У.бр.55/2005

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста на член 205 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003), и

б) уставноста и законитоста на член 1 од Правилникот за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004).

2. Славе Доневски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Законот и Правилникот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот и од Правилникот предвидувале само професионални војници и воени старешини да припаѓаат во воздухопловно-технички персонал и за таа цел само тие имале право да стекнуваат воздухопловно-технички звања, а не ги предвидувале сите категории на лица што вршат служба во Армијата наведени во членот 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба како несогласна со членот 9 став 1, членот 54 став 3 и членот 32 став 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, и за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот како несогласна со наведените уставни одредби и со Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија, во членот 205 предвидел дека припадници на воено воздухопловно-технички персонал се воени старешини и професионални војници кои имаат едно од воено воздухпловно-техничките звања утврдени со овој закон.

Оспорениот правилник во членот 1 предвидел дека со овој правилник се пропишуваат условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничка служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен вздухоплов на воздухопловно-техничкиот персонал (во натамошниот текст: професионален војник и воен старешина).

Судот, исто така утврди дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија, во членот 3, предвидел дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон се: 1) воени старешини – офицери и подофицери; 2) професионални војници; 3) војници на служење воен рок; 4) питомци на Воена академија, 5) лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и 6) воени обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршување на воената обврска.

Цивилни лица, во смисла на овој закон се лица на служба во Армијата поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со иницијативата се оспорува членот 205 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и се оспорува членот 1 од Правилникот, од аспект дека одредбите не предвидувале во воздухопловно-техничкиот персонал да припаѓаат сите категории на лица што вршат служба во Армијата, туку ги предвидувале само двете категории и тоа професионалните војници и воените старешини, па поради тоа оспорената законска одредба била во несогласност со Уставот, а оспорената одредба од Правилникот била во несогласност со Уставот и Законот.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба и деловничката одредба од членот 28 алинеја 1, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по иницијативата поради тоа што Судот одлучува за тоа што е содржано во одредбите а не за тоа што требало да биде содржано според подносителот на иницијативата. Судот, исто така, во однос на оспорениот Правилник утврди дека тој бил предмет на уставносудска оцена и со Решение У.бр.65/2004 од 30 јуни 2004 година не била поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на повеќе одредби меѓу кои и за членот 1 од Правилникот.

Врз основа на изнесеното, согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.55/2005
29 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова