Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 октомври 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1997, 7/2000 и 89/2004).
2. Здружение на граѓани за заштита на интересите на сопствениците на шуми “Приватни шуми” – Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за шумите не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 6, 30, 51, 54 и 55 од Уставот на Република Македонија. Имено, според наводите во иницијативата оспорениот член бил спротивен на член 55 од Уставот од причина што истиот не ја гарантирал слободата на пазарот и претприемништвото и не обезбедувал еднаква правна положба на сите субјекти. Токму со ова законско решение, според подносителот на иницијативата, Јавното претпријатие како корисник на државните шуми имало повластена положба и монополско однесување на пазарот.
Во иницијативата исто така, се наведува дека со ставот 2 од оспорениот член од Законот се предвидувало средства за проста репродукција да издвојуваат и тоа Јавното претпријатие во висина од 10%, а сопствениците на шуми во висина од 5%, од вредноста на иеченото дрво, франко камионски пат во шума.
Според подносителот на иницијативата, иако овие средства биле за иста намена, Јавното претпријатие не ги уплаќало на сметката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, туку, по оцен на подносителот на иницијативата, истите ги издвојувало книговодствено на посебна сопствена сметка и во најкраток можен временски рок преземало одредени мерки по кои повторно ја враќало на својата сметка. За разлика од Јавното претпријатие, сопствениците на шумите средствата за проста репродукција ги уплаќале на сметката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од овие причини, се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 67 од Законот за шумите, со цел да се постигне еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 67 од Законот за шумите под проста репродукција на шумите, во смисла на овој закон, се подразбира одгледување и заштита на постојните шуми, освен чувањето.
Средства за проста репродукција на шуми издвојуваат јавното претпријатие и другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шумите за посебна намена во висина од 10%, како и сопствениците на шуми во висина од 5% од вредноста на исеченото дрво, франко камионски пат во шума.
Средствата од став 2 на овој член што ги издвојуваат јавното претпријатие и правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми за посебна намена, се водат на посебна сметка во јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шума за посебна намена и се користат за одгледување и заштита на постојните шуми, за изградба на шумски патишта, за техничко определување заради вршење на работи на заштита на шумите и за изработка на планови за стопанисување со шумите.
Средствата од став 2 на овој член што ги издвојуваат сопствениците на шуми се уплаќаат на сметката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се користат за учество во финансирање на работи на одгледување и заштита на шуми и изработка на планови за стопанисување со шумите во приватна сопственост.
4. Во делот на уставните норми кои се однесуваат на основите на економските односи, со членот 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за шумите во членот 1 определил дека предмет на уредување со овој закон се одгледувањето, користењето и заштитата на шумите. Шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита (член 2). Одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (стопанисување со шумите) е дејност од јавен интерес (член 5).
Оспорениот член 67 е поместен во Главата ИВ од Законот која го уредува прашањето за репродукцијата на шумите што претставува посебна обврска со цел одржување и обновување на постојниот шумски фонд и негово подобрување, како и подигнување на нови шуми. Поточно, оспорениот член 67 го регулира извршувањето на простата репродукција на постојните шуми, на начин што предвидува обврска за јавното претпријатие и правните лица што вршат одгледување и заштита на шуми со посебна намена да издвојуваат средства во висина од 10%, а сопствениците на шуми во висина од 5% од вредноста на исеченото дрво франко камионски пат. Според мислењето на Судот целта на законодавецот е со ваквата обврска да се обезбедат средства за одгледување и заштита на постојните шуми.
Наводите во иницијативата дека јавното претпријатие овие средства ги води на посебна сметка, но не ги уплаќал на сметка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каква што обврска согласно ставот 4 на членот 67, имале сопствениците на шумите, со што всушност и се доведувале овие лица во нееднаква правна положба, според Судот не наоѓа поткрепа во Законот. Имено, средствата што ги издвојува јавното претпријатие и правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми за посебна намена се водат на посебна сметка во јавното претпријатие и истите служат, односно се користат за разни цели, односно за изградба на шумски патишта, за техничко определување заради вршење на работи на заштита на шумите и за изработка на планови за стопанисување со шумите.
Што се однесува до тоа дека сопствениците на шумите средствата од ставот 2 на оспорениот член ги уплаќаат, за разлика од Јавното претпријатие, на сметка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, според Судот интенцијата на законодавецот е овие средства да имаат посебна намена односно да се користат за учество во финансирање на работи на одгледување и заштита на шуми и изработка на планови за стопанисување на шумите во приватна сопственост.
Според членот 14 од Законот, шуми за посебна намена се шуми кои претставуваат природна реткост и убавина и шуми кои првенствено служат за: заштита на земјиште, населени места, водни текови и акумулации, сообраќајници, стопански, инфраструктурни и други објекти, заштита и одгледување на ретки видови шумски дрвја и дивеч, како и за одмор, спорт и рекреација, одбележување на важни историски настани,научно-истражувачки, наставни, образовни, одбранбени и други цели.
Според членот 17 став 2, од истиот Закон, со шумите во приватна сопственост стопанисуваат сопствениците, а одгледувањето и заштитата на шумите за посебна намена ги врши јавното претпријатие или друго правно лице што ќе го определи Владата на Република Македонија (став 3).
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и наводите во иницијативата, според Судот целисходноста на законското решение во оспорената одредба и нејзината примена не може да бидат предмет на уставносудска оцена, меѓутоа од аспект на нејзината уставност во однос на определбата во членот 55 од Уставот, врз основа на уставносудската анализа произлегува дека за оспорената одредба не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
Имено, според Судот, уставно гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката која создава услови за реализација на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем како што е во случајов и сферата на репродукција на шумите. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не претставуваат исклучиво право на делување на субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога во регулирањето на економските текови во стопанството.
Од уставниот основ за законско уредување на правата и обврските во сферата на дејностите во стопанството, според Судот, произлегува и основот за уредување на условите и начинот на регулирање на репродукцијата на шумите, односно за нивно одгледување и заштита. Во тие рамки со Законот за шумите е уреден правниот режим на вршењето на предметната дејност. Оттука, утврдувањето на различниот начин и висина на уплата на средствата за проста репродукција и нивната намена и користење согласно оспорената законска одредба, претставуваат елементи востановени во правниот режим на вршењето на одгледување и заштита на постојните шуми.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.128/2005
12 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова