Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2005 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ членовите 35, 75 и 133 став 1 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “Социјалистичка Федеративна Република Југославија” и “Социјалистичка”, членовите 79 став 1 и 2 и 283 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “Службен лист на СФРЈ”, член 133 став 3 во делот “Социјалистичка”, како и членовите 127 став 2, 133 став 2 и 178 став 2 од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.19/1979).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.18/1999 од 5 мај 1999 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со Законот за вонпроцесната постапка се утврдуваат правила на постапката според кои постапуваат и одлучуваат судовите за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон и дека овој закон е донесен во време на важењето на Уставот од 1974 година, односно кога Република Македонија беше во состав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и истиот досега не е усогласен со Уставот на Република Македонија од 1991 година.
Судот на седницата, исто така, утврди дека во оспорениот член 35 од овој закон е предвидено дека за лишување од деловна способност на лице државјанин на Социјалистичка Федеративна Република Југославија надлежен е судот во Социјалистичка Република Македонија, на чие подрачје лицето има живеалиште односно престојувалиште. Ако лицето од став 1 на овој член нема живеалиште односно престојувалиште во СФРЈ, надлежен е судот во Социјалистичка Република Македонија на чие подрачје тоа лице имало последно живеалиште односно престојувалиште.
Според член 75 од Законот, за прогласување на исчезнат државјанин на Социјалистичка Република Југославија за умрено лице е надлежен судот на Социјалистичка Република Македонија, на чие подрачје тоа лице имало живеалиште во време на исчезнувањето. Ако државјанинот на Социјалистичка Република Македонија немал живеалиште во времето на исчезнувањето во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, или тоа неможе да се утврди, месно надлежниот суд ќе го определи Врховниот суд на Македонија.
Во член 79 став 1 од Законот е утврдено дека ако судот утврди дека се исполнети условите за поведување постапка според овој закон, ќе даде оглас во кој ќе се наведат битните околности на случајот и ќе се повика исчезнатото лице, како и секој друг што знае за неговиот живот, да се јави на судот во рок од три месеци од објавувањето на огласот во Службен лист на СФРЈ со укажување дека по истекот на тој рок исчезнатото лице ќе се прогласи за умрено. Според став 2 од овој член огласот се објавува во “Службен весник на СРМ”, во “Службен лист на СФРЈ” и на огласната табла во судот, а ќе се објави и на вообичаен начин и во местото во кое исчезнатото лице имало свое последно живеалиште односно престојувалиште. Судот може да определи огласот да се објави и преку други средства за јавно информирање, како и во странство.
Според член 127 став 2 од Законот, судот во постапката за расправање на оставина внимава дали наследниците или легаторите со наследениот недвижен имот го надминуваат законскиот максимум.
Според член 133 став 1 од Законот, за расправање на оставина на државјанин на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во поглед на неговиот имот кој се наоѓа во Социјалистичка Република Македонија исклучиво е надлежен судот во Социјалистичка Република Македонија.
Според став 2 на овој член од Законот, ако имотот на државјанин на Социјалистичка Република Македонија се наоѓа во друга социјалистичка република, односно социјалистичка автономна покраина, судот во Социјалистичка Република Македонија ќе биде надлежен ако според законите на републиката односно покраината во која се наоѓа имотот не е надлежен судот во таа република односно покраина.
Во став 3 на член 133 од Законот е утврдено дека судот во Социјалистичка Република Македонија исклучиво е надлежен за расправање на оставина на државјанин на Социјалистичка Република Македонија во поглед на неговиот движен имот што се наоѓа во странство, а во поглед на неговиот недвижен имот кој се наоѓа во странство ќе биде надлежен само ако според законите на државата во која се наоѓа имотот не е надлежен странски орган.
Во член 178 став 2 од Законот е предвидено дека правосилно решение за наследување или легат ќе му се достави и на општинскиот орган на управата надлежен за имотно-правни работи, ако се наследува земјоделско земјиште, стан, станбена зграда или деловна просторија за утврдување на сопственичкиот максимум.
Во член 283 од Законот, кој е поместен во главата за поништување на исправи, е утврдено дека огласот се објавува во “Службен весник на СРМ”, а по потреба и во “Службен лист на СФРЈ” или и на друг погоден начин.
5. За разлика од Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, во член 1 од Уставот донесен 1991 година, Република Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава и се утврдува дека суверенитетот во Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Тргнувајќи од наведената уставна одредба, а притоа имајќи предвид дека во оспорените членови 35 и 75 од Законот се утврдува месната надлежност на судот за лишување од деловна способност, односно за прогласување на исчезнато лице за умрено и тоа на начин што оваа надлежност е утврдена во однос на државјанин на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, што беше компатибилно со Уставот од 1974 година, според кој државјаните на Социјалистичка Република Македонија, исто како и државјаните на другите социјалистички републики што беа во состав на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, едновремено беа и државјани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а со оглед на тоа што оваа констатација не кореспондира со Уставот од 1991 година, Судот утврди дека овие членови од Законот во деловите кои се однесуваат на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка” не се во согласност со Уставот на Република Македонија.
Од наведените причини Судот утврди дека не е во согласност со Уставот и член 133 став 1 од Законот во делот на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка”.
Со оглед на тоа што во ставот 2 на член 133 од Законот е утврдена надлежност на судот во Социјалистичка Република Македонија за имот на државјанин на Социјалистичка Република Македонија кој се наоѓа во друга социјалистичка република, односно социјалистичка автономна покраина под услов за тоа да не е надлежен судот на таа република односно покраина, а имајќи предвид дека овие републики односно автономни покраини повеќе го немаат статусот, ниту односот со Република Македонија што го имаа во претходниот систем, во кој тие, заедно со Социјалистичка Република Македонија беа во состав на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како сојузна држава, Судот утврди дека и став 2 на член 133 не е во согласност со Уставот.
Со оглед на тоа што и во став 3 на член 133 од Законот е употребен терминот “Социјалистичка”, кој не е во согласност со карактерот и името на нашата држава утврдени во Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека и ставот 3 од член 133 во овој дел не е во согласност со Уставот.
Имајќи предвид дека според оспорените делови на член 79 став 1 и 2 и член 283 од Законот е определено дека огласите на кои се однесуваат овие членови се објавуваат и во “Службен лист на СФРЈ” кој што повеќе не постои, а од друга страна судовите во Република Македонија повеќе не се обврзани тоа да го прават поради уставната независност и самостојност на нашата држава, Судот оцени дека од овие причини и наведените членови не се во согласност со Уставот.
6. Во врска со прашањето за согласноста на членовите 127 став 2 и 178 став 2 од Законот, Судот утврди дека според член 8 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член од Уставот никому не можат да му бидат одземени и ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Тргнувајќи од уставната гаранција за правото на сопственост и правото на наследување која се изразува во неограниченоста на овие права во поглед на видот и обемот на предметите, како и на правата кои произлегуваат од сопственоста, освен во случаи кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а имајќи предвид дека означените одредби на членовите 127 и 178 од Законот за своја основа ја имаат можноста, односно правната претпоставка со закон да се утврди сопственичкиот максимум во поглед на недвижен имот, според мислењето на Судот со овие одредби на индиректен начин се врши ограничување на правото на сопственост и правото на наследување и тоа пред се на приватната сопственост, на сметка на општествената сопственост која беше иманентна на социјалистичкото општествено уредување, а која повеќе нормативно не егзистира во Уставот на Република Македонија.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека членовите 127 став 2 и 178 став 2 од Законот не се во согласност со наведените уставни одредби.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.18/1999
18 мај 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова