43/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на
седницата одржана на 25 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 171 од
Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.
18/2001 и 4/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија
му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на
членот 171 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во оспорената одредба бил предвиден
посебен случај на одговорност за штета, а постоењето на ваков вид на
одговорност во практиката било многу тешко да се докаже. Ваков вид на
одговорност не можел да постои и од причина што веќе постоело посебно кривично
дело “Неукажување меди- цинска помош” од член 208 од Кривичниот законик. Освен
тоа во Уставот на Република Македонија не постоела посебна уставна одредба –
обврска за давање на помош на лице кога е во опасност како што тоа било
предвидено во членот 247 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија и
членот 196 од Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија,
двата донесени во 1974 година.

Оттаму, смета дека оспорената одредба не биле во согласност со член 8
став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 171 од Законот за
облигационите односи, тој што без опасност за себеси нема да му даде помош на
лице чиј живот или здравје се очигледно загрозени, одговара за штетата што
настанала од тоа, ако тој според околностите на случајот морал да ја предвиди
таа штета (став 1). Ако бара справедливоста, судот може таквото лице да го
ослободи од обврската да ја надомести штетата (став 2).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот на Репу-блика
Македонија, владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и
солидарноста се темелни вредноси на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да
го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да
бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република
Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Тргнувајќи од концептот на Уставот на Република Македонија,
произлегува дека во него не се содржани посебни одредби што го уредуваат
прашањето за посебна одговорност за штета, предизвикана од граѓанин кој на друг
не му пружил помош кога е во опасност, како што тоа децидно го уредувале
поранешните устави на Социјалистичка Федеративна Република Македонија и
Социјалистичка Република Македонија. Според сегашниот концепт на Уставот
принципот на солидарност е издигнат на ранг на темелна вредност на уставниот
поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 8), а граѓанинот е
должен да го чува и унапредува покрај сопственото здравје и здравјето на
другите (член 39 став 2).

Меѓутоа, непостоењето на децидна уставна одредба што би го уредувала
прашањето за посебна одговорност за штета предизвикана со непружање на помош на
граѓанин кога е во опасност, според Судот не значи и забрана ова прашање да
биде уредено со закон, како што е во конкретниот случај со Законот за
облигационите односи, кој во Отсекот 6 содржи повеќе одредби за посебните
случаи на одговорност, меѓу кои спаѓа и оспорената.

Инаку, во оспорената одредба е предвидена индивидуална граѓанскоправна
одговорност за граѓанин кој, без опасност за себе, не пружил помош на друго
лице чиј живот или здравје очиглено се загрозени. Специфичноста на штетното
дејствие се состои во пропуштањето на сторителот на штетата во одредена
ситуација да даде помош и спречи натамошно настанување на штета по однос на
лицето кое се наоѓа во опасност.

Со оглед на тоа што Уставот не ги уредува видовите на одговорност и не
предвидел граѓанскоправната и кривичноправната одговорност да бидат уредени во
еден ист закон, според мислење на Судот постоењето на посебно кривично дело
“Неукажу- вање медицинска помош” од член 208 од Кривичниот законик, како
предвидена кривично- правна одговорност, не е причина поради која оспорената
одредба може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со
Уставот.

Што се однесува до наводот од иницијативата за постоење на тешкотии во
практиката да се докаже постоење на ваков вид одговорност, согласно член 110
алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да оценува дали одредена
одредба со или без потешкотии се применува во практиката, туку, од аспект на
владеење на правото, оценува дали одредена норма е јасна, недвосмислена и
разбирлива, каква што според оцена на Судот е оспорената одредба.

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одредба не би можела да се доведе
под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и
членот 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова
Решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот
Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи,
Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам
Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 43/2005
25 мај 2005 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова