У.бр.196/2004-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија, како и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 4 став 1 и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спорт (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Сојузот на спортските федерации на Македонија со Решение У.бр.196/2004 од 6 јули 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 и член 19 од законот означен во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот став 1 на член 4 од Законот всушност се врши додавање на нов став 4 по ставот 3 на членот 14 од изворниот текст на Законот за спорт.

Според оспорениот став 1 на член 4, односно новиот став 4 на членот 14 од Законот, спортските дисциплини кои произлегуваат од ист вид на спорт и кои меѓу себе се разликуваат според правилата и системот на натпреварување, можат да основаат државна спортска федерација во соодветната спортска дисциплина.

Според оспорениот член 19 од Законот, во членот 9 ставови 4 и 5, членот 12, членот 14 став 2, членот 42 став 4, членот 44 ставови 2 и 4, членот 46 ставови 1 и 3, членот 47 став 2, членот 49 став 1, членот 50 ставови 2 и 3, членот 51 став 3, членот 55 став 3, членот 60 став 1 и членот 79 став 1 зборот “Национална” се заменува со зборот “Државна”.

Во членот 11 став 6, членот 18 став 1, членот 28 ставови 1 и 2, членот 41, членот 57 став 1 и членот 70 зборот “националните” се заменува со зборот “државните”.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 на овој член се утврдува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 47 став 5 од Уставот, Републиката освен техничката култура го поттикнува и помага и спортот.

Уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот, како поединец и на државата во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.

Така, во интерес и на државата и на граѓанинот, со Законот за спорт (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002 и 66/2004) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт, остварувањето на јавниот интерес во спортот, стопанисувањето со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија, општините и градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).

Дефинирајќи го спортот во членот 2 од Законот како дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните, законодавецот во членот 3 од овој закон, како организациони облици што ја вршат дејноста спорт ги утврдува спротските здруженија на граѓаните и другите правни лица од областа на спортот.

Она што е суштествено за конкретниот предмет е тоа што во членот 5 од овој закон е утврдено дека заради остварување на потребите од занимавање со активности и заштита на правата и интересите од областа на спортот, граѓаните можат слободно и доброволно да се здружуваат и да основаат спортски здруженија, под услови и на начин утврдени со закон, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Во однос на здружувањето на спортските клубови, Законот содржи неколку решенија и тоа:

Во членот 13 од Законот е утврдено дека спортските клубови од различни спортови, заради остварување на јавниот интерес на општината и градот Скопје во областа на спортот и заради планирање и реализација на програмските активности, можат да се здружуваат во општински и градски спортски сојуз од различни спортови (став 1), а спортските клубови од ист спорт на ниво на општината, односно градот Скопје, заради остварување и реализација на заеднички програмски активности, можат да се здружуваат во општински, односно градски сојузи од ист спорт.

Според членот 14 став 1 од Законот, спортските клубови од ист спорт, како и од училишниот, студентскиот и спортот на инвалидизираните лица, можат да се здружуваат во соодветна национална (во овој став зборот “национална” со членот 19 не е заменет со зборот “Државна”) спортска федерација на Република Македонија заради:

– поттикнување и унапредување на соодветниот спорт;
– реализирање на утврдената програма за развој на спортот;
– усогласување и координирање на програмските активности на здружените членки.

Според ставот 2 на член 14 од Законот, Државната (по измените извршени со оспорениот член 19 став 1 од Законот, а пред тоа “националната”) спортска федерација на Република Македонија, покрај работите од став 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации.

Според ставот 3 на член 14 од Законот, во еден спорт може да се основа само една национална (државна) спортска федерација.

Во ставот 4 на член 14 од Законот (овој став како што е веќе наведено е додаден со оспорениот став 1 на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спорт) е утврдено дека спортските дисциплини кои произлегуваат од ист вид на спорт и кои меѓу себе се разликуваат според правилата и системот на натпреварување можат да основаат државна спортска федерација во соодветната спортска дисциплина.

Понатаму, во ставот 6 на членот 14 од Законот е утврдено дека државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решенија за вршење дејност од ист вид на спорт.

Според членот 15 од Законот, спортските здруженија од членот 13 и националните (и во овој член зборот “националните” изречно не е заменет со зборот “државните”) спортски федерации на Република Македонија, заради остварување на заеднички интерес за развој на спортот, можат да се здружуваат во сојуз на спортските федерации на Република Македонија.

Согласно членот 16 став 1 од Законот, во меѓународните асоцијации од областа на спортот можат да се зачленуваат само националните (државните) спортски федерации од соодветниот спорт и ги претставуваат и застапуваат спортските клубови од соодветниот спорт кои имаат решение за вршење дејност спорт.

Од анализата на наведените и другите законски одредби произлегува дека меѓу прашањата што на специфичен начин се уредени со Законот за спорт, како специјален закон во однос на Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998) се и облиците во кои можат да се здружуваат спортските клубови на општинско, односно на ниво на град Скопје (општински односно градски спортски сојузи од ист или различни спортови) и на ниво на Републиката (во државна спортска федерација и во сојуз на спортските федерации на Република Македонија).

Од членовите 13, 14 и 15 од Законот за спорт, во кои се утврдени посебните облици на здружување на спортските клубови, може да се констатира дека тие заедно со Законот за здруженија на граѓаните и фондациите, всушност претставуваат операционализација на членот 20 од Уставот и се во функција на создавање правни претпоставки за доследно и ефикасно остварување на уставно гарантираното право на граѓаните слободно да се здружуваат во здруженија. Оттука, во оваа функција треба да се толкува целта и суштината и на оспорената одредба на членот 4 став 1 од Законот, поради што од овој аспект не е спорна нејзината согласност со Уставот, затоа што согласно Уставот законодавецот има право со закон да го регулира начинот и условите за остварување на слободите и правата утврдени со Уставот и признати во меѓународното право.

Меѓутоа, разгледувајќи го оспорениот член 4 став 1 од Законот во корелација со членот 13 и членот 14 во целина, Судот констатира дека неговата формулација е специфична и се разликува по тоа што оспорената одредба е насочена и се однесува на “спортските дисциплини” кои согласно оваа одредба можат да основаат државна спортска федерација, наспроти членот 13 и 14 во целина, кои се однесуваат на “спортските клубови” како субјекти кои можат да се здружуваат во соодветни сојузи и државни спортски федерации на Република Македонија од соодветниот спорт.

Со оглед на тоа што во член 4 став 1 од Законот се утврдува право на здружување во државна спортска федерација, а притоа конкретно не се прецизирани субјектите кои можат да бидат носители на ова право, бидејќи очигледно е дека “спортските дисциплини” не се тоа, Судот оцени дека одредбата на овој член според начинот на кој е формулирана сама за себе е нејасна и неприменлива, што е доволен аргумент за нејзината несогласност со Уставот и тоа од аспект на принципот на владеењето на правото, според кој одредбите треба да бидат јасни, прецизни и применливи.

Освен во однос на формулацијата на субјектите кои согласно оспорениот член 4 став 1 од Законот можат да ја основаат државната спортска федерација од соодветната спортска дисциплина, законодавецот има различен и недоволно јасен пристап во однос и на определувањето на статусот, местото и улогата, односно значењето на овие државни спортски федерации во системот на вршењето на дејноста спорт согласно Законот, а не прави ни јасна дистинкција во тој поглед меѓу нив и државните спортски федерации од ист вид спорт. Ова произлегува доколку оспорената одредба се анализира во однос и на другите членови од Законот.

Така, имајќи предвид дека согласно членот 14 став 3 од Законот во еден спорт може да се основа само една национална (односно државна) спортска федерација, дека согласно став 6 на истиот член државна спортска федерација е онаа во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решение за вршење дејност од ист вид на спорт и дека согласно член 16 став 1 од Законот во меѓународните асоцијации можат да се зачленуваат само државните спортски федерации од соодветниот спорт, произлегува дека оспорената одредба е неконзистентна и противречна со наведените одредби од Законот, а особено со ставот 3 на член 14 според кој се исклучува можноста во еден спорт да се основа повеќе од една државна спортска федерација наспроти оспорениот член кој предвидува токму таква можност.

Исто така, тргнувајќи од тоа дека Законот за спорт во целиот текст оперира со термините “Државна спортска федерација” или “државни спортски федерации”, додека термните “Државна спортска федерација во соодветната спортска дисциплина”, освен во оспорениот член 4 став 1 од Законот не се сретнуват во ниеден друг член, од целината на Законот (и тоа после неговите изменувања и дополнувања извршени со Законот чии одредби се оспоруваат со иницијативата) произлегува дека не е сосема јасно дали одредбите од соодветните членови како на пример членот 41, членот 42 став 4, членот 44, членот 46, членот 47, членот 49, членот 50 и друго, (во кои се утврдени работи кои со Законот и се пренесени на државните спортски федерации како вршење на еден вид јавни овластувања) се однесуваат само на државната спортска федерација основана за ист вид спорт или сите тие одредби или само некои од нив се однесуваат и на државната спортска федерација во соодветната спортска дисциплина предвидена во оспорениот член 4 став 1 од Законот.

Поради наведеното Судот смета дека се доведува во прашање и легитимната цел која воопшто сакала да се постигне со инкорпорирање на членот 4 став 1 во Законот, па затоа може да се каже дека со овој член е извршено нарушување на конзистентноста на концепцијата на Законот, која пред да се внесе овој член беше поставена на доволно јасни основи.

Со оглед на тоа што одредбата на членот 4 став 1 од Законот поради наведените причини не дава доволно гаранција за остварување на принципот на владеењето на правото, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во кој овој принцип е утврден како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Во врска со оспорениот член 19 од Законот, Судот утврди дека именувањето на спортските федерации како државни не соодветствува на нивниот статус на невладини организации кој што произлегува од основот и начинот на нивното основање, функционирање и финансирање. Имено, анализата на одредбите на Законот за спорт упатува на заклучок дека спортските федерации не се основаат по сила на Законот, туку врз основа на принципот на слободно здружување, и тоа од страна на спортските клубови како здруженија на граѓани што вршат дејност спорт во смисла на овој закон кои доброволно можат да се здружуваат во спортски федерации, под услови и на начин утврдени со овој закон. Согласно Законот, исто така, спортските федерации, како здруженија на спортските клубови се независни од државата и во поглед на нивното финансирање, така што и од тој аспект тие не би можело да се третираат како државни.

Според мислењето на Судот, извршената измена во именувањето на спортските федерации од национални во државни не може да се оправда ниту со намерата на законодавецот што сакал да ја постигне со тоа, а според образложението на Предлогот на законот со оваа измена се сакало да се истакне дека спортските федерации од сите видови спортови се во Република Македонија, како држава која се грижи за остварување на јавниот интерес во спортот, без оглед дали е во надлежност на општините и градот Скопје или на ниво на Република Македонија. Ваквата намера според Судот требало да се искаже на друг начин, а не на начин што го доведува во прашање карактерот на овие организации како нелвадини, односно недржавни, што впрочем го имале и пред измените извршени со овој член од Законот.

Тргнувајќи од тоа дека именувањето на спортските федерации, како и на секој друг субјект во правото, треба да биде одраз, односно да соодветствува на нивниот вистински статус и карактер, затоа што тоа е суштествен елемент за нивно препознавање и е од влијание за воспоставувањето на односи со други субјекти во земјата или пошироко, а именувањето на спортските организации како државни не го одразува нивниот статус на невладини организации, каков што го имаат согласно законот, туку упатува дека тие се државни, Судот оцени дека член 19 од Законот не е во согласност со Уставот, а пред се со членот 8 став 1 алинеја 3.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.196/2004
14 септември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова