12/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, степенот на зголемува- њето на стажот на осигурување на тие работни места и постапката за утврдување на фактичката состојба (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.31/ 1975), како и на сите нејзини измени и дополнувања и

б) меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 а) од ова решение со членовите 35 до 40 со Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/1994, 34/1995, 46/1999, 10/2002, 5/2004, 22/2004, 23/ 2004 и 88/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 а) од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била донесена врз основа на член 114 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.46/1972) и членовите 146 и 203 став 1 точка 1 од Статутот на Заедницата за пензиско и инвалидско осигурување на Македо- нија (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 28/1973) од страна на тогашното Собрание на пензиско и инвалидско осигурување. Меѓутоа, во нашата Република ваква институција повеќе не постоела, а актите врз основа на кои Собранието ја донело оспорената Одлука престанале да важат со влегување во сила на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен во “Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.18/1983.

Исто така се наведува дека Одлуката не била применлива од причина што била заснована на одредбите од Законот за основните права од пензиско и инвалидско осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/1982) кој престанал да важи на први јануари 1994 година. Оттаму произлегувала и несогласноста на Одлуката со членовите 125 до 130 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што сега е во сила и членовите 35 до 40 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, донесен во 1994 година. Но и покрај наведеното Одлуката и понатаму се применувала, а од 1975 година до денес биле донесени повеќе од 60 измени и дополнувања.

Во иницијативата се наведува дека во оспорената Одлука постоеле повеќе неусогласени термини како што се: “Собрание на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија”, “Заедница на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија”, “органи- зации на здружен труд” и други, што ја правело оспорената Одлука неприменлива. Содржан е и посебен предлог при одлучувањето да се имало предвид дека веќе биле донесени и посебни одлуки за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и тоа за конкретни правни лица.

Бидејќи правата на социјална сигурност и социјално осигурување единствено можеле да се утврдуваат со закон и со колективен договор, а не со одлука, подноси- телот на иницијативата смета дека оспорената Одлука не е во согласност со член 34 од Уставот. Заради неодржливост и неприменливост во практиката, подносителот на иницијативата смета дека со Одлуката се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 34 и 51 од Уставот, членовите 125 до 130 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и членовите 35 до 40 од Статутот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како акти што сега се во сила.

По повод вака поднесената иницијатива Судот, согласно член 16 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со писмо У.бр.12/2005 од 28 април 2005 година од подносителот на иницијативата побара да ја дополни и појасни иницијативата во следнава насока:

– точно идентификување на Одлуката, преку наведување на нејзинот назив и бројот на службеното гласило на секоја поединечна измена и дополнување, без оглед на нивниот број; и

– за секоја поединечна измена и дополнување да се прецизираат одредбите што се оспоруваат, причините за нивно оспорување и одредбите од Уставот, Законот за пензиско и инвалидско осигурување или други акти што се повредуваат со секоја од поединечните измени и дополнувања на Одлуката.

Ова од причина што во иницијативата оспорената Одлука се идентификува преку наведување на првиот и последниот бројот на службеното гласило во кое е обја- вена, а воедно се наведува дека истата претрпела повеќе од 60 измени и дополнувања, поради што не беше јасно што е предмет на оспорување.

Воедно на подносителот на иницијативата му беше укажано дека доколку бараното појаснување и дополнување не го направи во рок од десет дена по приемот на писмото, Судот ќе одлучува само по однос на уставноста и законитоста на Одлуката објавена во “Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.31/1975 и “Службен весник на Република Македонија” ; бр.75/2002 без да се навлегува во оцена на останатите измени и дополнувања на Одлуката.

Наведеното писмо подносителот на иницијативата го примил на 4 мај 2005 година, меѓутоа во определениот рок не достави појаснување и дополнување на иниција- тивата. Од тие причини во постапката пред Судот предмет на анализа беа основната Одлука и последната измена и дополнување, со податоци како што ги означува подно- сителот на иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 114 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.46/1972) и членовите 146 и 203 став 1 точка 1 од Статутот на Заедницата на пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.28/1973), Собранието на тогашната Заедница на пензиско и инвалидско осигурување на 10 јули 1975 година ја донело оспорената одлука, што ја сочинуваат 11 членови.

Основниот текст на Одлуката е објавен во “Службен весник на Социјали- стичка Република Македонија” бр.31/1975 и до влегувањето во сила на Законот за пензиското и инвалидското осигурување што сега е во сила претрпела 35 измени и дополнувања, 5 исправки и едно задолжително толкување.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имено, подносителот на иницијативата и покрај барањето на Судот да ја прецизира и појасни иницијативата, во определениот рок тоа не го стори, што по оцена на Судот преставува процесна пречка за навлегување во оцена на уставноста и закони- тоста на Одлуката и сите нејзини измени и дополнувања. Ова од причини што основа- ната Одлука во текот на нејзиното опстојување во правниот поредок неспорно претрпела поголем број на измени и дополнувања што се нејзин составен дел, меѓутоа во отсуство на барање за оцена на уставноста и законитоста на измените и допол- нувањата, според Судот нема услови за впуштање во анализа дали основниот текст на Одлуката претрпел суштински и терминолошки усогласувања и воопшто дали оспорената одлука е уставна и законита.

Од друга страна, тргнувајќи од содржината на “Службениот весник на Република Македонија” бр.75/2002, што се означува од подносителот на иницијативата како број на службеното гласило во кое е објавена последната измена и дополнување на основниот текст на Одлуката, одлука со назив како оспорениот акт нема. Во овој број на службено гласило се објавени:

– Одлуката бр.02-4314/1 од 6 септември 2002 година за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење на електростопанството на Македонија, термоцентрала РЕК “Битола” и РЕК “Битола”-Рудник “Суводол”-Битола и

– Одлуката бр.02-4315/1 од 6 септември 2002 година за изменување на Одлуката за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење во АД “Макстил” и АД “Троска”-Скопје.

Двете одлуки се донесени од Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија врз основа на овластувањето од член 127 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000 и 50/2001) и член 35 од Статутот на Фондот (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1994, 34/1995, 53/1997, 22/1998, 46/1999 и 10/2002).

Од наведеното произлегува дека во “Службениот весник на Република Македонија” бр.75/2002 се објавени две одлуки што се однесуваат на конкретни претпри- јатија за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Овие одлуки според називот и законскиот основ врз основа на кој се донесени се разликуваат од основниот текст на Одлуката која е оспорена, од што произ- легува дека не станува збор за измени и дополнувања на Одлуката што е предмет на оспорување, туку за сосема други одлуки.

Од страна на подносителот на иницијативата одлуки со горе наведениот назив не се оспоруваат.

Оттаму, според Судот, по однос на последно означената измена од страна на подносителот на иницијативата, исто така постојат процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 а) од ова решение.

6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од член 110 од Уставот, а што се однесува до наводот за постоење на несогласеност на оспорената Одлука со членовите 35 до 40 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Судот во постапката утврди дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на наведените подзаконски акти.

Исто така, врз основа на наведената уставна одредба од Уставот Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува примената на оспорената Одлука во практиката.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 б) од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 12/2005
15 јуни 2005 год.
С к о п ј е
м.л/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова