Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Станбена заедница 1 Урбан блок “1” Битола, донесена од Советот на општина Битола под бр.07-104/6 од 18 февруари 2005 година (“Службен гласник на општина Битола” бр.3/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на меѓу- себната согласност на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со членот 11 став 2 и 3 и членот 12 од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на Урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002), како и со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003) и Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1999, 102/ 2000 и 2/2002).
3. Мирче Колевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената Одлука се предвидувало правење на улица до неговата куќа, од јужната страна, поради што ја губел можноста да направи нова станбена зграда во дворното место, иако пред повеќе од 15 години остварил право на т.н. “маркица за градба на објект”.
Имено, Генералниот урбанистички план на Битола не предвидувал изградба на сообраќајница каква што предвидувал Деталниот план, поради што смета дека е повреден член 11 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Воедно постоела и повреда на членовите 11 став 2 и 22 став 6 од Законот од причина што во постапката не било испочитувано Стручното мислење на надлежното министерство бр.13-15107 од 19 ноември 2004 година кое налагало почитување на границите на Урбаниот опфат и да се изземе урб. парцела 19 од границите. Во постапката не му било дадено известување за неговата неприфатена забелешка, поради што смета дека е повреден и член 18 став 4 од Законот.
Оспорената одлука, исто така, не била во согласност со член 11 став 2 и 3 и член 12 од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на Урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002), како и со одредбите од Правил- никот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Репуб- лика Македонија” бр.2/2002 и 50/2003) и Правилникот за стандарди и нормативи за проек- тирање на објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1999, 102/2000 и 2/2002).
Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да ја поништи оспорената одлука, а во меѓувреме да донесе решение за запирање од извршување на сите поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката.
4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Битола на седницата одржана на 18 февруари 2005 година донел Одлука за донесување на ДУП за Станбена зедница 1 Урбан блок “1” Битола. Во член 2 од Одлуката се определени границите на ДУП на следниот начин: “од север-јужниот крак од ул.”Довлеџик”, до пресе- кот со новопредвидената колекторска улица; од запад се граничи со дел од новопред- видената колекторска улица; од југ со новопредвидените колективни станбени згради-оди по западната и јужната граница на спортските терени; од исток-дел со источната граница на спортските терени и со новопредвидената улица пред Универзитетскиот центар”. Во член 3 од Одлуката е определено дека ДУП се состои од тексту-ален и графички дел кои се составен дел на оваа одлука. Во членот 5 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ” Службениот гласник на општина Битола”.
5. Исто така врз основа на приложената документација и направениот увид во оригиналните текстуални и графички делови на Планот, Судот во постапката утврди дека со Одлука бр.07-1144/8 од 27 ноември 2003 година Советот на општина Битола отпочнал постапка за изработка и донесување измени и дополнувања на ДУП за Станбена заедница број 1-Урбан модул “1”. Во член 1 од Одлуката покрај другото се дадени и границите на урбаниот модул, кои според описот се идентични со описот содржан во членот 2 од оспорената одлука.
Стручна ревизија на измените и дополнувањата на ДУП е направена во месец октомври 2004 година од страна на Јавното претпријатие за просторни и урбанис- тички планови на Република Македонија.
Одговор на извршената ревизија е даден од Друштвото за просторни и урбанистички планови и инжинеринг “Урбанизам” ДОО Битола.
По повод бараното стручно мислење за Нацрт-Планот, Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просто-рот во Скопје, дало стручно мислење бр.13-1086/3 од 19 ноември 2004 година во кое, меѓу другото, е наведено дека по вградување на сугестиите и забелешките може да се пристапи кон постапката за усвоју- вање на планот. Постои и посебна забелешка дадена во насока од границата на опфатот да се изземе урб.парцела 19.
Градоначалникот на општината Битола со Одлука бр.08-1229/1 од 17 декември 2004 година определил организирање на јавна анкета за измените и дополнувањата на ДУП во периодот од 20 декември 2004 година до 31 декември 2004 година. Воедно е определено соопштението да биде објавено во дневниот печат – “Утрински весник” и да биде истакнато во МЗ “Васко Карангелевски” – Битола. Донесено е и Соопштението за организирање на јавна анкета бр.08-1229/2 од 17 декември 2004 година.
Според записникот бр.13-1228/2 од 22 декември 2004 година по Нацрт- Планот на наведениот датум била одржана стручна консултација.
Од извештајот бр.13-22/3 од 21 јануари 2005 година, составен од надлежната Комисијата за разгледување на анкетни листови, произлегува дека забелешката на подносителот на иницијативата не била прифатена со образложение дека парцелата бр.19 е изземена од опфатот на ДУП, а профилот на улицата “Довлеџик” е дефиниран согласно ГУП.
Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-Планот, заведена под бр.13-698 од 4 февруари 2005 година.
Советот на општината Битола ја донел оспорената одлука под број 07-104/6 од 18 февруари 2005 година.
Одлуката е објавена во “Службениот гласник на општина Битола” бр.3 од 28 февруари 2005 година.
6. Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите се донесува и детален урбанистички план.
Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 2 од истата одредба, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува д етален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул определен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со Генералниот урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Дет алниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4 е определено дека документацијата на Деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.
Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската админист- рација (член 17 став 7).
Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжи- телно се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за детал- ните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).
Според член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.
Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
7. Оценувајќи ја оспорената Одлука по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање што ја уредуваат постапката за донесувањето на деталните урбанистички планови, Судот оцени дека законски определените органи ги запазиле сите фази на постапката за донесување на детален урбанистички план и не направиле пропусти во постапката за донесување на Планот.
Имено, врз основа на увидот во изводот од ГУП и ДУП не се утврди отстапувања во планирањето по однос на предвиденоста на улиците и патиштата, од каде произлегува дека нема повреда на членот 11 став 1 и 4 од Законот.
Понатаму, по однос на наводот за повреда на членот 18 став 4 од Законот, Судот оцени дека е неоснован, со оглед на тоа што од содржината на извештајот бр.13-22/3 од 21 јануари 2005 година, составен од надлежната Комисијата за разгледување на анкетни листови, произлегува дека забелешката на подносителот на иницијативата не била прифатена со образложение дека парцелата бр.19 е изземена од опфатот на ДУП. Инаку, во одредбите од Законот во целина и посебно во член 18 став 4 не е предвидена обврска за доставување на извештај за забелешките до засегнатите граѓани. Во одредбата е предвидена само обврска за составување на извештај по однос на неприфатените забелешки, каква што е забелешката на подносителот на иниција- тивата.
Неосновани се и наводите за сторена повреда на членот 22 став 6 од Законот на начин што урб.парцела 19 не била изземена од планирањето, иако тоа го наложило надлежното Министерство. Имено, според содржината на оваа одредба не станува збор за прифаќање на сугестии и забелешки, како што погрешно ја толкува одредбата подносителот на иницијативата, туку за добивање на потребна согласност од надлежото министерство, која согласност е добиена. Инаку, токму по повод сугестијата на надлежното министерство дадена во дописот бр.13-1086/3 од 19 ноември 2004 година урб. парцела бр.19 не била опфатена во границите на Планот. Впрочем, оваа парцела не била предмет на планирање и во фазата на донесување на Нацрт-Планот, што произлегува од утврдената граница на урбаниот модул определена во членот 1 од Одлуката за започнување на постапката за измени и дополнувања на Планот.
Имено, согласно член 11 став 3 од Законот графичкиот прилог е составен дел на Одлуката за донесување на ДУП. Тргнувајќи од содржината на наведената одредба Судот во претходната постапка изврши увид во графичките прилози кон Нацрт-Планот и утврди дека на јавен увид бил изложен графички прилог, во форма на синтезен приказ, прилог број 3, составен во мај 2004 година во кој не е опфатена наведената парцела број 19, а за оваа парцела стои посебна забелешка дека истата е изземена од планирање по сугестија на надлежното министерство. Синтезниот приказ, прилог број 4, составен во јануари 2005 година, како составен дел на Предлог-Планот исто така не ја опфаќа наведената парцела.
Со оглед на околноста што општината Битола пристапила кон донесување на потребната согласност од Министерството за транспорт и врски, Судот оцени дека не е сторена повреда ниту на членот 22 став 6 од Законот.
Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорената одлука не може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од кои причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од карактерот и содржината на оспорената одлука и Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на Урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002), Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/ 2003) и Правил- никот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1999, 102/2000 и 2/2002) произлегува дека Одлуката и правилниците се подзаконски акти и сите имаат основ во одредбите на ист закон, а тоа е Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Оттаму, по однос на наводите од иницијативата за несогласност на Одлуката со член 11 став 2 и 3 и член 12 од првоозначениот Правилник, како и воопшто со одредбите од второ и трето означениот Правилник, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
9. Што се однесува до предлогот за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука Судот оцени дека не се исполнети претпоставките од член 27 од Деловникот на Уставниот суд.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.
У.бр. 67/2005
29 јуни 2005 год.
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова