129/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на закони-тоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Источната индустриска зона Агросервис-Скопје, донесена од Советот на општина Гази Баба – Скопје, број 07-459/12 од 30 јуни 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2005).

2. Друштвото за продажба, одржување и поправка на моторни возила “Автоцентар” АД – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била донесена врз основа на неправилно спроведена постапка спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на донесувањето на планот. Ова поради тоа што со планот била предвидена изградба на новопланирана сообраќајница 3-3, без да се водело сметка за постојната инфраструктура и со тоа се загрозувало нормалното функционирање на објектите во тоа подрачје, бидејќи пристапот до објектите се блокирал. Подносителот на иницијативата во јавната анкета по Нацрт-планот, доставил писмена забелешка со образложение и докази за неподобноста на новопланираната сообраќајница, а исто така и Здружението на возачите на градот Скопје кои имаат во тој дел станица за технички преглед, поднеле забелешки за проблемите што би се појавиле во однос на нормалното функционирање на нивните објекти доколку би се реализирала така предвидената сообраќајница.

Според иницијативата со оглед на тоа што по забе-лешките не било одговорено и за нив не било расправано од страна на организаторот на јавната анкета, потоа во постапката немало соопштение во јавните гласила за местото на излагање на нацрт-планот и времетраењето на увидот на изложениот план ниту тој бил објавен во законскиот рок од 15 дена, како и поради тоа што Советот на општината формално не го усвоил нацрт-планот и предлог-планот произлегувало дека целокупната постапка на донесувањето на предметниот план со оспорената одлука, била незаконита. Оспорената одлука била донесена на 30 јуни 2005 година, а новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005) влегол во сила еден ден потоа, односно на 1 јули 2005 година, поради што недвосмислено во случајов, итно се водела постапката и била донесена Одлуката на штета на интересите на грѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Гази Баба – Скопје, ја донел Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Источна индустриска зона Агросервис – Скопје, број 07-459/12 од 30 јуни 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2005), која во членот 1 го утврдува донесувањето на планот, а во членот 2 ги дефинира границите на опфатот на планот.

Во членот 3 од Одлуката се определени содржините на предметниот план, кои го сочинуваат: планираниот развој, документационата основа, графичкиот дел со планираниот развој и прилози кон планот (извод од Генералниот урбанистички план на град Скопје 2002 – 2020 година, извод од постоен план, инвентаризација на објекти со постојна состојба и инфраструктура). Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за уредување на просторот се составен дел на планот, направен според Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Според одредбите од член 4, член 5 и член 6 од Одлуката, планот се заверува со печат на Советот на општината Гази Баба потоа, Одделението за урбанизам, уредување на градежно земјиште, станбени работи и заштита на животната средина на општина Гази Баба во рок од 60 дена од донесувањето на оваа одлука ќе обезбедело документација за реализирање на планот, а документацијата од донесувањето и за реализација на планот соодветно се чувала во општината.

Со членот 7 од Одлуката е утврдено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.

4. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), кој важел во време на донесување на Одлуката за Деталниот урбанистички план за дел од Источната индустриска зона Агросервис – Скопје, број 07-459/12 од 30 јуни 2005 година, предвидувал во членот 1 дека со овој закон меѓу другото се уредува планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите и утврдувањето на условите за градба.

Со иницијативата се оспорува наведената одлука донесена од Советот на општина Гази Баба – Скопје поради тоа што постапката за планирање на просторот била водена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, па оттука Судот се впушти во преиспитување на законитоста на оспорената одлука од аспект на постапката за нејзино донесување, во која всушност се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни.

Од доказите кои по повод иницијативата беа прибавени од страна на Судот, се констатира следново:

Врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), односно пред влегувањето во сила на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005), е водена постапката и донесена оспорената одлука.

Елаборатот на Нацрт-планот, изготвен од ИН-ПУМА – Скопје, бил предмет на стручна ревизија извршена од Јавното претпријатие “Штип-проект” – Штип, под тех. број 59/2003 во декември 2003 година и изготвувачот на планот дал одговор дека ги прифаќа забелешките и сугестиите констатирани во извештајот од стручната ревизија.

Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење за Нацртот на планот под број 13-3461 од 6 април 2004 година, по кое изготвувачот на планот постапувал во оваа фаза на утврдување на нацртот.

Со Заклучок број 10-855/1 од 7 октомври 2004 година, донесен од општината Гази Баба – одделение за урбанизам, уредување на градежно земјиште, станбени работи и заштита на животната средина, е утврден текстот на Нацртот за донесување на Детален урбанистички план за дел од Источна индустриска зона “Агросервис” – Скопје и заклучокот бил доставен до Градоначалникот на општината Гази Баба, кој донел Одлука број 08-856/1 од 7 октомври 2004 година за организирање на јавна анкета.

Соопштение за местото и времето на одржување на јавна анкета по нацрт-планот било објавено во весникот “Време”.

Воедно, според извештајот број 10-1100/1 од 27 декември 2004 година по Нацрт-планот на 30 ноември 2004 година произлегува дека биле одржани стручни консултации (со Министерството за транспорт и врски, Ј.П. “Водовод и канализација”, ЕСМ – подружница “Електродистрибуција” – Скопје, АД “Макпетрол” – дирекција за гасификација, “ИН-ПУМА” – Скопје и други), во врска со планираната инфраструктура.

Од Извештајот број 10-1099/1 од 27 декември 2004 година изготвен за спроведената јавна анкета по Нацрт-планот која траела во периодот од 20 октомври 2004 година до 2 ноември 2004 година во просториите на општината, произлегува дека биле поднесени 11 анкетни листови со забелешки, меѓу кои и анкетниот лист со приговорот на подносителот на иницијативата во кој го изнесува своето незадоволство од предвидената сервисна улица што претставувала профил на магистралната улица, меѓутоа забелешката не била прифатена бидејќи тој урбан зафат бил дефиниран со Генералниот план на град Скопје.

Министерството за транспорт и врски дало согласност број 13-17758 од 4 февруари 2005 година на Предлогот на Деталниот урбанистички план за дел од Источната индустриска зона “Агросервис” во општина Гази Баба.

Советот на општината Гази Баба – Скопје, ја донел оспорената Одлука под број 07-459/12 од 30 јуни 2005 година која е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2005 на 20 јули 2005 година.

Според Судот, имајќи ја предвид документацијата од постапката што претходела на донесувањето на оспорената одлука, евидентно е дека покрај извршената стручна ревизија и стручни консултации и формално со Заклучок број 10-855/1 од 7 октомври 2004 година од страна на општинската администрација бил утврден Нацрт-планот. Предлогот на планот бил потврден со добиената согласност од Министерството за транспорт и врски, а организираната јавна анкета на Нацрт планот траела 10 дена и на записник биле констатирани приговорите и забелешките на граѓаните изнесени на анкетни листови што исто така биле разгледувани. Притоа, треба да се има предвид дека не постои законска обврска на подносителите на анкетните листови по писмен пат посебно да им биде одговарано на забелешките од анкетните листови.

Согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на постапката за донесувањето на оспорената одлука, плановите се изработувале како нацрт и предлог план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведувала јавна анкета. Одлуката за јавна анкета ја донесувал градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 1 и 7).

Според членот 18 од тој закон, јавната анкета по деталниот урбанистички план се организирала од општината и се спроведувала со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, можеле да доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото на изложување на планот задолжително се објавувало соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработувала општината.

Според членот 19 од тој закон, на нацртот на планот пред организирањето на стручната расправа, односно јавна анкета, се вршела стручна ревизија. Согласно членот 22 став 6 и 7 и членот 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесувале по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Оценувајќи ја оспорената одлука по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои ја уредувале постапката за донесување на предметниот план, Судот оцени дека законски определените органи ги спровеле сите фази на постапката за донесување на деталниот урбанистички план и не направиле пропусти во постапката за негово донесување, на што всушност и се однесуваат наводите во иницијативата пред овој Суд, па поради тоа Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани и не може да ја доведат во прашање законитоста на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.129/2005
2 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова