Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” урбани модули М1, М6, М7, М12, М13, М14, М16, М17, М20, М22 и М23 – Скопје, бр.07-466/1 донесена од Советот на општина Центар, на седницата одржана на ден 18 февруари 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003) и со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
3. Јоана Ристоска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови, како и со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.
Како причини за оспорување на согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со означените правилници подносителот во иницијативата наведува дека на парцелата бр.22.9, нејзина сопственост, со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план се предвидувала изградба на станбен објект во висина од 5,5 метри, додека сите други објекти во околината биле предвидени со висина од 13,2 до 16,2 метри. Ваквото урбанистичко решение според подносителот на иницијативата било неиздржано, затоа што ниту во Законот, ни во означените правилници не било предвидено во централното градско подрачје висината на еден објект да изнесува само 5,5 метри, а на сите околни објекти таа да изнесува од 13,2 до 16,2 метри. Ова дотолку повеќе што во стариот детален урбанистички план висината на објектот на парцелата бр.22.9 била предвидена да изнесува 9 метри, со намена станбено-деловен објект и дека единствено на овој објект со измените и дополнувањата на планот била извршена промена на висината и намената, додека во однос на околните објекти не било ништо променето.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека во текот на јавната анкета, која се организирала во два наврати, подносителот на иницијативата доставила писмени забелешки до организаторот на јавната анкета. Со оглед на тоа што не била известена за причините поради кои не се прифатени нејзините забелешки за да може да се обрати до повисок орган, ниту пак извештајот од јавната анкета и бил презентиран, таа смета дека со тоа е повредена постапката за донесување на деталниот урбанистички план од аспект на членот 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со оспорената одлука освен член 18 од Законот бил повреден и член 11 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, затоа што доколку овој член правилно бил применет според подносителот на иницијативата, висината на објектот што се предвидувал да се изгради на нејзината парцела можела да изнесува 18 метри, а не “смешни” 5,5 метри.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од оспорената одлука е предвидено дека со оваа одлука се вршат изменувања и дополнувања на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” урбани модули М1, М6, М7, М12, М13, М14, М16, М17, М20, М22 и М23 – Скопје, (“Службен гласник на град Скопје” бр.9/2002). Во ставот 2 на овој член е утврдено дека Одлуката за измени и дополнувања ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996), Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
Во членот 2 од Одлуката се утврдува површината и границите на просторот за кој се донесуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план.
Според членот 3 од Одлуката, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план содржат Текстуален дел и Графички прилози кои заедно со Параметрите за уредување на просторот и Извештајот од јавната анкета со Освртот на Стручната консултација, се составен дел на Одлуката.
Во членот 4 е предвидено дека Одлуката се заверува со печат на Советот на општината Центар и потпис на претседателот на Советот на општината.
Во членот 5 од Одлуката се определува рокот во кој ќе се обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ, а во членот 6 се определува органот кој ќе ја чува и ќе се грижи за реализација на Одлуката.
Во членот 7 од Одлуката е определно дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.
Судот на седницата, врз основа на документацијата доставена од Советот на општината Центар – Скопје, во однос на постапката во која е донесена оспорената одлука ја утврди следната фактичка состојба:
Одделението за урбанизам на општина Центар, со Заклучок бр.18-318/13 од 22 септември 2004 година го утврдил Нацртот на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за локалитет “Буњаковец” – Скопје.
По Нацртот на деталниот урбанистички план била организирана јавна анкета согласно одлуката донесена од градоначалникот на општина Центар бр.08-318/14 од 23 септември 2004 година.
Соопштението за организирање на јавната анкета било објавено во весникот “Дневник” од 23 септември 2004 година, во кое граѓаните и правните лица се известуваат дека Нацртот на планот ќе биде изложен во просториите на Месната заедница “Васил Антевски-Дрен” и дека во рок од 10 дена, сметано од 23 септември 2004 година можат да поднесуваат писмени забелешки на анкетни листови.
Извештајот од јавната анкета по Нацртот на планот, со образложение за прифатените и неприфатените забелешки е изготвен под бр.18-318 од 21 декември 2004 година.
Од извештајот на Комисијата може да се констатира дека во текот на јавната анкета биле доставени вкупно 31 анкетни листови со забелешки и барања од заинтересирани граѓани и правни лица. Анкетните листови содржеле една или повеќе забелешки по кои се дадени и соодветни одговори, односно стручно образложение за нивно прифаќање или неприфаќање. Забелешката на подносителот на иницијативата во однос на висината и намената на објектот, како и коефициентот на искористеноста на парцелата не е прифатена со образложение дека сите овие параметри се утврдени согласно законската регулатива и просторните услови на теренот.
Понатаму, од доставената документација Судот утврди дека по Нацртот на планот стручно мислење под бр.13-2204 од 25 март 2004 година доставило Министерството за транспорт и врски, а, исто така, стручно мислење доставил и Главниот архитект на градот Скопје со бр.18 а-448/1 од 19 мај 2004 година.
Стручната ревизија на Нацртот на планот била изготвена од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг “Простор” ДОО – Куманово од февруари 2004, а одговорот на стручната ревизија од изготвувачот на планот е од февруари 2004 година.
Известувањето за постапување по Извештајот од јавната анкета е изготвено под бр.18-318/16 од 22 декември 2004 година.
Предлогот на планот е изготвен од “ИН-ПУМА” – Скопје, со тех.бр.79/2003 од декември 2004 година.
Министерството за транспорт и врски, по разгледување на доставеното барање и приложената документација, согласно членот 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање издало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план под бр.13-17811 од 4 февруари 2005 година.
5. Во член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Видовите на плановите, содржината, изработувањето, како и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).
Согласно членот 17 став 1 од Законот, плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 и 5 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, која ја организира општината. Одлуката за спроведување на јавната анкета согласно ставот 7 на овој член ја донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.
Според членот 18 став 1 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според ставот 2 на овој член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. По завршувањето на јавната анкета, согласно ставот 4 на овој член општината изработува извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки.
Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на јавната анкета, на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија од страна на правно лице што има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.
Според членот 22 став 6 од Законот, општината деталниот урбанистички план го донесува по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
На крајот, во членот 20 став 1 од Законот, е утврдено дека измените и дополнувањата на плановите од членот 7 на овој закон меѓу кои се и деталните урбанистички планови, се вршат во иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, како и фактот дека во конкретниот случај по нацртот на изменувањата и дополнувањата на Деталниот урбанистички план е организирана јавна анкета во траење од 10 дена, дека е изготвен извештај за спроведената јавна анкета со образложение за неприфатените забелешки, дека има извештај за извршена стручна ревизија и дека надлежното министерство дало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, Судот утврди дека оспорената одлука со која се извршени изменувањата и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за локалитетот “Буњаковец 1” е донесена согласно постапката утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со оглед на тоа што во членот 18, а ниту во кој било друг член од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е предвидена обврска граѓаните и правните лица кои учествувале во јавната анкета да бидат поединачно известувани за нивните неприфатени забелешки, Судот смета дека наводите во иницијативата според кои постапката за донесување на оспорената одлука е повредена затоа што подносителот не била посебно известена за неприфаќање на нејзината забелешка, се ирелевантни, односно не можат да претставуваат основ за изразување на сомневање за согласноста на оспорената одлука со членот 18 од Законот, во однос на кој посебно се оспорува нејзината законитост.
Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање и одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност и со членот 11 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, за кој се наведува дека не бил правилно применет во случај на планирање на објектот на парцелата сопственост на подносителот на иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорената одлука со тој правилник. Ова од причини што согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува само за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а не и за меѓусебната согласност на прописи со иста правна сила.
Со оглед на тоа што оспорената одлука и означениот правилник по своето правно дејство се прописи со иста правна сила за чија меѓусебна согласност не е надлежен да одлучува, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот Судот одлучи иницијативата во делот за оценување на оспорената одлука со тој правилник да ја отфрли. Од истите причини Судот одлучи да ја отфрли иницијативата и во делот со кој се бара оценување на согласноста на оспорената одлука со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичката обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.72/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова