75/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/2004) во целина.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 4, 5, 10, 12, 13, 14, 15, 16 и 18 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот закон немал уставен основ за неговото донесување и тој не бил во согласност со темелните вредности на уставниот поредок предвидени во член 8 став 1 алинеја 1 и 3, како и со членовите 9, 34 и 51 од Уставот.

Имено, со оспорениот закон се создавала груба нееднаквост меѓу граѓаните со тоа што се предвидени посебни привилегии само за претседателот на Република Македонија и неговото семејство и тоа по престанување на неговата функција од една страна и сите други граѓани на Република Македонија од друга страна кои не ги уживаат тие привлегии што е уставно недопуштено.

Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека со предвидувањето на одредени права по престанок на функцијата на претседател на Република Македонија, а особено на неговото семејство овие права стануваат привилегии само поради фактот што одредено лице во определен временски период бил носител на јавна функција (член 23 од Уставот) со што се доведувало во прашање начелото на еднаквост и начелото на владеење на правото.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/2004) во Оддел И. “Основните одредби” е предвидено дека со овој закон се уредуваат правата на претседателот и на неговото семејство по престанување на функцијата, а под семејство во смисла на овој закон се подразбира брачниот другар на претседателот и неговите деца (член 1).

Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон по престанок на мандатот за кој е избран.

Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон и поради трајна спреченост да ја извршува функцијата за времетраење на мандатот.

Семејството на претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон во случај на смрт на претседателот (член 2).

Во Оддел ИИ од Законот “Право на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата” на претседателот на Република Макеоднија по престанок на функцијата му се определуваат: право на пензија во висина на платата што ја прима претседателот на Република Македонија (член 3); право на канцелариски простор и стручна служба (член 4); право на лично обезбедување, користење на службено возило и возило и протоколарен статус (член 5 и 6).

По барање на претседателот на Република Македонија на кого му престанала фунцијата може да му мируваат правата утврдени со овој закон (член 7).

Во случај на смрт, претседателот на Република Македонија се погребува на државен трошок (член 8).

Финансиските и административно техничките работи за потребите на претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата ги врши надлежната служба на Владата на Република Македонија (член 9).

Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата има право на материјални трошоци во висина од 8% од средствата утврдени во Буџетот на Република Македонија за остварување на неговите активности (член 10).

Во Оддел ИИИ од Законот “Права на семејството на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата” е предвидено дека во случај на смрт на претседателот на Република Македонија на семејството му се определуваат: право на пензија од член 3 на овој закон намален за 30% за неговиот брачен другар и неговите малолетни деца до завршување на редовно школување односно до наполнување на 26 годишна возраст (член 11); право на месечен паричен надоместок кој е еднаков на износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија, кој надоместок го прима брачниот другар трајно. Ако, пак, починатиот претседател во моментот на настапување на смртта имал малолетни деца правото на месечен паричен надоместок го користат малолетните деца до завршување на редовното школување, односно до наполнување на 26 годишна возраст (член 12); право на стипендија за школување во земјата или во странство до наполнување на 26 годишна возраст (член 13); право на еднократен паричен надоместок по основ на нематеријална штета (член 14); право на станбено обезбедување (член 15) и други права (член 16).

Во член 17 од наведениот закон е предвидено дека во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, правата на семејството на претседателот не го опфаќа и правото од член 11 од овој закон.

Во Оддел ИВ “Финансиски средства” е предвидено дека средствата потребни за остварување на правата утврдени со овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија (член 18).

Во Оддел В “Преодни и завршни одредби” е утврдено дека правата утврдени во член 12, 13, 14, 15 и 16 од овој закон им припаѓаат на семејството на претседателот на Република Македонија на кој му престанала функцијата претседател пред денот на влегувањето во сила на овој закон (член 19).

Во членот 20 од Законот е предвидено дека претседателот на Република Македонија кој по престанок на функцијата претседател на Република Македонија со истекот на мандатот за кој бил избран и стекнал право согласно со Законот за правата на претседателот на Република Македонија по престанок на функцијата, продолжува да ги остварува правата утврдени со овој закон.

Со денот на влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за правата на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/1999).

Во член 21 од Законот е предвидено дека Законот влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони. Во Глава ИИИ дел 2 од Уставот во кој се уредуваат функциите и положбата на претседателот на Републиката не постојат одредби со кои изречно се пропишува донесување на Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата или непосредно би се уредувале прашањата опфатени со тој Закон.

Имајќи ја предвид структурата на Уставот на Република Македонија во поглед на остварување на законодавната власт произлегува дека Собранието има генерално уставно овластување да донесува закони заради уредување на односи во сите области на општествениот живот. Оттука, отсуството на изречно уставно овластување Собранието на Република Македонија да донесува закони за уредување на определени прашања не претставува пречка согласно член 68 од Уставот, Собранието да донесува закони во области и за прашања за кои ќе оцени дека е нужно.

Според тоа, оцената на Собранието на Република Македонија со закон да ја уреди положбата и правата на претседателот на Републиката по престанокот на функцијата и да утврди посебни права на членовите на неговото семејство е негово уставно право, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот од аспект на постоењето на уставен основ за негово донесување.

Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Разгледувајќи ја содржината на одредбите од Законот од аспект на наводите во иницијативата неспорно е дека со Законот, на претседателот на Република Македонија и неговото семејство, по престанокот на функцијата му се утврдуваат права и положба кои се различни од положбата и правата на другите граѓани. Меѓутоа, за оценување на одредбите на овој Закон од аспект на принципот на еднаквоста, нужно е да се согледа нивната функција и цели и да се има предвид дека принципот на еднаквост функционира во еднакви услови.

Имено, претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон по престанок на мандатот за кој е избран и стекнува права утврдени со овој закон во случај на трајна спреченост да ја извршува функцијата за времетраење на мандатот.

Семејството на претседателот на Република Македонија, односно брачниот другар и децата на претседателот, стекнуваат права утврдени со овој закон, во случај на смрт на претседателот по престанокот на мандатот или за времетраење на мандатот, кои се однесуваат на нивните егзистенцијални и социјални потреби.

Оттука, посебните права утврдени со Законот произлегуваат од функцијата претседател на Република Македонија, кои всушност се остваруваат по престанокот на функцијата под услови пропишани со Законот.

Поради тоа, право на законодавецот е да ги утврди и димензионира овие права, бидејќи основот за сите нив произлегува од функцијата претседател на Република Македонија утврдена со Уставот, а се остваруваат по престанокот на функцијата.

Според тоа, интенцијата на одредбите од Законот не е во привилегирањето на одредено лице или лица по престанувањето на функцијата претседател на Република Македонија, туку во уредувањето на статусот и дигнитетот на самата функција, кои се изразуваат преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале.

Вршењето на функцијата шеф на државата, заедно со практичните последици поврзани со државничкото искуство е основ, кој во случајов на оспорениот Закон, го надминува прашањето на еднаквоста помеѓу граѓаните и го поставува односот на државата кон една државничка функција.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Судот, исто така утврди дека членовите 4, 5, 10, 12, 13, 14, 15, 16 и 18 од оспорениот закон биле предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија и Судот со Решение У.бр.145/2004 од 29 декември 2004 година не повел постапка за оценување на нивната уставност.

Имено, во наведеното решение Судот тргнувајќи од член 68 од Уставот како и од Глава ИИИ дел 2 од Уставот кој се однесува на функцијата и положбата на претседателот на Република Македонија во организацијата на државната власт изразил став дека отсуството на изречно уставно овластување за законско уредување на правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата не е пречка Собранието да донесе закон со кој ќе бидат уредени овие прашања поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот од аспект на постоењето на уставен основ за неговото донесување.

Воедно, Судот изразил став дека оспорените одредби не можат да бидат доведени во корелација со член 9 од Уставот имајќи предвид дека интенцијата на Законот не е привилегирање на одредено лице или лица по престанок на функцијата на претседателот на Република Македонија, туку во уредување на статусот и дигнитетот на самата функција кои се изразуваат преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале.

7. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата кои во основа се идентични со наводите од иницијативата по предметот У.бр.145/2004, Судот смета дека нема основи за поинакво одлучување и одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2005
25 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова