91/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 86 од Законот за оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005).

2. Велко Николоски од Скопје и Васко Кузев од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според првиот подносител на иницијативата оспорената законска одредба била во спротивност со владеењето на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Имено, еднаш стекнато право врз основа на важечки законски услови, не можело да биде предмет на ограничување или укинување со дополнителни законски измени.

Во иницијативата се наведува дека условите за набавување на оружје утврдени во членот 9 од Законот требало да се применуваат само за потенцијалните нови баратели на дозволи за набавување на оружје, а не и на граѓаните кои такви дозволи веќе поседувале.

Поради изнесеното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 8 алинеи 3 и 6 и член 30 став 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд да го укине или поништи членот 86 став 2 од Законот за оружје.

Во втората иницијатива примена на 28 септември 2005 година и припоена кон овој предмет, поднесена од Васко Кузев се наведува дека со оспорената законска одредба им се налага на имателите на дозвола за поседување и носење на оружје да ја заменат во рок од 1 година од денот на влегување во сила на овој закон.

На имателите на дозволата кои се стекнале со такво право со Законот за набавување, поседување и носење на оружје, не можело со оспорената одредба од новиот Закон за оружје да им се налагаат нови обврски, бидејќи тоа значело дека оспорената одредба имала повратно дејство и било спротивно на член 52 став 4 од Уставот според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Поради наведеното, овој подносител на иницијативата предлага Уставниот суд да го укине членот 86 од Законот за оружје како несогласен со наведените уставни одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 86 од Законот, дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје издадени според досегашните прописи мора да се заменат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на подзаконскиот пропис за образецот на дозволата за оружје, дозволата за поседување на оружје и дозволата за носење на оружје.

Дозволите од ставот 1 на овој член ќе се заменат доколку физичкото лице ги исполнува условите од членот 9 став 1 точка 1, 2, 3, 4, 6 и 7 и став 2 на овој закон, односно правното лице ги исполнува условите во членот 16 од овој закон.

При поднесување на барањето за замена на дозволите од ставот 1 на овој член, физичкото лице, односно правното лице е должно до надлежниот орган според живеалиштето, односно престојувалиштето на странецот и правното лице според седиштето, да го донесе оружјето на кое се однесува дозволата, заради извршување на пробни испукувања од оружјето.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.54/2005 од 7 септември 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста меѓу другото и на член 86 од Законот за оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005) и утврдил дека оваа преодна одредба од Законот, граѓаните на Република Македонија ги става во еднаква правна положба пред законот, затоа што дозволите за поседување оружје и дозволите за носење оружје ги стекнуваат под еднакви услови и за ист временски рок на важење предвидени со Законот за оружје кој е во правниот поредок.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил уставноста на оспорената одредба од Законот за оружје, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите согласно цитираната одредба од Деловникот за отфрлање на иницијативите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.91/2005
12 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова