У.бр.175/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 68 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во соглас- ност со Уставот на Република Македонија, бидејќи со предвидената законската можност за присилно отворање на затворените простории на даночниот должник, даночниот извршител ја преземал судската власт и го повредувал гарантираното право на непов- редливост на домот, односно деловните простории, како и гарантираното право на сопственост. Правото на неповредливост на домот можело да биде ограничено единст- вено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето, меѓутоа овие услови не постоеле во оспорената одредба.

Поради наведеното смета дека со оспорената законска одредба се повре- дувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 4 и 6, член 26, член 30, член 51, член 54 и член 98 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 68 став 1 од Законот за даноците на имот, доколку обврзникот не сака сам да ги отвори деловните простории и да го стави на увид имотот заради вршење на попис и процена, даночниот извршител е овластен присилно да ги отвори затворените простории во присуство на двајца сведоци и да оствари увид во имотот, за да може да изврши попис и процена. Според став 2 од истиот член преземените дејствија од ставот 1 на овој член и лицата присутни како сведоци задолжително се наведуваат во записникот за попис.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 6 од Уставот на Република Македо- нија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 26 став 1 од Уставот се гарантира правото на неповред- ливоста на домот. Според став 2 од истата одредба, правото на неповредливоста на домот може да се ограничи единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира сопственоста и правото на наследување. Според став 2 од истата одредба, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според став 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните приходи на начин утврден со закон.

Согласно член 98 став 1 и 5 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судо- вите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотре- тинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

5. Поаѓајќи од содржината на член 26 од Уставот во кој се гарантира неповредливоста на домот, произлегува дека Уставот забра-нува во домот да се влегува на недозволен начин односно без судска одлука. Уставната гаранција за неповред- ливоста на домот е издигната до степен и во случај кога постои судска одлука истовре- мено да постои потреба од откривање или спречување на кривични дела или потреба за заштита на здравјето на луѓето. Во оспорената законска одредба не се предвидува влегување во дом, туку влегување во затворени деловни простории.

Оценувајќи ја оспорената одредба наспроти наведе-ната уставна одредба Судот оцени дека домот и деловната просторија се различни простории во кои се извршуваат различни активности од различни субјекти. Домот е простор кој служи за вршење на приватните активности на граѓанинот, а деловниот простор служи за извршу- вање деловни, професионални обврски и активности не само на граѓанинот туку и на правно лице.

Имено, за домот да добие карактер на деловен простор потребно е во согласност со член 50 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.21/1998, 48/2000, 39/2003 и 96/ 2004) да биде пренаменет од станбен во деловен простор. Според наведената одредба стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност на барање на сопственикот на станот ако не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, не се нанесува штета на зградата и не се оневозможуваат другите корисници во мирно користење на становите, по претходна согласност на сопствениците на станови на зградата, односно на влезот на зградата. Од друга страна, според член 52 став 4 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004), фирмата или скратениот назив на фирмата мора да се истакне во деловните простории, од каде произлегува дека деловните простории имаат јавноправен, а не приватноправен карактер.

Со оглед на тоа што од содржината на одредбите од Законот за даноците на имот, произлегува дека како даночен обврзник на данокот на имот, данокот на наслед- ство и подарок, како и данокот на промет на недвижности (член 4, член 11 и член 20) може да се јави како правно, така и физичко лице, тогаш во случаите кога се јавува пот- реба од присилна наплата на некој од наведените видовите на даноци, со отворање на затворените деловни простории, според мислењето на Судот не се доведува во прашање приватноста на граѓанинот што треба да ја ужива во својот дом.

Според тоа, определбата на законодавецот за присилно отворање на затворени деловни простории заради наплата на неплатен данок нема за цел присилно отворање заради откривање или спречување на кривични дела или заради заштита на здравјето на луѓето, поради што Судот оцени дека во овој случај не се повредува уставната гаранција за неповредливост на домот, поради што не го постави прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 26 од Уставот.

Оценувајќи ја оспорената одредбата по однос на нејзината согласност со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок, Судот оцени дека со оспорената одредба се предвидува инструмент за обезбедување наплата на данок кога даночниот обврзник не ја исполнува доброволно својата уставна обврска. Ова поради тоа што со оспорената одредба се предвидува присилна наплата за некој од предвидените даноци по пат на попис и процена на имот што се врши во затворени деловни простории во случај кога даночниот обрвзник не сака сам да ги отвори и да го стави на увид имотот заради вршење на попис и процена.

Имено, согласно член 45 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2001, 48/2000, 39/2003 и 96/2004), присилната наплата на даночниот долг, паричната казна и каматата ја врши даночен извршител кој е овластено службено лице на органот за јавни приходи. Според член 47 од истиот Закон, пописот го опфаќа имотот, приходите и побарувањата на даноч- ниот должник од кои на најлесен и најбрз начин и со најмалку трошоци за даночниот должник ќе ја обезбеди наплатата на даночниот долг. Понатаму, според член 51 од Законот присилна нап лата на даночниот долг ќе се изврши од недвижниот имот на должникот, само во случај ако истиот не може да се наплати во целина од движниот имот, а даночниот извршител има овластување да ги отвори затворените деловни простории на должникот доколку истиот не сака да ги отвори сам, при што ваквото дејство се презема во присуство на двајца сведоци.

Присуството на двајца сведоци при преземање на дејство присилно отворање на затворени деловни простории е предвидено во член 64 од Законот за даноците на имот, како и во оспорената одредба. По оцена на даночниот извршител или на барање на даночниот обврзник при пописот може да се повика и проценител, според член 65 од Законот.

Во формирањето на правното становиште, Судот, исто така имаше предвид дека пред да се пристапи кон присилно отворање на затворени деловни простории, според член 66 од Законот на даночниот обврзник му се врачува записник во кој, меѓу другото, е наведено и местото и времето на извршување на пописот, но и покрај тоа истиот не сака сам да ги отвори деловните простории.

Според член 1 став 2 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1997, 59/2000 и 64/ 2003), кој се уште е во примена, одред- бите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парично побарување за кое се одлучува во управна постапка, освен ако за тоа извршување или обезбедување со закон е определена надлежност на друг орган.

Од друга страна одредбите на Законот за општата управна постапка (“Служ- бен лист на ФНРЈ” бр.52/1956, “Службен лист на СФРЈ” бр.10/1965, 4/1977, 11/1978 и 9/1986 и “Службен весник на Република Македонија” бр.44/2002), кој се уште е во при- мена, предвидуваат присилната наплата на паричните побарувања да се спроведува според одредбите на Законот за извршната постапка кој Закон, пак, дозволува таквата постапка да ја спроведува друг орган доколку тоа е определено во посебен закон, како што е во случајот Законот за даноците на имот, поради што Судот смета дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека присилното отворање на затворени деловни простории заради попис и процена припаѓа исклучиво во судска надлежност.

Оттаму, Судот заклучи дека со оспорената одредба од Законот не се повре- дува принципот на владеење на правото и принципот за поделба на власта. Ова посебно ако се има предвид дека судската извршна постапка дозволува присилна наплата на парично побарување што потекнува од управна постапка да го спроведе друг орган кога тоа е определено со друг закон, поради што не се постави прашањето за согласност на оспорениот член 68 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Во контекст на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба не може да се стави под сомнение и во однос на останатите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 175/2004
6 јули 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова