Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2005 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбан блок 9 – Урбан модул 1 – Струга бр.07-154/17, донесена од Советот на општина Струга на 9 февруари 2005 година.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на подинечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.66/2005 и У.бр.81/2005 од 15 јуни 2005 година по иницијатива на Дилавер Латифовски од с.Лабуништа, Таир Јонузи и Сали Умери од с.Радолишта – Струга поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
5. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената одлука е предвидено дека со оваа одлука се донесува измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Урбан блок 9 Урбан модул 1 – Струга.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека Деталниот урбанистички план содржи: графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, одговор на стручна ревизија и извештај од стручната ревизија. Извештајот од стручната ревизија е составен дел на Одлуката.
Во член 4 е предвидено дека Планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица – Струга врз основа на согласноста на Предлог-планот бр.13.997 од 4 февруари 2005 година издадена од Министерството за транспорт и врски – Скопје.
Во членот 5 е определено дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат и потпис од градоначалникот на општина Струга со назначување на број и дата на седницата на кој е донесен.
Во членот 6 од Одлуката е определено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.
6. Судот понатаму од доставената документација утврди дека измените на Планот се извршени по донесување односно преземање на дејствија од страна на органите надлежни за водење на постапката за донесување на урбанистички планови и тоа:
– Програма за изработка, измена и дополнување на урбанистички планови и урбанистичка документација за 2004 година, донесена од Советот на општина Струга на 19 март 2004 година на предлог на Главниот архитект на градот.
– Извештај за извршена стручна ревизија на Деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 9 – Урбан модул 1.
– Одговор на ревизијата на Деталниот урбанистички план – дел од Урбан блок 9 – Урбан модул 1 од Струга од јули 2004 година од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-ПУМА” – Скопје.
– Записник од стручната консултација за измена на Деталниот урбанистички план Урбан блок 9 – Урбан модул 1 Струга бр.23-1593/1 од 13 октомври 2004 година.
– Заклучок за утврдување на текстот на Нацрт за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.23-1545/1 од 7 октомври 2004 година од главниот архитект на град Струга.
– Одлука за организирање на јавна анкета по Нацрт-планот бр.08-1547/1 од 7 октомври 2004 година донесен од градоначалникот на општина Струга.
– Соопштение за спроведување на јавна анкета за утврдување на Нацрт-измена бр.23-1548/1 донесено од главниот архитект на 7 октомври 2004 година, кое било доставено до ДИ – ЏЕЈ Радио Струга и било емитувано од 2 јули до 17 јули 2004 година.
– Стручно мислење по нацрт-планот бр.23-1546/1 донесено од главниот архитект на град Струга на 7 октомври 2004 година.
– Стручно мислење од Министерството за транспорт и врски бр.13-10873 од 7 септември 2004 година.
– Записник од стручната консултација за измена на Деталниот урбанистички план Урбан блок 9 – Урбан модул 1 Струга бр.23-1593/1 од 13 октомври 2004 година.
– Извештај од спроведената јавна анкета со осврт за стручната консултација по нацрт Деталниот урбанистички план и Извештај од Комисијата за разгледување на забелешките од анкетните листови за Деталниот урбанистички план бр.23-11/1 од 10 јануари 2005 година.
– Барање согласност на Советот на општина Струга од Министерството за транспорт и врски бр.23-83/1 од 24 јануари 2005 година.
– Извештај за постапување по забелешките од јавната анкета и Стручната расправа бр.23-11/2 од 25 јануари 2005 година.
– Графички приказ на Нацрт-планот – копие.
– Графички приказ на Предлог – планот – копие.
– Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за Урбан блок 9 – Урбан модул 1 Струга, донесена од Советот на општина Струга, на 9 февруари 2005 година.
Воедно, Судот утврди дека Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука не побарал претходно мислење од надлежниот орган за заштита на природните реткости.
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Од анализата на наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера
Оттука, економијата и индустријата можат да се развијат неконтролирано неконтролирано без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природата. Имено, според мислењето на Судот, станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме. Заштитата на природата всушност е во интерес на заштитата на животната средина и бара почитување на законските прописи.
При оценување на законитоста на оспорената одлука беа земени предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), кој бил во примена во време на донесување на оспорената одлука, како и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и “Службен весник на РМ” бр.62/1993).
Според членот 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес што се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат. Според членот 3 од Законот, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Постапката за донесување на плановите, вклучително и на урбанистичките планови е уредена со самиот закон.
Според член 7 од Законот во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува, покрај другите, и детелен урбанистички план.
Според член 17 став 7 и член 18 од Законот, градоначалникот на општината по утврдување на нацрт-планот од општинската администрација донесува одлука за организирање на јавна анкета по нацрт детален урбанистички план, а јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.
За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а извештајот со образложение за неприфатените забелешки го изработува општината.
Членот 19 став 1 и став 2 од Законот предвидува дека пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета се врши стручна ревизија, која што ја врши стручно научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите на уредување на просторот.
Според член 22 став 6 од Законот, општината го донесува деталниот урбанистички план по издавање согласност на предлог планот од страна на министерството надлежно за работите на уредување на просторот.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба како и приложената документација во постапката, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
Меѓутоа, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законските прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, Судот оцени дека во постапката за донесување на урбанистички планови, општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро со кои овие езера, како добра од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.
Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро , нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичките одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробилошки, лимнолошки
и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.
За заштитата на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.
Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.
Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Имајќи го во вид фактот што Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека тоа не е во согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.66/2005
У.бр.81/2005
14 септември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова