106/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 183 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 183 во делот: “и по одобрение на министерот за правда” од Кривичниот законик.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од одредбата се ограничувало, односно условувало јавното обвинителство да бара одобрение од минис- терот за правда да може да преземе гонење за сторено кривично дело од членовите 181 и 182 од Кривичниот законик, иако овој орган, согласно член 106 став 1 од Уставот бил предвиден како единствен и самостоен орган што ги гони сторителите на кривичните дела и другите со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Имено, во наведената уставна одредба или во која било друга уставна одредба не постоело ограничување за јавното обвинителство во насока да мора претходно да бара одобрение од министерот за правда за да преземе гонење за било кое кривично дело. Оттаму, подносителот на иницијативата цени дека со оспорениот дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 96 и член 106 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 181 од Кривичниот законик, тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзиното знаме, грб или химна или шеф на странска држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години (Повреда на угледот на странска држава).

Според член 182 од истиот Законик, тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив меѓународна организација или нејзини преставници, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години (Повреда на угледот на меѓународна органи- зација).

Според член 183 од истиот Законик, насловен како Гонење за кривични дела против честа и угледот на странска држава и меѓународна организација, гонењето за кривичните дела од членовите 181 и 182 се презема на барање на странската држава, односно меѓународната организација и по одобрение на министерот за правда. Одред- бата се оспорува во делот: “и по одобрение на министерот за правда”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македо- нија.

Според член 91 алинеја 8, 9,10 и 11 од Уставот, Владата на Република Македонија, меѓу другото одлучува за признавање на држави и влади, воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави, донесува одлуки за отварање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство, предлага именување амбаса- дори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзулар- ни претставништва.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 106 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самос- тоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон (став 1). Јавното обвини- телство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон (став 2).

Според член 2 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004), јавното обвинителство е единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривичните и други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Според став 3 од истата одредба, јавното обини- телство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓуна- родните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Според член 132 став 2 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/1997, 44/2002 и 74/ 2004), кога со закон е определено дека за гонење на одделни кривични дела е потребно претходно одобрение од надлежен државен орган, јавниот обвинител не може да бара спроведување на истрага, ниту да подигне непосредно обвинителен акт, односно обвинителен предлог ако не поднесе доказ дека е дадено одобрение.

Според член 355 став 1 точка 5 од истиот Закон, суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои, ако судот ги повредил прописите на кривич- ната постапка по прашањето дали постои обвинение од овластениот тужител или пред- лог од оштетениот односно одобрение од надлежниот орган. Според член 367 став 1 точка 1, второстепениот суд мора секогаш по службена должност да испита дали постои повреда на членот 355 став 1 точка 5 и во случај да утврди постоење на таква повреда доаѓа до укинување на првостепената пресуда.

5. Уставот на Република Македонија, како и одредбите од Законот за јавното обвинителство го определуваат јавното обвинителство како единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, при што јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон. На кој начин и под кои услови јавното обвинителство како единствен и самостоен орган ќе ја извршува својата функција не е прашање што се уредува со Устав, туку извршувањето на функцијата се уредува со закон.

Во таа смисла за одредено лице да биде гонето за кривичното дело “Повреда на угледот на странска држава” од член 181 и кривичното дело “Повреда на угледот на меѓународна организација” од член 182 од Кривичниот законик предвидено е исполнување на одредени процесни претпоставки. Во конкретниот случај за наведените кривични дела со оспорниот дел од одредбата се предвидува постоење на одобрение од надлежен државен орган, или во случајот се бара одобрение од министерот за правда. На одобрението пак му претходи барање од странска држава или меѓународна органи- зација, чиј углед е повреден, што значи дека во отсуство на конкретно барање минис- терот за правда не се впушта во оцена на целесообразноста за водење на постапка спрема конретен сторител.

Процесната претпоставка во форма на одобрение од надлежен државен орган е предвидена и во членот 132 став 2 од Законот за кривичната постапка. Притоа, исполнувањето на позитивна процесна претпоставка е услов што се предвидува со пропис што мора да биде исполнет за судот да може да одлучува по конкретен кривичен предмет и истиот има за цел пред поведувањето на постапката да се утврди дали во конкретниот случај е целесообразно (опортуно) против одреден сторител на кривично дело да отпочне кривична постапка.

Дали за конкретниот случај постои одобрение на надлежен орган судот внимава по службена должност во сите фази на постапката, а во случај да е донесена пресуда без потребното одобрение, судот прави суштествена повреда на одредбите на постапката од членот 355 став 1 точка 5 од Законот за кривичната постапка, која неми- новно доведува до укинување на пресудата.

Значи, од процесно правен аспект исполнувањето на одредени процесни претпоставки, меѓу кои и постоењето на одобрение од надлежен орган претставува одредено ограничување во самостојноста на вршењето на јавнообвинителската функци- ја, кое е определено во закон, во случајот Законот за кривичната постапка.

Меѓутоа, уставно утврдената самостојност на јавното обвинителство не значи дека тој е изолиран орган со неограничени и неопределени функции што би биле цел сами за себе, туку како самостоен државен орган тој има определени права и должности што не го исклучуваат уставниот механизам за вршење на неговата функција врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Имено, тргнувајќи од содржината на членот 91 алинеја 8, 9, 10 и 11 од Уставот, јасно произлегуваат овластувањата на Владата на Република Македонија што таа ги има на меѓународен план. Оттаму, потребата од постоењето на одобрение од министерот за правда за гонење за сторено кривично дело од членовите 181 и 182 од Кривичниот законик, разгледувана од уставно правен аспект, нема за цел да ја наруши самостојноста на јавниот обвинител во извршувањето на неговата функција, туку да се обезбеди непречено извршување на важни функции на државата и нејзините органи што тие ги имаат на меѓународен план со странски држави или меѓународни организации.

Според тоа барањето на одобрение од министерот за правда не претставува мешање во вршењето на јавно обвинителските функции, ниту нарушување на самостој- носта на овој орган и барањето на така предвиденото одобрение е во функција на извршување на одделни работи на јавното обвинителство и Владата на Република Македонија, врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата од Кривичниот законик со членот 106 став 1 и 2 од Уставот.

Од истите причини Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 106/2005
14 септември 2005 год.
С к о п ј е
м.л/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова