7/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Ценовникот за телекомуникациски услуги на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје во делот во кој е утврдена цената на месечната претплата за телефонски приклучок, односно точката 1.3. од Ценовникот донесен во септември 2004 година (пречистен текст).

б) Правилникот за претплатнички однос, донесен од Управниот одбор АД “Македонски телекомуникации” – Скопје на 31 октомври 2000 година, во делот кој се однесува на месечната претплата за телефонски приклучок, односно точката ВИИ-1-в од овој Правилник.

в) Општите услови за засновање претплатнички однос и користење на услугите на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, кои се составен дел на Одлуката бр.30552/1 донесена од Менаџмент колегиумот на АД “Македонски телекомуникации” на 12 јуни 2003 година, во делот кој се однесува на месечната претплата за телефонски приклучок.

2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата наплатата на месечната претплата по телефонски приклучок, која била предвидена во оспорените акти како самостоен основ за плаќање на телефонските услуги не била во согласност со одредбите на членовите 7 и 8 од Законот за облигационите односи и со членот 56 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова од причини што во конкретниот случај за месечната претплата што се наплатувала како надоместок од секој претплатник корисниците на фиксната телефонија од давателот на услугите не добивале никаква услуга, па оттука таа не претставувала цена на услуга, туку АД “Македонски телекомуникации” истата ја вовело користејќи ја монополската положба на пазарот.

Поради ова, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од наведените акти и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.120/2003, У.бр.145/2003 и У.бр.179/2003 од 30 март 2005 ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

Одлуката за измена на регулирани цени на телеко-муникациски услуги бр. 20692/1 од 24 април 2003 година на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, во делот во кој е утврдена висината на цената на месечната претплата по телефонски приклучок, односно член 1 точка 2 од оваа одлука и

Ценовникот за телекомуникациски услуги на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје во делот во кој е утврдена цената на посебното евидентирање и пресметка на дополнително фактурирање на телекомуникациските услуги во внатрешен и меѓународен телекомуникациски сообраќај во процентуален износ од 2% од износот на дополнително фактурирање, односно точката 1.4.7.7. од овој Ценовник.

Во ова решение, кое е објавено во “Службен весник на Република Македонија” бр.27/2005, Судот изрази став дека означените акти кои се оспоруваа со тие иницијативи ниту според доносителот, ни според нивната содржина и форма не претставуваат прописи во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, туку се акти на работење поради што Судот не е надлежен за оценување на нивната согласност со Уставот и со законите.

Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.204/2004 од 20 април 2005 година ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката ВИИ-1-в од Правилникот за претплатнички однос, донесен од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” Скопје на 31 октомври 2000 година, затоа што оспорениот акт престанал да важи, поради што постоеле процесни пречки за одлучување по иницијативата. Имено, Судот во постапката по овој предмет утврди дека Правилникот за претплатнички однос престанал да важи со донесување на Одлуката за одобрување на воведување општи услови за засновање претплатнички однос и користење на услуги на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје бр.30552/1 од 12 јуни 2003 година.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинеја 2 од истиот член на Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот што Правилникот за претплатнички однос престанал да важи и поради тоа Судот со Решение У.бр.204/2004 од 20 април 2004 година ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на точката ВИИ-1-в од овој правилник, а не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива во делот со кој се оспорува оваа точка од Правилникот, Судот утврди дека иницијативата во тој дел треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Што се однесува до Ценовникот и Општите услови за засновање претплатнички однос и користење на услугите на АД “Македонски телекомуникации” кои за прв пат се оспоруваат со оваа иницијатива во деловите кои се однесуваат за месечната претплата по телефонски приклучок, Судот утврди дека овие акти, како и Правилникот за претплатнички однос во времето на неговото важење, не претставуваат прописи во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија ниту според доносителот, ни според нивната содржина. Впрочем, за ваквиот карактер на Ценовникот, Судот се произнесе и во наведеното решение.

Имено, според мислењето на Судот, овие акти не се прописи затоа што не се донесени од орган на државната власт, ниту од организација или институција во вршење на јавни овластувања доверени со закон, туку се донесени од акционерско друштво, конкретно од АД “Македонски телекомуникации”. Овие акти не се прописи ниту според нивната содржина затоа што со нив не се уредуваат на општ начин никакви односи, туку АД “Македонски телекомуникации”, како што произлегува и од нивниот наслов, ги утврдува цените на своите услуги и општите услови за засновање на претплатнички однос, односно склучување на договор помеѓу АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, како давател на јавни телекомуникациски услуги и претплатниците, како корисници на јавните телекомуникациски услуги што ги дава ова акционерско друштво во рамките на својата дејност која ја врши согласно закон и договорот за концесија склучен меѓу надлежниот орган на државната управа и АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, во кој помеѓу другото е регулирана и месечната претплата, како и начинот на менувањето на нејзината цена.

Оттука, со оглед на тоа што ниту Ценовникот, ни Општите услови за засновање претплатнички однос и користење на услугите на АД “Македонски телекомуникации” не се прописи, туку се акти на работење на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, Судот утврди дека според членот 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува согласноста на овие акти во оспорените делови со Уставот и со Законот за облигационите односи, па од тие причини одлучи иницијативата и во делот со кој се оспоруваат овие акти да ја отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.7/2005
11 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова