33/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 42 став 3 и член 50 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 42 став 3 и член 50 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Министерството за финансии -Управа за јавни приходи не била овластена да ја утврдува висината на закупнината на недвижна ствар со јавно наддавање, затоа што Законот за користење и располагање со стварите на државните органи не содржел критериуми и методологија врз основа на кои ќе може да се определува закупнината врз недвижната ствар.

Со оспорените законски одредби, иисто така, се повредувало правото на сопственост, владеењето на правото и принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 42 став 3 од Законот најповолниот наддавач, кој нема да пристапи кон склучување на договор за продажба во рокот утврден согласно со членот 32 од овој закон го губи правото на враќање на паричниот депозит.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 50 од Законот висината на закупнината за недвижната ствар, за потребите на закуподавачот, ја утврдува Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и истата претставува почетна цена кај давањето на недвижната ствар во закуп со јавно наддавање.

4. Согласно член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Во ставот 2 на овој член од Уставот е предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Имајќи ги предвид овие уставни одредби, Судот смета дека одредбата од членот 42 став 3 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи која предвидува најповолниот наддавач кој нема да пристапи кон склучување на договор за продажба во определниот рок, да го губи правото на враќање на паричниот депозит, е согласна со Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што во случајов станува збор за ствари кои се во државна сопственост и со кои, во името на Републиката, располага Владата на Република Македонија, а државата како нивни сопственик е овластена да ги определува условите според кои ќе се врши нивната продажба и истите нормативно правно да ги уредува со закон.

Имено, според Судот, тоа се облигационо правни односи и правата и обврските што произлегуваат од нив се регулираат со истоимениот закон. Во облигационо-правните односи правата и обврските во правниот промет се определуваат согласно со вољата на страните во тие односи, што значи дека не станува збор за права утврдени со закон кои треба да ги остварува едната страна и за кои одлучува државата по административен пат и врз основа на управни акти.

Од тие причини, Судот оцени дека законодавецот со оспорениот закон наддавањето го предвидел како, еден вид, инструмент во функција на реализирањето на договорот за купопродажба.

Во овој контекст, Судот ја имаше предвид одредбата од членот 32 од овој закон која го уредува прашањето во врска со содржината што треба да ја има огласот за јавното наддавање па, во алинејата 7 предвидува дека тој содржи рок во кој треба да се пристапи кон склучување на договорот.

Оваа одредба законодавецот ја поврзал со оспорената одредба од член 43 став 3 од Законот во смисла што доколку најповолниот наддавач нема да пристапи кон склучување на договорот за продажба во рокот утврден согласно член 32 од Законот, го губи правото на враќање на паричниот депозит.

Имајќи ја предвид содржината на овие одредби, Судот оцени дека предвидувањето на правото на враќање на паричниот депозит не може да се доведува во корелација ниту со еднаквата правна положба на субјектите на пазарот ни со повреда на правото на сопственост (на што се повикува подносителот на иницијативата).

Со други зборови, во случајов станува збор за облигационо-правни односи во рамките на правниот промет што за учесниците во него создава права и обврски, а доколку некој истите не ги прифаќа истите, не е должен да учествува во постапката за купопродажба. Меѓутоа, доколку ги прифати, тогаш тој правен субјект мора да го прифати, односно да се приклучи во правниот промет што ќе се извршува според условите и постапката утврдени со закон.

Во овој контекст Судот ја имаше предвид одредбата од член 75 став 2 од Законот за облигационите односи според која доколку кај договорната страна што дала капар дојде до пишманлак, таа го губи капарот, а ако се откаже страната што го примила капарот, таа го враќа во двоен износ.

Аналогно на тоа, предвидувањето најповолниот пондувач да го загуби правото на враќање на паричниот депозит (доколку во определениот рок не пристапи кон договорот за продажба) е еден вид пишманлак чија последица е неисполнувањето на договорната обврска.

Од тие причини, според Судот, предвидувањето да се губи правото на враќањето на паричниот депозит (член 42 став 3) од Законот претставува гаранција за сериозноста на договорните страни, во спроведувањето на постапката за продажба на недвижниот државен имот.

Имено, според Судот со оспорената одредба се врши заштита, односно избегнување на злоупотребите во постапката за продажба на недвижните ствари во случаите кога по завршување на постапката за јавно наддавање е избран најповолниот наддавач со кој треба да се склучи договор и со што ќе се заврши постапката за продажба.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбата од член 42 став 3 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Во однос на прашањето дали Министерството за финансии – Управа за јавни приходи е овластена да ја утврдува висината на закупнината на недвижната ствар што е во сопственост на државата и истата да ја претставува почетната цена при давањето на недвижната ствар во закуп со јавно наддавање, Судот оцени дека одредбата од членот 50 од Законот која го уредува ова прашање е согласна со Уставот на Република Македонија.

При заземањето на овој став, Судот имаше предвид дека државата е сопственик и држател на стварта што се дава во закуп; дека во име на државата со стварта располага Владата на Република Македонија и дека Владата на Република Македонија би можела да определи и друг орган кој ќе ја утврдува висината на закупнината на недвижната ствар – сопственост на Република Македонија, меѓутоа во овој случај се определила за Управата за јавни приходи, ценејќи дека е таа најповикан орган во функција на правилно спроведување на постапката за давање на недвижната ствар (сопственост на државата) во закуп.

Во однос на прашањето дали закупнината на недвижната или движната ствар (сопственост на државата) треба да се уредува со општ акт или на друг начин, Судот оцени дека државата, како сопственик на истата, е овластена да го определи начинот на кој ќе се врши издавањето во закуп.

Во конкретниов случај, државата се определила не за регулирање на ова прашање со општ акт туку за директно законско решение во кое е определен органот што ќе му помогне на закуподавачот (државата) да ја определи закупнината.

Според тоа, Судот оцени дека не стојат наводите во иницијативата за решавање на прашањето за издавање под закуп на државен имот со посебен пропис, затоа што во случајов таков пропис не постои во правниот поредок на Република Македонија.

Од тие причини, Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 50 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.33/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова