Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 65 став 2 од Статутот на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје (пречистен текст) донесен од Одборот на директори на 14 јуни 2005 година.
2. Александар Гоџо од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 65 став 2 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 65 став 2 од Статутот на АД “Македонски телекомуникации” не била во согласност со Уставот и законите од причина што согласно Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори, а не и со општ акт на работодавачот.
Во иницијативата понатаму се цитираат членовите 8, 32 и 51 од Уставот на Република Македонија во однос на кои се оспорува оспорената одредба од Статутот. Давањето на можноста со статут да се уредуваат правата, обврските, одговорностите и другите работи од работен однос била неуставна.
Во членот 2 од Законот за работните односи било утврдено дека работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор, а според членот 5 од овој закон, правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Статутот дава можност да се ограничуваат правата и обврските од работниот однос со други општи акти на работодавачот, што било во спротивност со Уставот и законот. Вакво предвидено решение во Статутот на АД “Македонски телекомуникации” било во спротивност и со начелото на владеењето на правото и принципите на уставност и законитост.
Подносителот на иницијативата се повикува и на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.16/1995 од 10 мај 1995 година, во која Уставниот суд се произнел за слична ситуација.
Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Статутот. Подносителот на иницијативата исто така предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Статутот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 65 став 2 од Статутот, правата, обврските, одговорностите и другите работи од работниот однос на вработените во Друштвото се уредуваат со колективен договор и со други општи акти на Друштвото.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Статутот на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје (пречистен текст) е донесен од Одборот на директори на “Македонски телекомуникации” на 14 јуни 2005 година.
Пречистениот текст на Статутот на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, ги опфаќа Статутот на “Македонски телекомуникации” од 28 ноември 2001 година, Одлуката за измени и дополнувања на Статутот на “Македонски телекомуникации” од 20 февруари 2004 година и Одлуката за усвојување на измените на Статутот на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје од 30 мај 2005 година.
Тргнувајќи од наведената уставна одредба, Судот утврди дека Статутот на АД “Македонски телекомуникации”, според доносителот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Имено, според Судот овој акт не е пропис затоа што не е донесен од орган на државната власт,ниту од организација или институција во вршење на јавни овластувања доверени со закон, туку е донесен од акционерско друштво, конкретно од АД “Македонски телекомуникации” и уредува прашања од интерен карактер за друштвото.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата.
Судот ја имаше предвид и Одлуката У.бр.16/1995 од 10 мај 1995 година посочена од подносителот на иницијативата меѓутоа, утврди дека не станува збор за слична ситуација како што се наведува во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.126/2005
2 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова