20/2005-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седни- цата одржана на 7 септември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 22 од Законот за сметководството за непрофитните организации (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2003).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 20/2005 од 25 мај 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 22 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одребите од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 22 од Законот за сметко- водството за непрофитните организации, се овластува министерот за финансии по потреба да донесува поблиски прописи за спроведување на овој закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Тргнувајќи од содржината на Законот, произлегува дека во член 9 став 4, член 11 став 3, член 12 став 4 и 5 и член 17 став 8 се содржани посебни овластувања на министерот за финансии да донесе прописи за разработка на одделни законски одредби.

Оттаму, според Судот, при постоење на вакво конкретно законско уреду- вање, овластувањето на министерот за финансии по потреба да донесе поблиски пропи- си за спроведување на законот, содржано во оспорениот член 22 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, вака даденото овластување е непрецизно и остава можност за правна несигурност што, според Судот го повредува начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот проредок. Ова од причини што една одредба се смета за согласна со наведеното начело ако е јасна, прецизна и недвосмислена, што не е случај со оспорената одредба. Воедно, постоењето на посебни одредби што го уредуваат овластувањето на министерот за донесување на поблиски прописи го прави нецелисходно егзистирањето на даденото општо овласту- вање од членот 22 од Законот, по потреба да донесува поблиски прописи.

Можноста по потреба да се донесат поблиски прописи за спроведување на законски норми без постоење на каква било законска рамка остава простор за мешање на извршната во законодавната власт, кои пак во системот на поделбата на власта се јасно разграничени. Според тоа, Судот оцени дека членот 22 од Законот не е во согласност и со алинејата 4 на член 8 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.20/2005
7 септември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова