Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 40 од Правилникот за спроведување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2001, 72/2001, 89/2001, 50/2002, 86/2002, 19/2003, 54/2003, 6/2004 и 6/2005).
2. Тутунскиот комбинат “Боро Петрушевски – Папучар” АД Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбата од актот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 40 од Правилникот се воведувале нови специјални извозни марки чие постоење не било предвидено со Законот за акцизи. Со Законот за акцизи не било дадено овластување на министерот за финансии со посебни акти како на пример со Правилникот да пропишува и воведува други контролни марки како специјални извозни марки за обележување на тутунски добра што се извезуваат, а кои не биле пропишани со Законот за акцизи, туку овластувањата на Министерот за финансии се однесувале за донесување на поблиски прописи за подробности, кои произлегувале од она што било предвидено со Законот за акцизи. Со оглед на тоа што во Законот не постоела одредба со која се воведувале специјални извозни марки, логично произлегувало дека за таква непостоечка работа не ни можело да се донесе пропис со кој ќе се регулираат подробностите од проста причина што во таков случај такви не постоеле. Имено, при ситуација на непостоечка обврска, невозможно било со пропис да се регулираат подробностите на непостоечката обврска.
Со ниедна одредба во Законот за акцизи не му било дадено овластување на министерот за финансии да воведува нов вид на контролни марки, како специјални извозни марки, покрај постојните контролни марки предвидени со самиот закон.
Воведувањето нови специјални извозни марки, не било во надлежност на министерот за финансии туку воведувањето на други контролни марки, покрај постојните предвидени во Законот, била единствена надлежност на законодавецот. Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со Законот за акцизи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 40 од Правилникот гласи:
“(1) Тутунските добра што се извезуваат во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг за кои инодобавувачот не доставил контролни марки, се обележуваат со специјални извозни марки.
(2) Специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра се изработуваат од бездрвна хартија во правоаголна форма со димензии:
1. тип 1 со 23 мм х 45 мм;
2. тип 2 со 23 мм х 49 мм;
(3) Обрасците на специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра се прилог на овој правилник и претставуваат негов составен дел.
(4) Основната боја на специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра е виолетова.
(5) Обрасците на специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра од тип 1 и 2 од став 1 точки 1 и 2 на овој член, ги имаат следните елементи:
1. на левата страна во вертикална насока е отпечатен текстот “фор еџпорт”;
2. на десната страна во вертикална насока е отпечатен текстот “за извоз”;
3. во горниот дел се втиснати заштитни броеви, а во долниот дел заштитни ознаки”.
4. Според член 1 од Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 42/2002, 98/2002, 24/2003 и 96/2004) со овој закон се уредуваат акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: акцизна територија), на: минерални масла; алкохол и алкохолни пијалаци; тутунски добра и патнички автомобили.
Главата ВИИ од овој закон се однесува на тутунските добра.
Во членот 44 се уредуваат и пропишуваат контролните марки и гласи:
(1) Акцизата на тутунски добра се плаќа со користење на контролни марки.
(2) Контролни марки добива производителот или увозникот.
(3) Пуштањето на тутунските добра во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако тутунските добра се обележени со контролна марка.
(4) Контролната марка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија, така што ќе биде видлива и при отворањето на пакувањето ќе мора да се оштети. На оригиналниите пакувања на пури и цигарилоси, кои не се обвиткани со целофанска или друга хартија, контролната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето.
(5) Со подигнувањето на конткролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките.
(6) Акцизната вредност на една контролна марка се пресметува од акцизата за една цигара, пура, цигарилос или 1 кг. тутун за пушење и податокот за количината наведена на контролната марка.
(7) Патниците кои внесуваат од странство тутунски добра кои не се опфатени во член 25 став (1) точка 5) на овој закон и државјаните на Република Македонија и странските државјани кои примаат од странство тутунски добра согласно со царинските прописи, ја плаќаат акцизата на друг начин освен преку контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати.
(8) Во случаите кога тутунските добра се пуштаат во акцизно правен слободен промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри, плаќањето на акцизата може да се врши на друг начин освен преку употреба на контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот орган.
(9) Обврската за употреба на контролни марки не важи за тутунските добра кои се ослободени од акциза и во случаите од ставовите (7) и (8) на овој член, освен во случаите од член 24 став (3) на овој закон.
(10) Министерот за финансии донесува поблиски прописи во врска со подигнувањето на контролните марки, плаќањето на долгот за контролни марки, како и нивната форма, содржина и начинот на нивното издавање”.
Според членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005 објавен на 26 мај 2005 година), по членот 44 се додава нов член 44-а, со кој се уредуваат и пропишуваат специјални извозни марки за обележување на тутунски добра кој гласи:
“(1) Тутунските добра што се извезуваат во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг за кои инодобавувачот не доставил контролни марки, се обележуваат со специјални извозни марки.
(2) Специјалната извозна марка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија и да биде видлива. На оригиналните пакувања на пури и цигарилоси, кои не се обвиткани со целофанска или друга хартија, специјалната извозна марка може да биде залепена непосредно на пакувањето”.
Според членот 58 од Законот, поблиски прописи за спроведување на овој закон, донесува министерот за финансии.
Врз основа на овој член од Законот, министерот за финансии го донел Правилникот за спроведување на Законот за акцизите.
Имајќи предвид дека контролните марки за плаќање на акциза на тутунските добра и специјалните извозни марки за обележување на тутунските добра се утврдени со закон, министерот за финансии во Правилникот за спроведување на законот поблиску ги определил контролните марки и специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра (формата, бојата, обрасците, печатењето, чувањето, издавањето, начинот на лепењето и друго).
Оттука произлегува дека министерот за финансии има законско овластување со Правилникот поблиску да ги определи специјалните извозни марки за обележување на тутунски добра што се извезуваат, поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 40 од Правилникот за спроведување на Законот за акцизи со Законот за акцизите.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.171/2004
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова