163/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Измените и дополнувањата на Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи во Ученичкиот дом “Доне Божинов” од Пробиштип бр.0201-95/2 од 25 декември 1997 година.

2. Трајко Начков од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која по барање на Судот е дополнително прецизирана, со оспорениот акт, поточно со точката 5 од истиот, била сторена повреда на членот 32 став 2 од Уставот, бидејќи на вработените во домот кој имале средна стручна спрема им било оневозможено да ги вршат работните задачи на работно место секретар-сметководител. Ова од причина што со измените и дополнувањата на Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи, за работното место сметководител-секретар бил предвиден услов кандидатот да има виша стручна спрема и висока стручна спрема. Со оваа измена во Правилникот, според подносителот на иницијативата, на лицата со средна стручна спрема не им било достапно работното место сметководител-секретар со што била сторена повреда на член 32 став 2 од Уставот, во кој се предвидувало, дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Подносителот на иницијативата го наведува и тоа дека се уште е во тек работен спор за поништување на решение за прераспоредување пред редовните судови.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените измени и дополнувања на Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи во Домот, содржат одредување на видовите на работните места и потребниот степен на образование.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспорените измени и дополнувања на правилникот, според Судот тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт со кој се уредува внатрешната организација и систематизација на работните места во Ученичкиот дом “Доне Божинов” од Пробиштип во функција на извршување на работите од надлежноста на Домот за кој е основан.

5. Врз основа на наведеното, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на согласноста на оспорениот акт со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.163/2005
28 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова