласно цитираната одредба од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.165/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова