У.бр.73/2004-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 мај 2005 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 9 во делот “обезбедување од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.73/2004 од 9 март 2005 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 9 од Законот за работните односи, работодавецот потребата од работници може да ја задоволи со обезбедување работник преку огласување на јавен оглас во дневниот печат на товар на работодавецот; објавување во службата надлежна за посредување при вработување без наплата; со посредување на службата за посредување при вработување преку упатување на лица за вработување од евиденцијата на невработените лица; обезбедување од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа и преку агенција за посредување при вработување со наплата од работодавец, во согласност со овој и друг закон.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 9 од Законот за работните односи ги утврдува начините на кои работодавецот може да ја задоволи потребата од работници. Меѓу другите начини, овој член од Законот допушта обезбедување на работници од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа.

Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Определбата содржана во членот 9 од Законот за работните односи за обезбедување на работници од страна на самиот работодавец без огласување, според Судот граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.

Вработувањето односно пополнувањето на слободни работни места без огласување со склучување и заверка на договор за работа претставува нерамноправност на граѓаните и ограничување на правото на достапност на секое работно место за оние граѓани кои воопшто не се запознати дека има слободни работни места поради што Судот основано оцени дека членот 9 во оспорениот дел не е во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.73/2004
18 мај 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова