51/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 104-ѕ став 3 од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992 и 38/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 104-ѕ став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, со членовите 51, 91 алинеи 1 и 5, како и со член 96 од Уставот на Република Македонија.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот, меѓу другото, донесувал и правилници за извршување на законите и други прописи, кога за тоа бил овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој Закон, со правилник се утврдувале и разработувале одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а спорд член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесувал министерот не можело за граѓаните да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишуваат надлежности на другите органи.

Подносителот на иницијативта смета дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика со акт да ги пропишува поблиските услови и критериуми за избор на посвоители, немало уставна основа и остапувало од општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и не претставувало разработка на конкретна законска норма во функција на нејзино извршување, а во примената на таквиот пропис постоела можност од арбитрерност на извршната власт во однос на законодавната власт и можност од нееднаков третман кон посвоителите.

Во иницијативата исто така се наведува дека фактот што Министерството за труд и социјална политика ги врши работите што се однесувале на односите меѓу родителите и децата, старателството и посвојувањето (член 24 став 1 алинеја 9 од Законот за организација и работа на органите на државната управа), не можело да биде основ за навлегување во закондоавната власт.

Поради изнесеното подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 104-ѕ од Законот за семејството.

3. Судот на седницата утврди дека според член 104-ѕ став 1 Центарот за социјална работа по приемот на работите од член 104-з на овој закон предлага најсоодветни посвоители и предметот со предлог за сместување на детето во семејството на можните посвоители го доставува до Комисијата.

Според ставот 2 комисијата може да изврши проверка на основаноста на предлогот од ставот 1 на овој член и врз основа на податоците кои ги има во регистарот на можни посвоители и документите, може да одлучи детето да го смести во друго семејство.

Според ставот 3 министерот за труд и социјална политика со акт ги пропишува поблиските услови и критериуми за избор на посвоители.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и други прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 96 од Уставот на Република Македонија органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Според член 61 став 1 од Законот со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 24 став 1 алинјеа 9 од Законот, Министерството за труд и социјална политика ги врши работите што се однесуваат меѓу другото, и на односите меѓу родителите и децата, старателството и посвојувањето.

Со Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004) се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред Судот во брачните и семејните спорови (член 1 од Законот).

Институтот посвојување, како посебен облик на заштита на децата, а особено на децата без родители и без родителска грижа, е уреден во четвртиот дел на овој закон, засновање на посвојување кој ги опфаќа членовите од 95 до 123.

Во оделот 2 од Четвртиот дел од овој Закон се утврдени условите за посвојување, а во оделот 3 од овој дел од Законот е помесетена оспорената одредба од член 104-ѕ од Законот.

Имено, согласно член 100-а од Законот посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Во ставот 2 од овој член е утврдено дека посвоител може да биде лице нејмалку 18 години постаро од посвоеникот. Во ставот 3 е утврдено дека по исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Според ставот 4 од овој член брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.

Согласно член 100-б од Законот кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, детето може да биде посвоено без разлика на старосните граници утврдени во членот 100-а на овој закон.

Согласно член 100-в од Законот по исклучок од членот 100-а ставови 1 и 4 на овој Закон како посвоител може да се јави и лице или брачни другари кои ја надминуваат горната граница на старост, доколку се посвојува брат или сестра на детето кое е веќе посвоено.

Согласно членот 101 од Законот не може да се посвои сродник во права линија ниту брат ниту сестра.

Во членот 102 од Законот е утврдено дека посвоител не може да биде лице: а) на кое му е одземено или ограничено родителското право, како и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од шест месеци; б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност; в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот; г) кое е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот; д) чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето; ѓ) ако е постаро од 45 години; е) зависник од дрога или други психотропни супстанци или алкохол; ж) кое има тешко хронично заболување или е болно од неизлечива заразна болест и з) ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.

Според членот 103 став 1 од Законот за посвојување е потребна согласност на обата родители на посвоеникот, односно на неговиот старател, како и на посвоеникот ако е постар од 12 години.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека доколку родителот е малолетен, покрај неговата согласност се зема и согласноста на законскиот застапник, а во ставот 3 е утврдено дека не е потребна согласност на родител на кој му е одземена деловната способност или му е одземено вршењето на родителското право или на родител на кој повеќе од една година не му се знае престојувалиштето. Согласно ставот 4 од овој член не е потребна согласност ниту од родител на дете сместено во институција или во друго семејство кој не пројавил интерес за детето повеќе од шест месеци од рокот во кој бил должен да го земе детето. Според ставот 5 од овој член не е потребна согласност ниту од посвоеникот кој до посвојувањето живеел во семејството на посвоителот пред наполнувањето на дванаесетгодишна возраст, а според ставот 6 од овој член не е потребна согласност од лицето кое мајката го посочила како родител на детето родено надвор од брак кој во рок од три месеци по раѓањето на детето не покренал постапка за признавање на тоа дете или за утврдување на татковство во однос на тоа дете.

Имајќи го предвид изнесеното, како и фактот дека условите и критериумите за избор на посвоители се утврдени во самиот Закон за семејството, Судот оцени дека утврденото овластување на министерот за труд и социјална политика со акт да ги пропишува поблиските услови и критериуми за избор на посвоители, е во согласност со уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека министерот може со закон да биде овластен да донесува акти за нивно извршување и дека за таквото негово овластување се пропишани посебни рамки во кои тој може да се движи, со тоа што со актите за чие донесување е овластен со закон може само да се разработуваат одделни законски одредби за нивно извршување, да се пропишува начинот на постапувањето во извршувањето на одделни одредби од законите и слично.

Со оглед на тоа што Законот ги содржи основите за уредување на прашањата што се предмет на подзаконско уредување, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.51/2005
29 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова