49/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на насловот на Глава единаесетта “Електронски комуникации во воена и вонредна состојба”, член 106 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата особено проблема-тично и дискутабилно било тоа што во сите овие одредби од Законот падот на мрежата, елементарната непогода и вонредните околности недозволено се мешале со воената или вонредна состојба, со што се овозможувала и злоупотреба на овие законски одредби, а особено ако се имале предвид ставовите 5 и 6 од член 107 од Законот.

Според подносителот на иницијативата, исто така, оспорените одредби во мир не можеле да се предвидуваат со закон затоа што тоа било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 54 став 2, член 68 став 1 алинеја 2 и 7 од Уставот, член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот и член 126 од Уставот. Ова пред се од причина што од содржината на членот 126 од Уставот посебно произлегувало дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила е од времен карактер, кое почнувало од моментот на прогласување на воената или вонредната состојба, а траело до завршувањето на овие состојби, за што одлучувало Собранието. Од оваа уставна одредба произлегувало и тоа дека ваквото овластување на Владата е условено само со постоење на воената, односно вонредната состојба.

Поради наведеното подносителот на иницијативата смета дека оспорените наслови и оспорените делови од означените законски одредби излегувале надвор од рамките на наведените уставни одредби, а особено на членовите 54 став 2 и 126 од Уставот и биле во несогласност со тие членови од Уставот, па затоа на Уставниот суд на Република Македонија му предлага да поведе постапка за оценување на нивната уставност.

3. Судот на седницата утврди дека насловот на Глава единаесетта од Законот, кој се оспорува со иницијативата гласи: “Електронски комуникации во воена и вонредна состојба”.

Во членот 106 став 1 од Законот, кој посебно се оспорува во деловите “воена или вонредна состојба” е утврдено дека операторите кои обезбедуваат пристап до јавна комуникациска мрежа и користење на јавни комуникациски услуги имаат обврска да донесат и достават до Агенцијата план на мерки за да се обезбеди интегритетот на јавната телекомуникациска мрежа и пристапот до јавните комуникациски услуги во случај на пад на мрежата, воена или вонредна состојба или елементарна непогода.

Во членот 107 став 1 од Законот, чиј наслов “Мерки во случај на вонредна состојба”, исто така, се оспорува со иницијативата е утврдена обврска за операторите на јавни комуникациски мрежи да ги прилагодат нивните мрежи со цел да им дадат приоритет на комуникациите од определени мрежни приклучни точки пред другите комуникации.

Во ставот 2 на членот 107 од Законот е утврдено дека Владата на Република Македонија со одлука ги определува групите на корисниците со право на приоритетни мрежни приклучни точки согласно со ставот (1) од овој член кои можат да се користат само во случај на пад на мрежа, воена или вонредна состојба (оспорен дел) или елементарна непогода.

Според ставот 5 на членот 107 од Законот, во случај на воена или вонредна состојба (оспорен дел) или елементарна непогода, Владата на Република Македонија може на операторите да им издаде и соодветни наредби заради справување со настанатата состојба, а според ставот 6 на истиот член, Владата на Република Македонија може да пропише и други мерки кои задолжително ќе бидат имплементирани во случај на воена состојба, вонредна состојба (оспорен дел) или елементарна непогода.

Конечно, во член 148 насловен како “План на мерки во воена и вонредна состојба (оспорен дел), е утврдено дека операторите што обезбедуваат пристап до јавната телефонска мрежа и користењето на јавните телефонски услуги на фиксна локација, се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да усвојат и до Агенцијата да достават план на мерки со кој се обезбедува пристап до јавните телефонски мрежи и телефонски услуги во случај на прекин во мрежата и престанок на работа на системите, поради воена или вонредна состојба (оспорен дел), природни и други катастрофи, од членот 106 на овој закон”.

4. При оценување на уставноста на оспорените законски одредби, Судот ги имаше предвид одредбите од Уставот наведени во
иницијативата, кои според подносителот на иницијативата биле повредени.

Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 2 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 и 7 од Уставот, Собранието на Република Македонија, кое според членот 61 е носител на законодавната власт на Републиката, донесува закони и дава автентично толкување на законот и одлучува за војна и мир.

Според член 88 од Уставот Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинејата 5 на истиот член таа донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во членот 126 од Уставот, во однос на кој, исто така, се оспорува уставноста на означените делови од законските одредби, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, утврдувајќи ги принципите на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, истовремено ги утврдил и носителите на секоја од оваа власт со тоа што посебно ја определил и нивната надлежност, односно работите што тие ги вршат. Така, во рамките на надлежностите на Собранието на Република Македонија утврдени со Уставот, една од основните работи е и донесување на закони преку што се изразува и суштината на законодавната власт.

Во Законот за електронските комуникации освен условите и начинот на вршење на дејноста од областа на електронските комуникации и другите прашања што се од значење за функционирање на јавните комуникациски мрежи и давање на јавни комуникациски услуги во редовни услови, законодавецот во Главата единаесетта, во чии рамки се и членовите 106 и 107, утврдил и посебни мерки за обезбедување на функционирањето на јавните комуникациски мрежи и користење на јавните комуникациски услуги во услови и на воена и вонредна состојба, во кои делови и се оспоруваат наведените членови од Законот.

Разгледувајќи ги насловите и оспорените делови на ставот 1 на член 106, на ставовите 2, 5 и 6 на член 107, како и насловот и оспорениот дел на член 148, кој е преодна одредба, Судот утврди дека законодавецот уредувајќи ги наведените прашања со овие одредби не излегол надвор од рамките на уставните одредби наведени во иницијативата, како што смета нејзиниот подносител.

Имено, според Судот, со оспорените законски одредби не се повредува ниту принципот на владеењето на правото, ни принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како што се наведува во иницијативата, затоа што согласно Уставот Собранието на Република Македонија има право со закон да ги уреди сите прашања од определена област што се законска материја, а во тие рамки да предвиди и посебни мерки и активности доколку оцени дека тие се потребни за обезбедување на неопходното ниво на функционирање на системите и институциите од тие области во услови и на воена или вонредна состојба, како што во конкретниот случај тоа е направено во областа на електронските комуникации. Ова право на Собранието произлегува од неговата уставно утврдена улога и положба како носител на законодавната власт која Собранието ја врши, како во услови на мир, така и во услови на воена или вонредна состојба. Тоа произлегува особено од членот 66 на Уставот во кој е утврдено дека Собранието е во постојано заседание, што значи дека тоа работи континуирано и во сите услови.

Исклучок од наведеното правило претставува членот 126 од Уставот, чии одредби истовремено претставуваат и отстапување од принципот на поделбата на власта, затоа што во услови на воена или вонредна состојба законодавната власт, наместо Собранието ја врши Владата на Република Македонија, со оглед на тоа што уредбите со законска сила за чие донесување е овластена таа, по својот карактер, содржина и дејство имаат сила на закон.

Меѓутоа, овластувањето на Владата на Република Македонија да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба не е неограничено и безусловно, како што смета подносителот на иницијативата, туку го врши во согласност со Уставот и со закон. Од суштината на самите одредби на Уставот произлегува дека ова и другите овластувања (член 126 и 127) Владата за време на воена и вонредна состојба ги врши само ако Собранието на Република Македонија не е во можност да се состане.

Ова уште поконкретно и појасно произлегува од членот 10 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 12/2003 и 55/2005) според кој за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието на Република Македонија. Инаку, оваа законска одредба всушност претставува операционализација на уставната одредба од членот 126 со оглед на тоа што Владата уредбите со законска сила ги донесува освен во согласност со Уставот, и во согласност со закон, а тој закон е токму Законот за Владата на Република Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои оспорените одредби не можеле да се предвидат во мирновременски услови со закон пред се од причини што согласно член 126 од Уставот, Владата имала право при постоење на воена или вонредна состојба да донесува уредби со законска сила, се неосновани и поради тоа не можат да претставуваат основ за изразување на сомневање во согласноста на оспорените делови од означените законски одредби ниту со членот 126, ни со другите членови од Уставот наведени во иницијативата. Ова дотолку повеќе што подносителот на иницијативата при изнесување на причините за оспорување на нивната уставност тргнал од погрешно толкување на смислата и суштината на членот 126 од Уставот и воопшто на уставниот концепт за местото, улогата и надлежностите на Собранието и Владата на Република Македонија во услови на воена или вонредна состојба.

Имено, во конкретниот случај овластувањата на Владата во оспорените законски одредби се однесуваат на нејзините надлежности да донесува уредби и други прописи за извршување на законите што согласно член 91 од Уставот и припаѓаат како носител на извршната власт, а не станува збор за нејзиното овластување од членот 126 од Уставот. Оттука, со уредувањето на прашањата во оспорените законски одредби не се навлегува во уставното овластување на Владата на Република Македонија од член 126 од Уставот таа во услови на воена или вонредна состојба, доколку Собранието не е во можност да се состане, да донесува уредби со законска сила и во оваа област, ако тоа го налагаат посебните услови и потреби во кои би се нашла државата во тие состојби.

Со оглед на тоа што законските одредби посебно се оспоруваат и од аспект на членот 54 став 2 од Уставот, според Судот, тие не можат да се проблематизираат ниту во однос на овој член од Уставот. Ова од причини што мерките што се предвидени во овие членови, независно што некои од нив се утврдуваат и определуваат во мирно временски услови, се спроведуваат и имплементираат во случај на воена или вонредна состојба, а токму овој член од Уставот предвидува можност за време на овие состојби определени права и слободи на човекот и граѓанинот, а во конкретниот случај тоа е правото на пристап до јавната комуникациска мрежа, да можат да се ограничуваат.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека законските одредби во оспорените делови се неприменливи, односно неупотребливи, што се исто така причини поради кои подносителот на иницијативата смета дека тие не можеле да се предвидат во мир со закон, Судот утврди дека се ирелевантни за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, бидејќи временското важење и примена на одделни законски решенија е прашање на нивната целисходност и на политиката утврдена од Собранието на Република Македонија со закон во соодветната област, а не на нивната согласност со Уставот. Ова се однесува и во однос на наводите дека мешањето на воената и вонредната состојба со други состојби, како што е пад на мрежата и вонредните околности, било дискутабилно и се овозможувала злоупотреба на оспорените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.49/2005
2 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова