8/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 64 став 1 точка 6 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993 и 55/1995).

2. Фуат Саит и други од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба се повредувал член 9 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Имено, оспорениот член од Законот не предвидувал еднаква заштита за сите граѓани, затоа што потенцирал дека осигурениците сами ги обезбедувале средствата за основна заштита од задолжително здравствено осигурување, што не било согласно со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од Законот за здравствена заштита, како негов составен дел, влегла во сила на 27 август 1991 година.

На 7 април 2000 година влегол во сила Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000), кој со членот 94 предвидува:

“Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат одредбите на член 1 зборовите: “односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита”, членовите 3,4,5 11 до 31, 34 до 45, 58 – 75, 76-б, 76-в, 77, 78, 82 до 89, 182 став 1 точка 1, 183 став 1 точка 1, 184, 185 и 189 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993 и 55/1995)”.

Имајќи ја предид оваа одредба од Законот за здравствено осигурување, Судот оцени дека оспорената одредба од член 64 став 1 точка 6 од Законот за здравствена заштита престанала да важи на 7 април 2000 година.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 64 став 1 точка 6 од Законот за здравствена заштита престанала да важи, Судот согласно посочената деловничка одредба, оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.8/2005
11 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова