У.бр.177/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на “Договорот за продажба на “Македонски телекомуникации” склучен меѓу Владата на Република Македонија и Унгарскиот конзорциум “МАТАВ” на 26 декември 2000 година.

2. Здружението за заштита од монополски услуги “Демос” – Скопје и Цвета Савова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Здружението за заштита од монополски услуги “Демос” смета дека Договорот за продажба на “Македонски телекомуникации” не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51, 52 и 55 став 2 од Уставот, како и со Законот за телекомуникации од следните причини: не била решена приватизацијата на Телеком, бидејќи граѓаните со свои средства ја финансирале изградбата на објектите и мрежата; подлогата на т.н. претплата била неуставна и незаконита; поскапувањето на телефонскиот импулс било нереално; оспорениот акт за купопродажба не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија”.

Цвета Савова смета дека купопродажниот договор бил склучен на штета на државата и граѓаните и бара Уставниот суд да преиспита под кои услови е продаден Телеком кој бил изграден со средства од граѓаните. Според неа, исто така претплатата и цената на телефонските импусли била преголема и нереална и дека “МАТАВ” се богател на сметка на граѓаните.

3. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според известувањето на Владата на Република Македонија, при продажбата на АД “Македонски телекомуникации” склучени се повеќе трансакциски документи и тоа:

– Акционерски договор;
– Договор за купување на акции;
– Договор за услуги;
– Договор за концесија за јавни телекомуникациски услуги и јавни телекомуникациски мрежи;
– Залог на акции;
– Акт на обврзување;
– Одрекување и ослободување:
– Статут на АД “Македонски телекомуникации”.

Договорот за концесија за јавни телекомуникациски услуги и јавни телекомуникациски мрежи согласно Законот за телекомуникации е склучен помеѓу министерот за транспорт и врски и Конзорциумот Матав, а останатите наведени трансакциски документи, се склучени помеѓу министерот за финансии и Конзорциумот Матав.

Меѓутоа, Договор за продажба на “Македонски телекомуникации” склучен меѓу Владата на Република Македонија и Унгарскиот конзорциум “Матав” на 26 декември 2000 година не постои.

Оттука, имајќи предвид дека актот кој се оспорува не е склучен и не постои во правниот поредок на државата, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот поради што одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2003
25 мај 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова