119/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав-носта на член 12 став 1 точки 2 и 3 и став 2 од Законот за оружјето (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка 4 и член 12 став 1 точка 1 од Законот за оружјето.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата овие законски одредби биле во несогласност со Уставот на Република Македонија, затоа што физичкото лице како такво не можело да претставува опасност за јавниот ред. Оспорената одредба од членот 12 од Законот била нејасна затоа што од истата не можело да се разбере на која казна физичкото лице правосилно е осудено.

Оспорената алинеја 3 на член 12 став 1 од Законот, исто така, била нејасна и непотполна, затоа што не било прецизирано кои се тие други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено. Само по себе регистрирањето во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанци, потешко нарушување на односите во семејството, образовната установа или на работното место, не смеело да биде доволен доказ дека некое лице претставува опасност за јавниот ред, и тоа без правосилна судска пресуда. Тоа можело да бидат произволни, паушални и тенденциозни забелешки, односно евиденции.

Потоа, правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука, односно казнено-правниот однос се исцрпувал на релацијата на казненото дело и судски изречена казна.

Според тоа, со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка 4 и член 12 од Законот за оружјето.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 9 став 1 од Законот, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице го исполнува меѓу другото и условот во точката 4 – да не претставува опасност за јавниот ред.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 12 од истиот закон, се смета дека постои опасност за јавниот ред според членот 9 став 1 точка 4 од овој закон, ако:
– физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност;
– физичкото лице правосилно е осудено за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство и
– постојат други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, а особено кога лицето е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанци; потешко нарушување на односите во семејството, образовната установа или на работното место и слично.

Ако против физичкото лице е во тек постапка за кривично дело, односно за прекршок од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член, а лицето ги исполнува другите услови за издавање на одобрение за набавување на оружје, надлежниот орган ќе ја прекине постапката за издавање на одобрение до донесување на правосилна одлука во кривичната, односно прекршочната постапка.

5. Согласно член 8 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 98 став 2 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според ставот 2 од овој член судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Со Законот за оружјето се уредуваат условите за наба-вување, поседување, носење, чување, производство, поправање, промет, превоз и пренесување преку државна граница на оружје и муниција.

Одредбите на овој закон не се применуваат на вооружувањето и воената опрема, како и на оружјето и муницијата наменети за потребите на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, казнено-поправните установи и другите државни органи и правни лица утврдени со посебни прописи (член 1).

Според оспорениот член 9 став 1 од Законот, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови:

1) има наполнето 18 години живот;
2) да не му е одземена или граничена деловната способност;
3) здравствено е способно да поседува и носи оружје;
4) не претставува опасност за јавниот ред;
5) има оправдана причина за набавување на оружје;
6) располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и
7) има живеалиште на територијата на Република Македонија, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Македонија, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

Одобрение за набавување на оружјето од категоријата Ц се издава на физичко лице кое покрај условите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4, 6 и 7 на овој член, потребно е да биде активен член на ловечко или стрелачко друштво и да има потврда за положен ловечки испит, односно потврда дека е активен член на стрелачко друштво.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба од член 12 став 1 точка 2 од Законот е нејасна затоа што од истата не можело да се разбере на која казна физичкото лице правосилно е осудено, Судот утврди дека овие наводи не се точни од причина што од анализата на оваа оспорена одредба произлегува дека станува збор за правосилна пресуда, односно за пресуда против која не може да се употреби редовен правен лек, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба од член 12 став 1 точка 2 со Уставот на Република Македонија.

Што се однесува пак, до наводите во иницијативата по однос на член 12 став 1 точка 3 од Законот, дека оваа одредба била нејасна и непотполна, затоа што не било прецизирано кои се тие други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, Судот оцени дека постоењето на потребата со закон да бидат уредени прашања за кредибилитетот на физичкото лице да поседува и носи оружје ќе ја намали можноста од штетни последици по животот и имотот на граѓаните, поради што точката 3 од став 1 на членот 12 од Законот не е во несогласност со Уставот.

Имено, пропишувањето на околностите од член 12 став 1 точки 2 и 3 и ставот 2 од Законот се легитимни основи во чии граници се движи надлежниот орган и тие обезбедуваат законитост во одлучувањето за тоа прашање, со што се исполнува елементарното барање на принципот на владеење на правото. Во тој контекст, поранешната осудуваност на граѓанинот за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност или за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство, како и оценката на органот за можна злоупотреба на оружјето (кои околности се потврдуваат со валидни документи од надлежните органи), не може да се сметаат како основи со кои се повредуваат презумцијата на невиност и кредибилитетот на личноста.

Судот, исто така, оцени дека во овие случаи не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, за што нема уставен основ, туку за околност која во секоја конкретна ситуација треба да биде земена предвид од страна на надлежниот орган при одлучувањето. Судот смета дека ваквиот начин на одмерување на влијанието на поранешната осудуваност за определени казниви дела е сразмерен на генералната цел на Законот да се овозможи поседување оружје кога за тоа постои оправдана потреба и кога нема импликации врз општата безбедност. Самата природа на оружјето е таква што тоа не е стока во слободниот промет што може да го набави секој граѓанин, туку е под посебен режим на правниот промет, па оттука и правото на законодавецот да предвидува и услови за неговото набавување, односно поседување.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на означените оспорени одредби од Законот со Уставот.

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијатива на Стамен Филипов по однос на овие прашања веќе еднаш се произнел и со Решение У.бр.84/2001 од 14 ноември 2001 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка 3 и став 3 од Законот за набавување, поседување и носење оружје (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.25/1972, 30/1972, 18/1976, 25/1976, 15/1983 и 51/1988 и “Службен весник на Република Македонија” бр.26/1993).

Овие оспорени одредби од стариот закон суштински немаат некоја посебна разлика со сегашните оспорени одредби од Законот за оружјето, поради што ставот на Судот по однос на овие правни прашања на подносителот на иницијативата веќе му е познат.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.54/2005 од 7 септември 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 точка 1 од Законот за оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005), затоа што според Судот, постоењето на потребата со закон да бидат уредени прашања за кредибилитетот на физичкото лице да поседува и носи оружје ќе ја намали можноста од штетни последици по животот и имотот на граѓаните.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на член 12 став 1 точка 1, а имајќи го предвид фактот дека членот 12 ставот 1 зборува за оспорениот член 9 став 1 точка 4 од Законот, Судот утврди дека иницијативата во овој дел согласно цитираната одредба од Деловникот треба да се отфрли.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2005
26 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова