Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 26 -базен, донесена од Советот на општина Радовиш, број 07-251/1 од 3 март 2005 година (“Службен гласник на општина Радовиш” бр.1/2005).
2. Филе Гигов од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука била донесена во неправилно спроведена постапка спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова поради тоа што во нацрт планот била предвидена улица која зафаќала дел од парцелата на подносителот на иницијативата и дел од парцелата на соседот (главен архитект во општината) и за ова урбанистичко решение подносителот на иницијативата немал приговор во јавната анкета. Меѓутоа Советот на општината го донел планот со оспорената одлука, кој имал изменета урбанистичка состојба од претходната во нацрт-планот, односно ја предвидел улицата да зафаќа само од парцелата на подносителот на иницијативата и на тој начин на штета на неговите имотни интереси му се “поништувале” трите планирани градежни парцели кои биле предвидени во Нацрт-планот. Оваа измена во фазите на донесување на планот била незаконито извршена од страна на соседот кој како главен архитект во општината бил инволвиран во спроведување на постапката.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Радовиш донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 26 – базен, број 07-251/1 од 3 март 2005 година, која е објавена во “Службен гласник на општина Радовиш” број 1/2005.
Во членот 1 од Одлуката е утврдено дека се донесува предметниот план кој го опфаќа делот помеѓу: кеј “8 Септември”, продолжение на улица “Плачковички одреди”, улица “Гоце Делчев” и крај на урбан опфат по Генерален урбанистички план.
Во членот 2 е определено дека составен дел на Одлуката е Деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 26 – базен кој се состои од текстуален дел и Параметри за спроведување на Графички прилози.
Во одредбите од членот 3 и членот 4 од Одлуката е утврдено дека овој Детален план и параметрите во него ги спроведува подрачната единица на Министерството за транспорт и врски, согласно утврдената постапка, а Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на донесувањето и ќе се објави во “Службен гласник на општина Радовиш”.
4.Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005) влегол во сила и се применува од 1 јули 2005 година кога престанал да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).
Постапката за донесување на оспорената Одлука започнала и се водела а Одлуката била донесена во време на важењето на претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање.
Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Репу-б-лика Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урба-нистички план.
Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 2 од истата одредба, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул опре-де-лен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со Генералниот урба-ни-стички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, детал-ниот урбани-стички план содржи синтезен графички приказ на план-ски-те решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показа-те-ли за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пони-ско ниво мора да биде усогласен со Генерал-ниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека докумен-та-цијата на Деталниот урбани-стички план за постојната сос-тојба и проекциите прет-ставуваат доку-мента-циона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доста-вува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.
Од содржината на илен 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општи-ната, по утвр-дување на нацртот на планот од страна на општинската админи-стра-ција (член 17 став 7).
Според член 18 од Законот, јавната анкета по детал-ниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со изла-га-ње на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтере-сираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до орга-низаторот на анкетата. За времето и местото каде їе биде излоюен планот задолюително се објавува соопѓтение во јавните гласила. Извеѓтај за јавната анкета за деталните урбани-сти-ики планови со образложение за неприфатените забелешки израбо-ту-ва општината (став 4).
Според член 19 од Законот, на нацртот на плано-вите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Стручна-та ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја опре-де-лува односно формира министерот надлежен за работите за уредува-ње на просторот.
Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбани-стиЮките планови се донесуваат по издавањето согласност од Минис-терството надлежно за работите на урбанизмот.
Согласно цитираниве законски одредби, и од доказите во постапката на донесувањето на Деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 26 – базен во Радовиш, Судот утврди дека бил изработен Нацрт-план тех. број 2000 од страна на овластеното правно лице “Дизајн центар инженеринг” ДООЕЛ Кавадарци и била извршена стручна ревизија на Нацрт-планот во август 2004 година од страна на лиценцирани лица од “Пологпроект-про” ДОО Гостивар, како и Министерството за транспорт и врски се произнело со мислење број 13-12879 од октомври 2004 година во однос на Нацрт-планот. Градоначалникот на општината Радовиш донел одлука број 08-867/2 од 8 ноември 2004 година за организирање стручна расправа, односно јавна анкета по нацртот на планот и дал соопштение објавено во весникот “Дневник” на 25 декември 2004 година во кое се известувале граѓаните за траењето на јавната анкета по Нацрт-планот во текот на 10 дена од денот на објавувањето на соопштенито и можноста да извршат увид во изложениот план во општината и да достават писмени забелешки на анкетни листови. Соопштението било доставено и до локалните радио и телевизиски станици во општината Радовиш.
Од Извештајот за јавната анкета по Нацрт-планот, број 20-58/1 од 28 јануари 2005 година, произлегува дека биле доставени дванаесет анкетни листови со забелешки за содржините на Нацрт-планот, меѓу кои не се доставени анкетни листови од подносителот на иницијативата Филе Гигов ниту од неговиот сосед на земјиштето од КП.број 767/1 и 765.
Воедно на 2 февруари 2005 година била одржана стручна расправа по Нацрт-планот (на која учествувале претставници од Министерството за транспорт и врски, Електродистрибуција, ЈП “Прогрес”, Државениот завод за геодетски работи и Електростопанство).
Министерството за транспорт и врски дало согласност број 13-1400 од 17 февруари 2005 година на Предлог Деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 26 – базен, во Радовиш, по што била донесена оспорената одлука за донесување на планот.
Во текот на увидот во документацијата од постапката за донесување на планот, Судот изврши увид и во графичките прилози со текстуални делови на Нацрт-планот и Предлог-планот, од кои произлегува дека во Нацрт-планот на предметното урбано подрачје, на земјиштето од катастарската парцела на подносителот на иницијативата се предвидени три градежни парцели за изградба на станбени објекти означени како А5, А6 и А7, потоа е предвидена улица а спротивно од неа се предвидени градежни парцели на соседот посочен во иницијативата. Во Предлог-планот нема промени во однос на предвидената улица во тој дел и во однос на новопредвидените градежни парцели од она што било во Нацрт-планот. Имено, и во Предлог-планот се предвидени три градежни парцели за изградба на станбени објекти на земјиштето на подносителот на иницијативата, кои се означени како Б30, Б31 и Б32, па оттука неоснован е наводот во иницијативата дека намената на земјиштето на подносителот на иницијативата била суштински променета. Притоа, се имаше во предвид фактот дека површината на едната градежна парцела на подносителот на иницијативата има извесно намалување на површината која била планирана во Нацрт-планот, меѓутоа со оглед на тоа што пошироко во тој урбан реон, по јавната анкета, не продолжила предвидената улица во правец како во Нацрт-планот, а наспроти тоа предметните градежни парцели со нивната намена за изградба на станбени објекти и улицата во тој дел се задржале со планот, значи дека во фазите на планирањето на просторот содржините на планот не биле менувани на штета на интересите на подносителот на иницијативата, како што се изнесува во иницијативата.
Оценувајќи ја оспорената одлука по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои ја уредувале постапката за донесување на предметниот план, Судот оцени дека надлежните органи ги запазиле сите фази на постапката за донесување на деталниот урбанистички план и не направиле пропусти во постапката за донесување на Планот, на што се однесуваат и наводите во иницијативата пред овој Суд, при што треба да се има предвид дека Судот не е надлежен да ја оценува целисходноста на планираните содржини во урбанистичките планови, и не се впушта во оцена на обемот и потребата од нивното планирање.
Врз основа на изнесената правна и фактичка состојба Судот оцени дека не може да се доведе во прашање законитоста на оспорената одлука.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.115/2005
9 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова